(Документи)Македонската Православна Црква ќе се преименува, не смееме да го користиме името „Македонија“ и уште многу работи кои „нашите“ владици му ги ветиле на Вартоломеј

t

Бидејќи се поделивме по сите основи, без разлика дали тоа се класни, партиски, родови, европски проповедници наспроти про-руски еретици, Македонци против „северџани“, недостасуваше уште една поделба – поделба по владици.

Некои веруваат и ги бранат ставовите на оние кои сметаат дека треба да сме во единство со Фанар, другите пак, кои ги напаѓаат овие и тврдат дека МПЦ-ОА треба да биде Македонска црква макар тоа значело и да немаме единства со ниту една друга.

Е сега, првиве навидум се посилни и со поголема политичка поддршка. Нели и претседателот на Републиката Стево Пендаровски на Вартоломеј пред некоја недела му вети и поддршка за процесот кон канонско единство со Вселенската патријаршија, што според Пендаровски е „единствен пат“ за добивање на „легитимен“ Томос.

„На средбата беше констатирано дека единствениот пат за добивање на легитимен и целосно прифатен Томос за автокефалност е оној кој го издава Вселенската Патријаршија.“ – стои во соопштението на кабинетот на Пендаровски.

Пендаровски од Истанбул додава и дека едвај чекаме Фанар да ни го додели Томосот за автокефалност од, како што вели – врховното институционално тело во православието.

„Поради тоа очекуваме, како држава и Црква од врховното институционално тело во православието, да ни го додели официјалниот документ за црковна самостојност – Томос за автокефалност.“ – стои во соопшението на Пендаровски.

На крајот, според она што го соопштуваат од кабинетот на претседателот на секуларната Република Македонија, се вели дека Вселенската Патријаршија на нашата Црква – внимавајте на терминот „нашата“ а не „Македонската“ црква – и се признава правото на користење на името Охридска Архиепископија.

„Со одлуките на Вселенската Патријаршија на нашата Црква и се признава правото на користење на името Охридска Архиепископија, што значи црковен континуитет од 1000 години.“ – се вели во соопштението од кабинетот на Стево Пендаровски.

Но каде е подметнувањето.

Не знам дали забележавте, но во последниот дел од соопшетнието на кабинетот на Стево Пендаровски од посетата на Вартоломеј во Истанбул, никаде не е спомената „Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија“, туку само Охридска Архиепископија. Па подметнувањето да биде поверно, се објаснува дека ова значело „црковен континуитет од 1000 години“.

Во продолжение, прочитајте го писмото кое на 9.мај 2022 година до Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА го испраќа Светиот Свештен Синод на Вселенската Патријаршија:

„Светиот и Свештен Синод, кој заседаваше денес, понеделник, 9.мај 2022 година, под претседателство на неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј, исцрпно дискутираше за црковниот проблем на Скопје и оценувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување на тамошната Црква до Мајката-Црква, како и повеќекратните повици од државата Северна Македонија, го одлучи следново:

1) Ги прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква под Архиепископот г.Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи „вино и елеј“ врз раната на нашите тамошни православни браќа. За ова се издава и соодветен Патријаршиски и Синодален акт.

2) Се остава на најсветата Црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има меѓу неа и Црквата во Северна Маекдонија, секако во рамките на светоканонскиот поредок и на црковното предание.

3) Како име на оваа Црква го признава „Охридска“ (подразбирајќи ја областа на нејзината јурисдикција, само во границите на државата Северна Македонија), како што и нејзиниот Претстојател писмено и вети на Вселенската Патријаршија, исклучувајќи го терминот „Македонска“ и каква било друга изведенка од зборот „Македонија“.

Вселенската Патријаршија продолжува да се интересира за растењето, напредокот и благосостојбата на овој црковен ентитет на Охрид, како што и правела низ вековите за сите помесни Православни Цркви, како „сместувалиште на љубовта, извор на благочестието на родот на православните христијани“.
(Митрополит на Драма Павле)

Во Патријаршијата на 9.мај 2022 година.
Од секретаријатот на Светиот и Свештен синод“

Од писмото на Вартоломеј, неминовно произлегуваат неколку дилеми:

Прво, кој е Претстојателот кој ветувал во Фанар на Вартоломеј дека ќе го исклучи терминот „Македонска“ од името Македонска Православна Црква но и секоја изведенка од зборот „Македонија“.

Второ, Охридска Архиепископија според Вартоломеј ќе значи црква која нема да има право на свои цркви во дијаспората, бидејќи според писмото од Фанар, оваа црква ќе има „јурисдикција, само ви границите на државата Северна Македонија).

Трето, што треба да значи тоа „црковен ентитет на Охрид“. Сега не сме МПЦ-ОА туку, црковен ентитет на Охрид?!

Четврто, што мајка бара Стево Пендаровски да се меша во овие работи?

A.Митовски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Вартоломеј повика на заеднички датум за празнување…

Севселенскиот патријарх Вартоломеј денеска ги повика сите…

Денеска се празнува Свети Григориј Двоеслов, папа…

Син на сенаторот Гордијан. И самиот потоа…

Денеска се празнува Свети Тарасиј, патријарх Цариградски

Неговиот претходник, патријархот Павле, тајно го напушти…

Денеска се празнува Светиот апостол Онисим

Еден од седумдесетмината апостоли. Му беше роб…

Денеска се празнува Свети Кирил, учител словенски

Светиот рамноапостолен Кирил, учител словенски (до примањето…