За 20 години вакво нешто немаме видено, пламените јазици беа високи неколку метри!

t

Вистинска драма се одвивала денеска во раните утрински часови кај прилепското село Бонче, каде што доброволните пожарникари од Битола и Кочани воделе исклучително тешка и ризична битка со огнената стихија. Огнот, во еден момент, почнал да се движи со огромна брзина кон селото, со пламени јазици високи неколку метри, а густиот чад ги принудил пожарникарите да интервенираат со гас-маски.

– Ама рано утрово ова што го видовме… Има луѓе што 20 години биле на гаснење пожар, вакво нешто немаат видено. Во пет наутрo, низ падината се движеше пожар со голема брзина, со огнени јазици високи можеби три-четири метри – сведочи Ченто, еден од пожарникарите.

Она што особено ги изненадило пожарникарите било однесувањето на огнот во раните утрински часови.

– Обично пожарот се однесува така во три попладне, и тоа ако оди од ниско кон високо во планината. Буквално се бркавме со огнот – раскажува тој.

Во еден момент, ситуацијата станала толку опасна што пожарникарите, поради густиот чад, речиси не можеле да го видат фронтот на пожарот.

– Бевме со гас-маски. Мораше да се наведнам долу за да видам каде е огнот – вели пожарникарот.

Во интервенцијата, клучна улога имал и камионот на Доброволното противпожарно друштво од Кочани. Во гаснењето учествувале дваесетина доброволци од друштвата од Битола и Кочани, додека биле испратени и тимови на Дирекцијата за заштита и спасување за поставување одбрана на селото.

Благојче Ѓорѓиевски раскажува дека пожарот до пет часот наутро бил под контрола, но потоа силниот ветер целосно ја променил ситуацијата.

– Пред да се појави силниот ветер, пожарот бавно гореше, но потоа почнаа да се креваат високи пламени јазици кои брзо напредуваа – истакна Ѓорѓиевски.

Пожарникарите се обидувале да ги спојат двата крака на огнот и да го спречат неговото приближување до куќите. Михаела Силјаноска сведочи дека ноќта била долга и неизвесна.

– Се обидувавме да ги споиме двата крака на огнот, за да не дојде до селото и да нема загрозени куќи – раскажа Силјаноска.

Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, вели дека никој не очекувал огнот толку брзо да стигне до селото. Опасноста била особено голема затоа што во Бонче живеат десетина лица, меѓу кои и млада мајка со мали деца, а куќите се расфрлени по околните ридови.

– Ако не беше стопиран пожарот, во селото ќе имавме страшна глетка. Поради добриот распоред на доброволците од Битола, избегната е голема катастрофа – изјави Ангелов.

Пожарот во претпладневните часови беше ставен под контрола, но интервенцијата остави последици и кај дел од пожарникарите. Неколкумина вдишале поголемо количество чад, поради што на терен било испратено возило на Брзата помош од Прилеп. Еден од нив бил пренесен и згрижен во болница поради вдишување чад, по што повторно бил вратен во Бонче.

Во исто време, сериозна битка со огнот се водеше и кај Палиград, во општина Студеничани, каде што пламените јазици се приближиле на околу сто метри од првите куќи. Од Центарот за управување со кризи биле ангажирани сите расположливи ресурси за ставање под контрола на пожарот кој се ширел во реонот на Палиград и Китка. Во интервенцијата биле вклучени три авиони и два „пинцгауери“ на ДЗС, хеликоптер на МВР, екипи на Противпожарната бригада на Град Скопје и екипи на ЈП „Национални шуми“.

Директорот на ЦУК, Мухамед Али, кој ја координираше акцијата директно од терен, изјави дека сите екипи дејствувале со засилен интензитет за локализирање и гаснење на пожарот, како и за спречување на неговото понатамошно ширење. Поради брзата интервенција, на пладне веќе немаше опасност за селото Палиград, ниту за другите села во подрачјето на Каршијак. Пожарот неколкупати бил ставен под контрола, но повторно се распламтувал поради високите температури, високиот и непристапен терен и ветерот.

Пожар изби околу пладне и кај селото Бигла, кое се наоѓа на половина пат меѓу Македонска Каменица и Делчево. Според информациите, лице палело на отворено, по што изгубило контрола врз огнот и пламените јазици се префрлиле во блиската борова шума. За справување со пожарот се ангажирани пожарникари од Делчево, а е побарана помош и од соседните противпожарни единици. Од ДЗС се испратени трите „ер трактори“ и хеликоптер на МВР, додека со тешка механизација биле правени пресеци со цел да се спречи огнот да стигне до селото Бигла.

Дополнителна загриженост предизвикува и големиот пожар кој беснее на територијата на Србија и се приближува кон Македонија. Густ чад бил забележан над Липково, Арачиново и Куманово, по што било активирано дополнително предупредување дека опасноста од пожари останува висока.

– Се работи за многу лош пожар со огромен интензитет – предупреди заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, кој апелираше огнот да биде ставен под контрола пред да се приближи до македонска територија.

Ситуацијата доаѓа во период кога Македонија се соочува со голем број активни пожари. Само во изминатото деноноќие биле регистрирани 31 пожар на отворен простор, од кои осум останале активни. Некои од нив загрозиле и населени места, како што било случајот кај прилепските гробишта, но благодарение на жестоката борба на прилепските пожарникари, со помош на нивните колеги од Битола и Кавадарци, немало изгорени викенд-куќи.

Пожари има и на територијата на општина Маврово и Ростуше и во општина Кичево, додека пожарот во општина Желино бил значително намален. Овие пожари не загрозуваат населени места.

– Добро е што нема повредени и загинати, и нема изгорени куќи. Сепак, високите температури продолжуваат и нема најави за сериозен дожд во наредните денови. Тревата е сува и апелирам до граѓаните да бидат исклучително внимателни бидејќи доволна е само искра за вистинска катастрофа – истакна Ангелов.

Пожари во последните денови има и во Липковскиот Регион, што дополнително ја зголемува загриженоста во северниот дел од земјата.

И во Србија борбата против огнената стихија продолжува на неколку локации, а најкритично е во Делиблатска пешчара, каде што се ангажирани околу 400 луѓе, додека рускиот авион „Иљушин“ обезбедува значителна воздушна поддршка.

Србија го активираше Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија и прифати меѓународна помош. Европската Унија испраќа четири хеликоптери „блек хок“ од своите стратешки резерви во Чешка, Романија и Словачка, како и специјализирани копнени противпожарни и спасувачки екипи од Германија и Романија за да помогнат во борбата против пожарите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

За 20 години вакво нешто немаме видено,…

Вистинска драма се одвивала денеска во раните…

Син на босански министер уапсен за подметнување…

Босанската полиција го уапси малолетниот син на…

Двајца млади насилници од Идризово биле агресивни…

Двајца насилници од Идризово може на некое…

Австрискиот амбасадор Памер по вандализмот на Шар…

Амбасадорот на Австрија во Скопје, Мартин Памер,…

„Србија е европска велесила во гаснењето пожари“,…

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека…