ЗАКОПАНИ МИЛИОНИ ПРОНАЈДЕНИ ВО УНГАРИЈА – запленети речиси 20 милиони долари во истрага против поранешен министер на Орбан

t

Унгарската Национална служба за обновување и заштита на имотот (NVVH) откри и заплени закопани и скриени пари во Будимпешта и во окрузите Пешта, Бекеш и Ноград, во рамки на истрага за поткуп против Миклош Сештак, поранешен министер за регионален развој во владата на Виктор Орбан, соопштија унгарските власти.

За време на дводневните претреси, спроведени на 12 и 13 ноември, биле пронајдени 5.071.632.000 форинти, 2.658.350 евра и 1.257.100 американски долари. Парите биле закопани во шуми, скриени во земјоделски и магацински објекти, како и во станбен имот. Дел од нив биле чувани во скап сеф, на тајна локација.

Вкупната вредност на пронајдените пари изнесува околу 6,5 милијарди форинти, односно приближно 19,5 милиони долари. Финансискиот министер Андраш Кармана соопшти дека 12 службеници од Државниот трезор ги броеле парите осум часа, користејќи пет машини за броење.

Сештак беше министер за национален развој во третата влада на Орбан, од 2014 до 2018 година, и пратеник од Христијанско-демократската народна партија (КДНП), сателитска партија на Фидес.

Тој беше приведен на 28 септември, а два дена подоцна Централниот окружен суд во Буда му одреди притвор. Според медиумските извештаи, тој е првиот унгарски министер уапсен по падот на комунизмот во 1990 година. Притворот му е продолжен до 30 јануари 2027 година.

Сештак е осомничен дека примал поткуп во шема поврзана со државната транспортна компанија и набавка на рециклирани автобуси по вештачки зголемени цени. Според порталот „444.hu“, вкупниот износ на сомнителните поткупи достигнува 12,6 милијарди форинти.

При претходен претрес, истражителите пронашле два празни сефа во објект поврзан со Сештак. Секој од нив тежел по 1,66 тони. Постојат сомневања дека во сефовите биле чувани девет милијарди форинти, кои биле изнесени пред неговото сослушување.

Сештак негира дека поседувал таква сума и тврди дека во сефовите имало само документи. Тој ги отфрла и сите обвиненија против него.

Премиерот Петер Маѓар победи убедливо на изборите во април, со што стави крај на 16-годишното владеење на Орбан. Во кампањата вети истрага за корупцијата и злоупотребата на власта.

Покрај Сештак, во притвор се и уште двајца министри од времето на Орбан, како и Арон Орбан, братот на поранешниот премиер. Уапсен е и поранешниот гувернер на централната банка, Ѓерѓ Матолчи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Орбан: На барање на Унгарија создадена иницијатива…

Групата „Пријатели на мирот“ на земји од…

Oрбан: Унгарија нема да прима мигранти

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека…

Орбан: Економските проблеми ќе ја сменат позицијата…

Што повеќе економиите во ЕУ стагнираат, толку…

Орбан бара промени во ЕУ, луѓето сакаат…

Дојде време да се замени доминантниот дискурс…

Инфлацијата во Унгарија: Денес со прва двоцифрена…

Инфлацијата во Унграија денес се покачи на…