Заклучоци и проекции за Македонија и за македонскиот народ на професорот Томе Батковски напишани пред триесет години: Ова треба да биде водич и правила на лидерите на оваа држава
Деновиве во новинарско истражување низ историските архиви е пронајден документ од поновата македонска историја што датира непосредно по осамостојувањето. Според оцените на многумина интелектуалци, професори и дипломати со кои се консултиравме деновиве, документот претставува „научна есенција за стратегиските насоки за развојот на младата македонска држава“.
Автор на текстот, во кој од оваа временска дистанца навистина се потврдува една научна вистина и може слободно да се нарече и „водич и правила за некогашните, сегашните и идните лидери на нацијата и државата“, е професорот Томе Батковски. Неговиот труд е презентиран на научниот собир во организација на МАНУ и Институтот по национална историја, одржан на 17-18 ноември 1994 година.
Материјалот содржи извонредни заклучоци и проекции за Македонија и македонскиот народ, при што неговото теоретско јавно претставување пред речиси 30 години се покажува како апсолутно вистинито, неговата актуелност е недвосмислена, а потребата од негова применливост (општествено-политичка и безбедносна) се покажува како неопходност!
Во таа насока, за сите граѓани на Македонија, редакцијата на „Нова Македонија“, поаѓајќи од својата мисија, визија и уредувачка политика, го објавува документот во целост, интегрално.
Педесет години по Првото заседание на АСНОМ, во услови на постоење на самостојна, суверена и независна Република Македонија, но, наедно, сѐ уште во време на незгаснати освојувачки и разбивачки апетити спрема македонскиот простор и битието на македонската нација, пожелно е покритичко и посестрано пристапување кон прашањето на изградување на нејзината национална (државна) стратегија. Во таа смисла, сметам дека, од теоретски, практично-политички и безбедносен аспект, е потребно свртување кон одлуките на овој историски настан, зашто, колку и да изгледа парадоксално, токму во услови на самостојност (како и кај други нации што формираа свои самостојни држави „излегувајќи“ од постојните федерации) пред македонската нација со многу поголема општествена нужност и ургентност се истакнува проблемот на натамошното опстојување и развивање, што, пак, има своја јасно изразена и незаобиколива историска димензија. АСНОМ го прокламира создавањето на македонската државност и во рамките на југословенската федерација беше продолжена нејзината градба. Сега треба да биде дефинитивно вообличена и завршена македонската државна зграда.
Првото заседание на АСНОМ претставуваше чин на државноправно конституирање на македонската нација со формирање на македонската држава како рамноправна федерална единица во Демократска Федеративна Југославија. На овој настан од исклучително историско значење за зачувувањето и доизградувањето на македонското национално битие беа донесени акти од државноправно и уставно значење, меѓу кои посебно треба да се имаат предвид следниве: Решението за прогласување на АСНОМ како врховно законодавно и извршно народно претставничко тело и највисок орган на државната власт во Македонија; Решението за одобрување на решенијата, заповедите и задолженијата земени од Главниот штаб на НОВ и ПО за Македонија; Декларацијата за основните права на граѓаните во Македонија и Решението за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава. Со овие акти оригинерно беше решено прашањето на организацијата на највисоките органи на државната власт во Македонија и некои други прашања на државната власт во Македонија и прашања на државната организација и политичкиот систем, како, на пример, положбата на националните малцинства, за кои е речено (точка 2 од Декларацијата) дека им се осигуруваат сите права на слободен национален живот.
Одлуките на Првото заседание на АСНОМ означија, по формирањето на Србија, Бугарија и Грција како национални држави во 19 век и на Албанија во втората деценија од овој век, формирање национална држава на македонската нација, како последна во овој дел на Балканот. Имено, тие претставуваа неоспорен факт, но, во исто време, носеа тешко историско бреме. Имено, со создавањето на македонската држава беше запрено натамошното угнетување, обезличување и уништување на припадниците на македонската нација на еден дел од нивната етничка територија, но остана историската одговорност за зачувувањето на националната самобитност на Македонците во Бугарија, Грција (односно Пиринска и Егејска Македонија) и во Албанија; беа примирени, но не и дефинитивно запрени националистичко-експанзионистичките сили во соседните земји насочени, во крајна линија, кон територијални посегања спрема просторот на македонската држава; беа промовирани нови национално-општествени вредности, но присутни беа и рецидивите од минатото, пред сѐ како последица од систематски и долготрајно реализираните туѓи пропаганди и, пошироко, влијанија меѓу македонското население.
