Затвор за лажни вести што ќе го загрозат банкарскиот финансиски систем, ќе предвидуваат новите измени на КЗ

t

Со новиот Кривичен законик, кој е испратен до Европската комисија, се предвидува воведување ново кривично дело за загрозување на стабилноста на банкарскиот систем преку ширење неточни информации во јавноста, за кое ќе биде предвидена и затворска казна.

Ова го најави пратеничката и членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска, во емисијата „Анализа“ на ТВ24.

Според неа, новата одредба ќе предвидува кривична одговорност за лица кои, користејќи ја својата службена или општествена положба и углед, со лажни изјави или исправи изнесуваат неточни информации со кои се загрозува стабилноста на банкарскиот систем.

„Не можете да ширите лажни информации, да се обидувате политички да профитирате и за тоа да не сносите одговорност. На овие ситуации ќе им ставиме крај“, изјави Бојковска.

Таа ја обвини опозициската СДСМ дека со изјавите за состојбата во Алта банка шири страв и паника кај граѓаните, во период кога, како што рече, Владата и Народната банка бараат решение за преземање на банката од друга банкарска институција.

Бојковска оцени дека политичките пресметки треба да се остават настрана, а институциите професионално да ја завршат својата работа со цел заштита на штедачите и стабилноста на банкарскиот сектор.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