ЕУ отпушта 3 милијарди евра за Украина по спроведени реформи
Амбасадорите на земјите од ЕУ потврдија дека Киев успешно спровел 10 различни реформи за време на состанокот во Брисел, со што е отворен патот за исплата на 3 милијарди евра (3,4 милијарди долари) финансиска поддршка за Украина.
Договорот беше постигнат неколку часа по средбата меѓу претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и украинскиот претседател Володимир Зеленски. За време на разговорите, Фон дер Лајен потсети дека Украина може да добие до 37 милијарди евра (42 милијарди долари) финансиска поддршка во 2026 година, доколку ги спроведе претходно договорените реформи.
Реформите се дел од т.н. План за Украина – список на промени што Киев треба да ги спроведе за да ја унапреди својата кандидатура за членство во ЕУ, да го подобри функционирањето на државните институции и да добие финансиска поддршка од Унијата.
Меѓу одобрените реформи се промените во декларациите за интегритет на судиите, назначувањето нов оператор на пазарот на електрична енергија, план за надминување на разликата во платите меѓу мажите и жените, како и закони за подобрување на безбедноста во сообраќајот.
Разновидноста на реформите покажува колку е сеопфатен Планот за Украина, но исто така укажува и на тоа колку работа останува да биде завршена, објави „Киев Индипендент“.
Темпото на реформите во Украина заостанува зад роковите предвидени во планот. Овој пат, сепак, барањето за исплата, поднесено од Киев, вклучуваше комбинација од реформи што биле задоцнети и други што биле спроведени пред рокот.
Притисокот за спроведување на реформите останува силен, бидејќи претседателот Володимир Зеленски посочи буџетски недостиг од 27 милијарди долари за 2026 година, а ЕУ повеќепати нагласува дека спроведувањето на реформите е услов за доделување дополнително финансирање.
Во текот на претходната недела, еврокомесарите за економија и проширување Валдис Домбровскис и Марта Кос го повикаа парламентот да го забрза темпото.
Тие потсетија дека до крајот на 2026 година Украина може да добие повеќе од 20 милијарди евра (23 милијарди долари), доколку ги исполни сите обврски од Планот за Украина и од втората линија за финансирање – макрофинансиската помош.
Последната е условена со барања што се усогласени со условите поставени пред Украина и од друг клучен кредитор – Меѓународниот монетарен фонд.
Двајцата еврокомесари доставиле и прилог со точниот список од 21 реформа што треба да се спроведе. Меѓу нив се стратегија за борба против корупцијата, поедноставување на администрирањето на ДДВ за индивидуалните претприемачи и неколку правила насочени кон спречување на перењето пари.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ЕУ отпушта 3 милијарди евра за Украина…
Амбасадорите на земјите од ЕУ потврдија дека…
Mицкоски: Наместо со ЕУ интеграциите да си…
Премиерот Христијан Мицкоски во понеделникот се обрати…
Памер: Македонија направи одлична работа и ќе…
„Северна Македонија направи одлична работа во однос…
Русија нападна десет украински региони за една…
Во изминатите 24 часа руските сили нападнаа…
РУСКИ ДРОН УБИ СВЕШТЕНИК ВО УКРАИНСКИ МАНАСТИР…
Руски FPV-дрон удрил во манастир во селото…