ЗНМ бара итна реакција на институциите по заканите кон новинарот Видиновски
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) најостро ги осудува сериозните онлајн напади, навреди, омаловажувања и смртни закани упатени кон новинарот на Канал 5 Tелевизија, Александар Видиновски, по објавата на неговото видео на социјалните мрежи за непрописно паркираните возила на тротоарот пред објектот на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Пораките со навредлива, шовинистичка и содржина која содржи омраза, како и директните закани по живот („смрт за вас“), претставуваат сериозно кршење на правото на слобода на изразување и директна закана по безбедноста на новинарот. Ваквите напади имаат за цел да извршат притисок и заплашување поради професионално известување за прашање од јавен интерес.
ЗНМ преку својот адвокатски тим му обезбеди правна помош на новинарот Александар Видиновски, и поднесе пријава до Министерството за внатрешни работи. Очекуваме надлежните институции итно да постапат, да ги идентификуваат сторителите и да обезбедат соодветна институционална реакција, согласно законските надлежности.
Потсетуваме дека новинарот Видиновски известувал за проблем од јавен интерес – непрописно паркирање на јавна површина, за кое реагираа и граѓани, а за кое став изнесе и Министерството за внатрешни работи. Новинарите не смеат да бидат мета на закани, навреди и говор на омраза поради својата професионална работа.
ЗНМ изразува целосна поддршка и солидарност со колегата Александар Видиновски и апелира до институциите ваквите случаи на онлајн насилство и говор на омраза кон новинарите да не остануваат неказнети.
Здружението ќе продолжи внимателно да го следи случајот и да ги користи сите расположливи механизми за заштита на новинарите и медиумските работници.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Нова провокација од Јотова: Немаме што да…
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, изјави од…
Најдебели на светот се жителите на остоворот…
Кога луѓето замислуваат земја во кризa со…
Артан Груби утре на судење
Поранешниот вицепремиер Артан Груби утре за прв…
ТРАМП ДОБИ „НЕ“ ОД КАНАДА: Пропаднаа трговските…
Трговските преговори меѓу САД и Канада пропаднаа,…
Шпанската полиција заплени 1,5 тони кокаин, меѓу…
Шпанската полиција заплени околу 1,5 тони кокаин…