Дупка без дно: Планираното задолжување на државава за оваа година се зголеми на 1,5 милијарди евра!

t

Државата планираше да се задолжи со 787 милиони евра, но пресметките паднаа во вода. Растечкта инфација и енергетската криза диктират нови правила. Згора на се и трендот на растот на цената на задолжувањето, па сега се обидуваме да обезбедиме пари и за идната година.

Со иницијалниот Буџет, државата планираше да се задолжи со 787 милиони евра, но со ребалансот планираниот износ на задолжување е дури 1,5 милијарди евра, покажуваат податоците од Министерството за финансии.

Од 545 милиони евра буџетски дефицит, колку што беше предвидено со основниот буџет, со усвоениот ребаланс, разликата меѓу приходната и расходната страна „порасна“ на 695 милиони евра, со што дополнително треба да се позајмат уште 150 милиони евра. Но, освен за покривање на зголемената буџетска дупка, треба да се покријат и достасаните долгови за оваа година во износ од 191,5 милиони евра. Владата најави дека ќе направи и позајмица за идната година, за што е планирано на депозитната сметка да се остават 620 милиони евра.

Според буџетските ставки, државата планира исто задолжување на домашниот пазар како и во иницијалниот буџет – 353,6 милиони евра, додека износот на планираното здолжување во странство драстично се зголемува  – од 345,8 милиони евра  на нешто над 1 милијарда евра.

Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека постои план според кој би се задолжиле со финансиски инструменти со кои ќе се обезбедат подобри услови од тоа што сега е на пазарот.

– На финансискиот пазар сега еврообврзницата е со камата над 8 проценти, а минатата година беше 1,5 проценти. Затоа сега правиме различни комбинации со цел товарот према Буџетот да биде што помал, а да  ги финансираме сите потреби за оваа и за идната година – рече Бесими.

Идните задолжувања повеќе се планираат во странство, но секако, еден дел останува на домашниот терен, а и тука, со зголемување на основната каматна стапка од страна на Народната банка, задолжувањето станува поскапо.

Факт е дека сите земји сега се растрчани по пари. Земјите, зависно од способностите на нивните економии ќе успеват да ги враќаат тие парите, или пак ќе ги репрограмираат кредитите и со нови задолжувања ќе крпат стари дупки.

Добрата вест е што јавниот долг во Македонија се намалува откако го достигна највисокото ниво од 61 процент од бруто домашниот производ во 2020. Во 2021 година тој изнесуваше 60,8 проценти, а според последните расположливи податоци од Министерството за финансии, тој изнесува 57,1 проценти од БДП, односно во апсолутен износ – 7,17 милијарди евра. Но, новите најавени задолжувања ќе креираат и нов раст, како во апсолутен износ, така и во релативен како процент од БДП.

Од Буџетот се очекува да се покријат трошоците за тековно функционирање на институциите, да се реализираат капитални инвестиции, но и да се имплеметираат мерки за кои се потребни пари, со цел да се сузбие силниот удар од енергетската криза и од инфлацијата. И покрај високите износи на предвидените задолжувања, ниту ќе има пари за масовна поддршка каква што беше во шпицот на панедемијата, ниту па тоа е препорачливо во време на висока инфлација. Мерките, како што најави Владата, ќе бидат строго таргетирани.

– За директни мерки како директна поддршка, Министерство за финансии е при крај на дизајнирање на нов пакет мерки во соработка со Стопанските комори. Согласно можностите кои ги има државата, мерките ќе бидат таргетирани за ранливите групи на граѓани кои имаат најголема потреба за помош. Таква поддршка ќе има и најверојатно ќе почне да се реализира од септември – изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Поранешниот шеф на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во земјава Бишваџит Банерџи во интервју за МИА оценува дека сегашното опкружување ја отежнува задачата за фискалната политика.

– Буџетот се соочува со притисок да се справи со повисоките трошоци на живот и да ја исполни долгорочната посветеност за „зелена” економија. Така, целта треба да биде зајакнување на производниот капацитет на економијата. Ова може да се направи преку зголемување на ефикасноста; пренасочување на расходите кон инвестициски активности коишто промовираат раст; зголемено инвестирање во човечки капитал, доколку тоа го дозволува фискалниот простор; зголемување на учеството во глобалната производна мрежа преку поттикнување прилив на странски директни инвестиции во сектори кои произведуваа производи со поголема додадена вредност за извозот – изјави Банерџи.

Извор: Слободен печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонките се мажат најмлади во регионот, на…

Жените во Македонија најмлади стапуваат во брак…

Ново задолжување од 99 милиони евра –…

Македонија повторно се задолжува, а најновиот заем…

Левица: 394 милиони евра нови задолжувања во…

Само за два месеца Владата нè задолжи…

ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ГЛАСА И СО…

Пратениците денеска го изгласаа Изборниот законик, со…

Исчезна 14-годишната Ринеса: Ако имате било каква…

Новинарот Фуркан Салиу, објави дека е исчезнато…