ЕУ не ги признава руските избори во анектираните украински територии

t

Европската Унија остро го осудува одржувањето на руските нелегитимни т.н. „избори“ во Автономната Република Крим и градот Севастопол и во делови од регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Керсон во Украина, кои Русија привремено ги окупираше, се вели во денешната реакција на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел за регионалните и локалните избори што од 8 до 10 септември беа организирани во Русија и на териториите на Украина под руска контрола.

– Решително го отфрламе овој натамошен залуден обид на Русија да ја легитимира или нормализира својата нелегална воена контрола и обидот за анексија на делови од украинските територии. Тоа претставува уште едно очигледно кршење на меѓународното право, вклучувајќи ги и Повелбата на ОН и независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Европската Унија не ги признава и нема да ги признае ниту одржувањето на овие т.н. „избори“, ниту нивните резултати, наведува Борел во изјавата упатена во име на Европската Унија.

Тој, како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, потенцира дека овие избори во Украина се одржаа во услови на „присилно и незаконско доделување пасоши од страна на Русија, вклучително и на деца, принуден трансфер и депортација, широко распространето и систематско кршење и злоупотреба на човековите права, како и заплашување и зголемена репресија врз украинските граѓани од Русија и нејзините нелегитимно назначени власти на привремено окупираните територии на Украина“, додавајќи дека руското политичкото раководство и оние кои се вклучени во организирањето на изборите ќе се соочат со последиците од овие незаконски активности.

– Европската Унија ја поздравува храброста на украинските жители кои се спротивставија на лажното гласање и продолжуваат да се спротивставуваат на руската окупација. Европската Унија останува цврсто посветена на поддршката на Украина и нејзината независност, суверенитет и територијален интегритет. Русија мора веднаш, целосно и безусловно да ги повлече сите свои војници и воена опрема од целата територија на Украина во нејзините меѓународно признати граници, потенцира Борел.

Тој натаму нагласува дека изборите во Русија се одржале во услови на многу ограничувања поради руската агресија врз Украина, зајакната внатрешната репресија со воведување воена цензура и натамошно сузбивање на опозициските политичари, граѓанските организации, независните медиуми и другите критички гласови, со употреба на репресивно законодавство и политички мотивирани казни.

– Ова резултираше со ограничувања на граѓанските и политичките права, спречувајќи многу кандидати да се кандидираат и ограничувајќи го изборот на руските гласачи и пристапот до точни информации за кандидатите. Европската Унија изразува жалење за континуираниот притисок врз независната група за набљудување избори Голос, вклучително и притворањето на нејзиниот копретседавач Григориј Мелкоњанц и ја повикува Русија да обезбеди продолжување на мониторингот на изборите, вклучително и од страна на ОБСЕ. Европската Унија продолжува да ја повикува Русија да ги исполни своите меѓународни обврски во однос на човековите права и основните слободи и да го укине своето репресивно законодавство, додава Борел во изјавата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Блинкен: Ако Кина не го реши проблемот…

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен се закани…

Шојгу: Мора да спречиме шарени револуции во…

Земјите-членки на Шангајската организација за соработка (ШОС)…

Грција нема шанси да испрати во Украина…

Грција нема шанси да испрати во Украина…

Русите уапсија двајца нивни војници за грозоморни…

Двајца руски војници се приведени под сомнение…

Полска: НАТО треба да избегнува да ја…

Северноатлантската алијанса треба да избегнува провокации против…