Дурмиши: Потрошувачката кошница во август изнесувала 58.475 денари
На едно четиричлено семејство во август му биле потребни 58.475 денари за минимални трошоци, објави Министерството за економија и труд. За храна и пијалоци му биле потребни 21.132 денари, а за здравствени услуги 1.429 денари.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска на прес-конференција ја претстави потрошувачката кошничка пресметана од Министерството, која рече се базира на податоци од релевантни институции.
– При пресметката се користат податоци од Државниот завод за статистика, цените на производите во осум градови, податоци од 23 пазари за овошје и зеленчук, како и цените на најпродаваните прехранбени производи во петте најголеми и три регионални трговски синџири – рече Дурмиши.
Вели дека во однос на јули, потрошувачката кошница во август била зголемена само за 29 денари, а трошоците за храна и пијалоци намалени за 255 денари.
Во однос на јануари годинава, кога кошницата изнесувала 56.381 денари, во август е повисока за приближно 2.095 денари, односно за 3,7 проценти.
Дурмиши вели дека станува збор за различна методологија во однос на синдикалната потрошувачка кошничка која за истиот месец пресмета минимални трошоци од 68.676 денари и дека методологијата на Министерството ја следи реално остварената просечна потрошувачка на домаќинствата.
– Ние ги почитуваме синдикатите и нивната улога во заштитата на работничките права. Но, мора јасно да кажеме дека станува збор за две различни методологии. Не сакаме да навлегуваме во натпревар чија кошница е повисока или пониска. Нашата цел не е да ги минимизираме трошоците на граѓаните, туку да обезбедиме објективна и транспарентна слика за потрошувачката, рече Дурмиши.
Во пресметката на Министерството за економија, се земени и податоци од последниот Попис според кој 95 проценти од населението живее во свој дом.
Новата методологија ќе биде разгледана на новата седница на Економско-социјалниот совет закажана за 19. овој месец.
На неа, според најавите, ќе се разговара и за минималната плата, но Министерството останува на ставот дека за зголемувањето треба да се договорат синдикатите и работодавачите.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ИРАН СО УЛТИМАТУМ ДО САД: Престанете да…
Иран испрати остра порака до Соединетите Американски…
Мерц се закани дека ќе го блокира…
Германскиот канцелар Фридрих Мерц се закани дека…
Американски функционер тврди дека Русија и Украина,…
Русија и Украина со добра волја пристапуваат…
Експлозија во турска челичарница: Загинаа 16 луѓе,…
Најмалку 16 лица загинаа, а 13 се…
Трагедија кај Крит: Четиринаесет мигранти загинаа при…
Четиринаесет мигранти загинаа во обид со чамец…