Покрај разликите на идеолошко-политички план, што како неминовност ги донесе воспоставувањето на новата социјалистичка власт по август 1944 година, поларизацијата и тонусот во политичката свест меѓу припадниците на македонската нација ги карактеризираше, имено, мората на историското бреме, и тоа на основната релација: можно – остварливо (во дадените историски околности) во поглед на битните интереси на Македонците на нивниот етнички простор; проклетството на разните „манства“ (бугароманство, србоманство…) се заканува со својата „судбоносност“ на подолг период да го оневозможи вистинското политичко обединување на Македонците околу генералната линија на нивниот опстанок и развиток; често поделбите и омразата меѓу самите Македонци се изразени до тој степен, што ги прават неспособни и неподготвени за навремено и објективно согледување на процесите и односите во самата земја и околу неа, кои се насочени кон разбивање на битието на нивната нација и целината на нивниот простор.
Во поглед на нацијата и територијата, што покрај власта се основни белези на секоја држава, треба да се каже дека со одлуките на АСНОМ се направи „синтеза на нацијата и нејзините интереси и се заврши едно историско поглавје од борбата на македонскиот народ за негово самоопределување“. Со асномските одлуки за првпат во својата историја македонскиот народ е прифатен во меѓународната заедница со својот национален идентитет. Со авнојските и асномските одлуки се обезбеди „единство на нацијата, иако македонската држава се конституира на еден од деловите на Македонија – врз овие одлуки СР Македонија можеше во својот Устав да ја утврди должноста да се грижи за македонското национално малцинство во соседните земји“.
Стратегиската основа на воспоставувањето на новата социјалистичка власт беше насочена кон конституирање на национална држава на македонскиот народ како федерална членка на југословенската федерација, во која рамноправно ќе ги остваруваат своите национални права и припадниците на националните малцинства. При посматрање на релацијата АСНОМ – македонска држава – македонска нација – државна територија, треба да се има предвид единството на македонската нација (како државотворна) и територијата како политичко-географско-историски однос со битно влијание врз опстојувањето на Македонецот – како составен дел од неговата историја и неговото национално битие. Тоа значи дека секое поголемо нарушување на структурата на населението што ќе биде на штета на припадниците на македонската нација на дадената територија – претставува, всушност, загрозување на безбедноста на државата Македонија.
Припадниците на македонската нација преку оружена борба, заедно со другите југословенски народи против фашистичките окупатори, ги создадоа основните историско-политички претпоставки за својата национална независност и слобода. АСНОМ беше круна на таа борба – македонската држава е резултат на организираните настојувања за реализирање на единството на историските интереси на македонската нација. Ниту слободата ниту државата Македонците не ја добија од никого, затоа имаат природно и легитимно право (преку македонската држава) на заштита на единството на својата нација и територија, а притоа водејќи сметка за остварувањето на правата на националните малцинства во согласност со светските стандарди во дадениот историски момент. Наедно, тие имаат природно и легитимно право да се грижат, што значи да преземаат конкретни мерки и активности на меѓународен план (во мултилатералните и билатералните односи) за реализирање на правата на македонското национално малцинство во соседните и други држави.
Од аспект на третиранава тема, потребно е кратко свртување кон опкружувањето на Република Македонија од историски агол, при што би требало да се има предвид следново:
– македонскиот простор е редок пример во Европа по тоа што претставува изразена зона на судири на интересите на државите што ја опкружуваат;
– национализмот и територијалните посегања од соседните држави спрема македонската територија со вклучување па одредени големи сили во дадениот историски период (Отоманската Империја, Русија, Австро-Унгарија, фашистичка Германија, фашистичка Италија, Велика Британија, СССР). Всушност, задоволувањето на националистичките барања на соседите за одредена голема сила значело само нивно користење за остварување на сопствените сфери на влијание во овој дел на Балканот и Европа;
– непризнавањето на македонската нација со спроведување политика на денационализација и асимилација, кои имаат оставено најтрагичен печат врз македонскиот човек;
– антимакедонската пропаганда како историска константа на националистичките посегања спрема Македонија;
– малобројноста на македонската нација вo однос на нациите што ја опкружуваат претставува нејзин објективен хендикеп;
– границите на Македонија, имајќи го предвид констатираното, лесно станувале и можат да станат извор на напнатост, односно „балканизација“.
