„Европската интеграција отвора нови можности за инвестиции, развој и економски партнерства“, рече министерот Сали од Бизнис форумот во Истанбул

t

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на Бизнис форумот Северна Македонија – Турција во Истанбул, каде ја истакна важноста од продлабочување на економската соработка и создавање нови партнерства меѓу двете земји.

Во своето обраќање, Сали нагласи дека Северна Македонија и Турција негуваат исклучително блиски и пријателски односи изградени врз доверба, заемна почит и долгорочно партнерство.

Тој истакна дека Турција е еден од најзначајните економски партнери на државата, со значајно присуство на турски компании во индустријата, инфраструктурата, банкарството, образованието и туризмот, кои придонесуваат за економскиот развој и отворањето работни места.

Осврнувајќи се на владините приоритети, министерот Сали потенцираше дека Реформската агенда и Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан претставуваат значајна можност за економски напредок и поголема конкурентност.

„За првпат европската интеграција е директно поврзана со конкретни инвестиции, економски раст и постепена интеграција во Единствениот европски пазар. Тоа создава нови можности за компаниите, инвеститорите и граѓаните“, истакна Сали.

Тој ги охрабри турските компании активно да ги искористат можностите што ги нудат ИПА фондовите, Планот за раст на ЕУ и Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), посочувајќи дека Коридорите VIII и X остануваат стратешки инфраструктурни проекти од регионално значење.

Сали нагласи и дека постои голем потенцијал за соработка во обновливите извори на енергија, дигиталната трансформација, иновациите, современите технологии и производствениот сектор, оценувајќи дека европската интеграција претставува процес на модернизација, конкурентност и просперитет.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Трамп: Марин Ле Пен е конзервативниот глас…

Американскиот претседател, Доналд Трамп, оцени дека лидерката…

ЕУ бара Маск да ги врати неограничените…

Европската Унија ги оцени како длабоко загрижувачки…

Виткоф: постигнат дипломатски напредок во напорите за…

Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф, по денешната…

Првични извештаи за засилена активност на израелската…

Засилена активност на израелското воено воздухопловство е…

(Видео) Голем пожар на дива депонија меѓу…

Голем пожар избувна на дива депонија лоцирана…