За што навистина ја гонат Ива Михајлова: вештак утврдил дека со „полото“ влегла во спротивна лента и се судрила со возилото во кое загина работник
Еден загинат, тројца повредени, директен судир на експресен пат и обвинение за тешко кривично дело против безбедноста во сообраќајот. Ова е суштината на судскиот предмет против Ива Михајлова од Кочани, која деновиве се појави во Бугарија и покрај судските забрани за напуштање на Кочани и преминување на државната граница. „Скопје1“ дојде до детали што откриваат за што конкретно се гони Михајлова и што досега било изнесено како доказ пред судот.
Наспроти претставувањето на случајот во дел од јавноста како прогон поради нејзиното бугарско национално самоопределување, обвинителниот предлог не содржи обвинение поврзано со национална припадност, јазик или политички ставови. Михајлова е обвинета за сообраќајна несреќа во која загинал човек, а други тројца биле повредени. Дали обвинението е докажано, треба да утврди судот, пред кој постапката сè уште се води. Но таа наместо одбрана, реши да избега од Македонија и од Бугарија да посочува дека не знае дали ќе се врати.
Според обвинителниот предлог на Основното јавно обвинителство Кочани, несреќата се случила на 7 октомври 2025 година, околу 9:17 часот, на експресниот пат А3 Делчево – Штип, на делницата Кочани – Три Чешми, во близина на старата подлошка крстосница, спроти магацинот „Магнолија“.
Обвинителството тврди дека Михајлова управувала со автомобил „фолксваген поло“, со бугарски регистарски таблички, со брзина од 86 километри на час. Според обвинението, на тој дел од патот со сообраќаен знак било дозволено движење со најмногу 60 километри на час.
Во обвинителниот предлог се наведува дека Михајлова не го задржала возилото во својата коловозна лента, туку преминала на левата страна од патот, наменета за возилата од спротивната насока. Во тој момент оттаму се движел „рено меган сценик“. Следувал директен судир на предните леви делови од двата автомобила.
Во „реното“ се превезувале четири лица. Сопатникот Бесим Дурмиши од скопски Љуботен завршил со тешки повреди на главата, мозокот, градниот кош и други делови од телото, по што починал истиот ден, во Клиниката за трауматологија во Скопје.
Возачот се здобил со тешки телесни повреди, меѓу кои повеќекратни скршеници на ребрата, повреди на внатрешните органи и сериозни крвавења. Другите двајца сопатници, според обвинението, се здобиле со телесни повреди.
Поради ова, Обвинителството ја товари Михајлова за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.
На судењата против неа веќе се изведуваат докази и се сослушуваат сведоци и вештаци.
Сообраќајниот вештак, професор д-р Зоран Јошевски од Техничкиот факултет во Битола, кој го изработил вештачењето по наредба на Обвинителството, пред судот изјави дека, според неговата анализа, причината за несреќата била навлегувањето на „полото“ кое го управувала Михајлова, во коловозната лента за спротивната насока.
„Причината за случување на оваа сообраќајна незгода претставува недржењето на страна и правец од возачот на возилото ‘поло’“, рече на судењето вештакот Јошевски.
Јошевски објасни дека заклучокот го темели врз трагите од судирот, оштетувањата на возилата, нивните конечни позиции и фотодокументацијата од полицискиот увид.
Особено значајна, според него, е трагата од гребење. Тој посочил дека трагата е долга 2,3 метри, има форма на буквата „Ѕ“ и започнува во коловозната лента по која се движело „реното“.
Според пресметките на Јошевски, „полото“ на Михајлова навлегло околу 90 сантиметри во лентата за возилата од спротивната насока. Тој истакна и дека увидната екипа не регистрирала траги од интензивно сопирање.
Одбраната ангажирала свои стручни лица, Винко Гаица и Лазар Ангелов, чии анализи се разликуваат од заклучоците на Јошевски во однос на местото на судирот и дозволената брзина.
Јошевски пред судот објаснил дека неговата пресметка за брзината на „полото“ изнесува 86 километри на час, исто колку и пресметката на Ангелов, додека Гаица утврдил 88 километри на час.
Посебно важен е спорот околу ограничувањето на брзината. Иако во обвинението се наведува ограничување од 60 километри на час, Јошевски на расправата посочи дека, откако ги разгледал анализите на одбраната и повторно ја посетил пошироката зона на несреќата, се согласува со нив од технички аспект дека ограничувањето на критичниот дел би требало да се разгледува како 90 километри на час. Причината, според неговото објаснување, е спојувањето на друг пат со експресниот пат, по кое не бил повторно поставен знак за ограничување од 60 километри на час.
Ова, но, не го отстранува спорот околу тоа кое возило навлегло во спротивната лента. Јошевски останал на ставот дека судирот се случил во лентата по која се движело „реното“, додека во анализите на одбраната се застапени поинакви заклучоци.
Во текот на испитувањето се отворило и прашањето за механизмот на настанување на смртоносните повреди кај сопатникот. Вештото лице објаснило дека за дополнително прецизирање е потребен увид во целокупните списи од предметот, по што судот одлучил да ја достави документацијата за дополнително стручно произнесување.
Во обвинителниот предлог нема навод дека Михајлова се гони затоа што се декларира како Бугарка, ниту пак сообраќајката може да биде последица на нејзина национална припадност.
Случајот доби дополнителни реакции откако Михајлова се појави во Бугарија, иако, според Обвинителството, уште од октомври 2025 година ѝ биле одземени македонската и бугарската патна исправа, ѝ било забрането да ја преминува државната граница со лична карта и да го напушта Кочани, а имала и обврска редовно да се јавува во полиција.
Нејзиниот адвокат за бугарската телевизија НОВА тврдеше дека границата ја преминале преку официјален граничен премин и дека македонските службеници знаеле за кого станува збор. Ива Михајлова за БТВ рече дека поминала со лична карта на македонската граница, што е невозможно, бидејќи е потребен пасош кој таа не можела да го поседува бидејќи и беше одземен, заедно со бугарскиот. Македонското МВР, пак, соопшти дека нема евидентиран нејзин излез од државата, додека според информациите добиени од бугарската гранична полиција нема регистриран ниту легален влез во Бугарија.
Претседателот на Основниот суд Кочани, Спиро Борисов, за „Скопје1“ потврди дека судот утринава во 9:40 часот добил известување од МВР дека Михајлова не е пронајдена на домашната адреса и не се јавила во полиција. Известувањето било доставено до Обвинителството, кое предложило притвор. По одредувањето на мерката, ќе може да се распише потерница.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
За што навистина ја гонат Ива Михајлова:…
Еден загинат, тројца повредени, директен судир на…
Нетанјаху бара нови удари врз Иран пред…
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во изминатите две…
Србија го сруши рекордот: Резервите на злато…
Резеврите на злато, кои се дел од…
Трамп: Премногу далеку отидовме со нападите, веќе…
Американскиот претседател Доналд Трамп, изјави дека Вашингтон…
Американски конгресмен предупредува: Русија или Кина би…
Американскиот конгресмен Ерик Бурлисон предупреди дека САД…