Кога станува збор за современите безбедносни аспекти од опкружувањето на Македонија, може да се каже дека доаѓа до ревитализирање (одмрзнување) на стари експанзионистички шеми спрема нејзиниот простор. Заеднички именител и јасен индикатор за експанзионистичките намери на националистичките сили кај соседите претставува непризнавањето на македонската нација, односно негирањето на нејзиното историско право да опстојува на дел од сегашната територија на Македонија. Преку негирањето на постоењето, односно самобитноста на Македонците, се прави простор за реализирање на територијалните претензии спрема Република Македонија. Имајќи го предвид историското искуство, треба да се очекува дека при операционализирањето на ревитализираните (одмрзнатите) експанзионистички шеми, националистичките сили ќе се потпираат (или ќе настојуваат да се потпрат) врз оваа или онаа велика сила, што ќе биде во зависност од поклопувањето на меѓусебните интереси и дадениот однос на силите на поширок меѓународен план. Притоа, не треба да се очекува примена на воена сила – во современиот свет државите настојуваат своите стратегиски политички цели да ги реализираат со примена на невоени средства и методи, а тоа значи преку реализирање широк дијапазон на разузнавачко-субверзивни дејства на подолга патека, што, паралелно, се проследени со официјални изјави за пријателство и соработка (позната тактика на „успивање на жртвата“ на меѓународна сцена).
Во основа на изградувањето на национална (државна) стратегија се наоѓа објективното и навремено согледување на општествените конфликти на внатрешен и надворешен план, кои директно или индиректно влијаат врз загрозувањето на битните елементи на државата – територијата, населението и власта, односно идентификувањето и проценувањето на интегративните и дезинтегративните (во однос на државата) процеси, односи и сили.
Според теоријата на конфликти, противречностите во областа на културата, односно на нормите на разни општествени групи, можат да бидат причина за делинквентна дејност. Таму каде што постои „културен хибридизам“, иде кон конфузија во нормите на однесување, остри конфликти, уништување на општествената контрола и, најпосле, кон распространето непочитување на законот. Според теоријата на поткултурата, што е произлезена од теоријата на конфликтите, поткултурата и општата култура можат да бидат во конфликтен и неконфликтен однос. Пример за конфликтен однос претставува делинквентната поткултура, за која се карактеристични сопствени норми на однесување, сопствен систем на вредности во кој позитивно се вреднува криминалното однесување. Делинквентната поткултура најпрво се јавува таму каде што доаѓа до поврзување на делинквентната и неделинквентната средина, односно за да се исполни една незаконита улога, таа мора да има поддршка во непосредната средина, да дојде до поврзување на носителите на општопризнаени вредности со носителите на криминални вредности.
Македонија ја карактеризира, покрај постоењето на македонската нација како државотворна и најмногубројна, и постоење на повеќе национални малцинства и етнички групи; покрај Македонската православна црква егзистираат и други верски заедници и секти (мали верски заедници). Тоа, објективно, ја усложнува општествената состојба, ставајќи ја власта пред тешка задача да изнаоѓа доволно легални канали за задоволување на политичките, националните, етничките, верските и културните права на сите свои граѓани. Паралелно на површината на општествениот живот избиваат национални, политички и верски конфликти, кои ја загрозуваат, односно можат да ја загрозат, безбедноста на државата.
Целиот текст прочитајте го тука.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Хакери поврзани со Северна Кореја планирале да…
Компанија за кибербезбедност и управување со глобални…
Уапсен 19-годишен Македонец во Белград за обид…
По налог на Вишото јавно обвинителство во…
САД се подготвуваат за нов напад? Третиот…
Американскиот носач на авиони „УСС Теодор Рузвелт“…
Естонија на 1 декември ќе ја затвори…
По синоќешниот обид за саботажа во естонската…
ОН: До 2100 година Македонија може да…
Алармантни податоци за демографската слика во Македонија.Доколку…