Дрон на аеродромот во Лајпциг носел експлозиви и детонатор?
На аеродромот Лајпциг/Хале е пронајден сомнителен дрон. Според информациите на НДР, ВДР и „Зиддојче цајтунг“, станува збор за беспилотно летало наполнето со експлозивите ПЕТН и Семтекс, пренесува ДВ.
По инцидентот на аеродромот Лајпциг/Хале во текот на изминатата ноќ (4/5.08), стануваат познати нови детали за полициската интервенција. Според истражувањето на НДР, ВДР и „Зиддојче цајтунг“, вработени на аеродромот откриле дрон кој најверојатно имал експлозив и кој, наводно, се наоѓал во непосредна близина на четири транспортни авиони на украинската државна авиокомпанија „Антонов ерлајнс“.
Како што произлегува од доверливи документи на властите, на дронот било прикачено пакување со сомнителна материја. Во него, според документите, се наоѓал и „детонатор“, се наведува во службена белешка. Во документите се претставени и резултатите од повеќе криминалистичко-технички тестови.
Експлозиви ПЕТН и Семтекс
Според документите, првичната проверка од страна на специјалисти за деактивирање експлозиви дала позитивен резултат на нитрати, супстанција способна за експлозија. Вториот и третиот тест првично биле негативни. Четвртиот тест, спроведен од експерти на покраинската полиција на Саксонија, покажал дека пакетот содржи високоексплозивни материи ПЕТН и Семтекс. Овие супстанции се користат, меѓу другото, и во воени цели.
Според истрагата, аеродромот со тоа најверојатно за влакно избегнал катастрофа. Детонаторот во прикачениот пакет очигледно бил откорнат, што најверојатно спречило експлозија, се наведува во документите.
Авион се судрил со објект
Како што произлегува од полициските извештаи, во врска со пронајдениот предмет дошло и до уште еден инцидент. Според нив, товарен авион, кој поради блокадата не можел да слета, во близина на аеродромот, на височина од неколку стотици метри, се судрил со друг објект.
По слетувањето на алтернативен аеродром во Хановер, сојузната полиција документирала лесни оштетувања на предниот дел од авионот.
Полицијата на покраината Долна Саксонија случајот го класифицира како можно кривично дело што е во надлежност на службите за заштита на државата. Подоцна, германското Министерство за внатрешни работи го потврди инцидентот. И портпарол на ДХЛ соопшти дека авион се судрил со „предмет“.
Аеродромот Лајпциг се смета за важен центар за транспорт на воена опрема, вклучително и во контекст на војната во Украина. Пред само две години, таму за малку беше избегната катастрофа: тогаш пакет во логистички центар на ДХЛ, кој бил на пат кон Велика Британија, се запалил уште додека бил на земја. Како што покажа истрагата, станувало збор за операција на руските тајни служби. Во Литванија во моментов им се суди на петмина осомничени членови на наводна саботажна мрежа.
Сè повеќе забележани дронови од почетокот на војната во Украина
Од почетокот на руската агресија врз Украина, и во Германија е забележано зголемување на појавите на дронови, како и случаи на извидување на критична инфраструктура и воени објекти.
Само во првата половина од годинава, Германската служба за контрола на воздушниот сообраќај (ДФС) околу германските аеродроми регистрирала 145 нарушувања на работата поради нелегални летови на дронови. Во најголем број случаи, властите не успеваат да ги идентификуваат пилотите на дроновите.
Во јули во покраината Баварија беше уапсен 37-годишен државјанин на Молдавија, осомничен дека со дрон извидувал компанија од одбранбената индустрија. Мажот бил приведен по дојави од граѓани, додека се наоѓал во близина на просториите на компанијата.
Генералното обвинителство во Минхен води истрага, а според извори од безбедносните кругови, осомничениот можеби дејствувал по налог на руските тајни служби.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Дрон на аеродромот во Лајпциг носел експлозиви…
На аеродромот Лајпциг/Хале е пронајден сомнителен дрон.…
Четворица избодени со нож во Ковент Гарден…
Четири лица се повредени во напад со…
Македонското друштво „Илинден“ – Тирана со барање…
Македонското друштво „Илинден“ – Тирана поднесе официјално…
Србинот кој ќе испаднеше од авион тужи…
Случајот со српскиот државјанин Љубиша Каровиќ, кој…
Перински најавува засилени контроли, под лупа лекувањата…
Новиот директор на Фондот за здравствено осигурување…