Заради големото поскапување на струјата, енормно зголемена продажбата на огревно дрво

t

Енормно е зголемена побарувачката на огревно дрво. Сопствениците на стовариштата и плацовите за продажба во разговор со „Локално“ вчудоневидени објаснуваат дека само во текот на изминатиот месец регистрирале продажба која е за 20 пати поголема од истиот период минатата година.Како невообичаен го посочуваат фактот дека за разлика од порано кога луѓето вообичаено купувале во август сега најголемиот број купиле огревно дрво уште во мај.

“Минатиот месец продадов 3000 кубни метра дрво,количина која порано ја продавав во текот на 3 месеци“, вели сопственик на стовариште во Македонски брод.

Идентично искуство имаат и во стовариштето „Воденица Ком’’ .Ги продале сите дрва и во моментов единствено им преостанува да ги одбиваат сите оние кои бараат да купат. Најголем дел од купувачите им се стари муштерии кои одлучиле сега да се снабдат до дрва за огрев бидејќи се плашат дека подоцна веќе нема да има, но и дека ќе бидат поскапи.

Карактеристичен е фактот дека се повеќе има и граѓани кои во изминатите години од шпорети на дрва се префлија на греење со пелети и инвертери, а сега се вратија на дрвата.

“Струјата постојано поскапува, но прашање е и дали оваа зима ќе ја имаме доволно. Во ваква ситуација- греењето на дрва е најсигурната и најисплатливата варијанта’’, објаснуваат граѓаните за „Локално“.

Оние кои сеуште не успеале да купат се плашат дали ќе успеат да најдат доволно и по која цена. Сопствениците на стовариштата предупредуваат на можна криза поради задоцнетата сеча на огревното дрво. Според нив причината поради која “Мзкедонски шуми’’ навреме не си ја завршила обрвската се неповолните временски прилики. Проблем е и фактот дека Србија забрани извоз на огревно дрво и на пелети .

“Во изминатите години голем дел од дрвата ги земав од Врање и од Владичин Хан, но сега , поради забраната ова веќе не е можно.Секојдневно доаѓаат купувачи, но јас само можам да одмавнам со главата на сите нивни прашања во однос на тоа кога ќе добијам нови количини’’, вели сопственикот на “Воденица Ком’’.

Во моментов е неизвесна и цената на еден кубик. Сегашната цена на буката е 4500 денари за кубик, додека минатата година таа се движеше од 3400 до 3700 денари. Од Јавното претпријатие „Македонски шуми“, веќе најавија дека цената за еден кубик ќе се зголеми поради поскапувањето на дизелот .

Според општите проценки, таа нема да биде покачена за повеќе од 20 %. Од друга страна, енормно е покачена цената на пелетите, па така сега една една вреќа се продава за 350 денари, за разлика од минатата година кога за неа граѓаните требаше да издвојат 180 денари.

Најголемата причина е забранетиот извоз од страна на Србија, но оваа сезона во Македонија пелети нема да добие ни од Црна Гора, ниту пак од Бугарија. Владите на овие држави се одлучија на ваков чекор поради севкупната светска криза со енергенсите, со образложение дека првенствено треба да ги заштитат потребите и интересите на своите граѓани.

Оттука, во ситуација кога граѓаните панично се прашуваат дали ќе успеат барем да обезбедат дрва за огрев од ЈП Македонски Шуми пред неколку дена изјавија дека ќе можат да излезат само во пресрет на барањата на физичките и правните лица кои доставиле барања за дрва до 31 март. Прашани дали ќе има доволно дрва за другите, изразија надеж дека ќе може да се најде решение со оние кои имаат приватни шуми.

Експертите неколку пати досега изразија целосно несогласување со одлуките на се поголем број граѓани повторно да се вратат на греење на дрва. Според нив, ваквиот чекор нема никаква оправданост. Во прилог посочуваат неколку аргументи. Загадувањето на воздухот е според нив, само една од негативните последици, а подеднакво важна е и цената. Како најдобра опција ги посочуваат инвертерите кои не само што овозможуваат греење на сите простории во домот, туку се и економски најисплатливи. Во таа насока се и показателите дека според сегашните цени, греењето на огревно дрво е за 50-70% поскапо од греењето со клима уреди.

Предупредуваат дека граѓаните се во заблуда доколку мислат дека греењето на дрва нема да претставува голем удар врз нивниот куќен буџет бидејќи кај клима уредите со еден вложен киловат енергија се добиваат 3 и повеќе киловати топлинска енергија, додека кај огревното дрво треба да се вложи околу 2 киловати за да се добие 1 киловат топлинска енергија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Приведено лице од Чучер Сандево, пронајдени две…

На 10.09.2023 во 18.40 часот кај место…

“Празнична атмосфера”: Во Киев нема ни вода…

Клучната инфраструктура е оштетена во Киев по…

Од денеска снег во Киев, а градот…

Во Киев од денеска се очекува обилен…

Привремено решен проблемот со греењето на Бутел…

Обезбедени се финансиски средства за набавка на…

ЕСМ: Одговорноста за прекин на греењето на…

АД ЕСМ нема правен основ да му…