Законот за органодарителство денеска е на седница во Собранието, граѓаните сами ќе одлучуваат дали ќе бидат донори
Министерот за здравство, Азир Алиу, најави значајни измени во Законот за дарување и трансплантација на органи, оценувајќи дека станува збор за еден од најважните и најхуманите чекори во македонскиот здравствен систем.
Една од клучните измени предвидува проширување на можноста за дарување органи меѓу сродници. Наместо досегашното ограничување до трето колено, со новите измени ќе биде овозможено дарување и меѓу лица кои се во четврто колено сродство, во согласност со светските стандарди.
„Ова значително ќе го зголеми бројот на потенцијални дарители на органи во системот“, изјави Алиу.
Министерот посочи дека најголемата новина се однесува на начинот на давање согласност за органодарителство. Наместо одлуката да ја носат членовите на семејството во моменти на голема болка и стрес, граѓаните ќе имаат можност однапред самите да се изјаснат дали сакаат да бидат донори.
Според најавите, по стапувањето на законот во сила, при секоја посета кај матичен лекар, преку системот „Мој термин“ ќе се појавува прашање дали пациентот се согласува да биде потенцијален дарител на органи по клиничка смрт. Без одговор на ова прашање, матичниот лекар нема да може да пристапи до здравствениот картон на пациентот.
Одговорите ќе се евидентираат во посебна база на податоци, што ќе им овозможи на здравствените установи и стручните тимови во секој момент да располагаат со информации за потенцијалните донори.
Алиу нагласи дека паралелно ќе се работи и на намалување на административните процедури, со цел процесот на трансплантација да биде побрз и поефикасен.
„Дарувањето органи е врвен чин на хуманост и човечност. Верувам дека многу полесно е секој сам да одлучи за своето тело, отколку тоа да го прави семејството во исклучително тежок момент“, рече министерот.
Тој најави и широка јавна кампања во која ќе бидат вклучени повеќе институции, со цел граѓаните да бидат подобро информирани за значењето на органодарителството.
Алиу истакна дека лично ќе биде меѓу првите кои ќе дадат согласност за да станат потенцијални дарители на органи.
Доколку законот биде усвоен без амандмани, како што очекува министерот, тој би можел да стапи во сила осум дена по неговото објавување во Службен весник.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Законот за органодарителство денеска е на седница…
Министерот за здравство, Азир Алиу, најави значајни…
Ситуацијата на границата со Русија е нестабилна,…
Земјите што граничат со Русија мора да…
Украина лансирала 660 дронови кон Русија и…
Руската војска кажа дека пресретнала 660 украински…
Министерството за финансии на САД привремено укинува…
Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави…
46-ти МАРШ НА АНГЕЛИТЕ во Кочани викендов
Парк на Револуцијата – Кочани 27.06.2026 (сабота)…