Зошто наместо функционална, имаме формална демократија?(3.) – Кога нема демократска политичка култура, има аномично општество

t

Денес ќе пишувам за главната причина за лошите состојби во македонскиот плурален систем и демократијата во него. Најконкретно ќе го посочам коренот на зболувањето на демократијата, т.е. ќе го скенирам  “изместениот зглоб“ на македонската демократија. Тоа е несоодветната политичка култура на политичките актери во Македонија. Се покажа дека во досегашните изборни циклуси политичката култура на учесниците во изборите, најчесто е на ниско ниво. Крајно време е тие да прифатат и применат политички вештини за настап на избори, засновани на научни теории, стратегии, тактики и техники, кои се сообразени со позитивната пракса на европската и светската демократија и традиција. Најконкретно треба да се примени вистински политички маркетинг за привлекување на избирачите и освојување на нивниот глас. Тоа е вистинскиот начин да се врати дигнитетот и суверенитетот на граѓанинот избирач, не само во формална и инструментална смисла, туку и во вистинска, суштинска смисла. На граѓаните треба да им биде овозможено слободно и без влијание од никого да го “троши“ својот глас. За таква слобода потребно е, граѓанинот од Република Македонија да не биде уценуван, загрозен и исплашен за своето учество или не на изборите, за што е потребно со него да не се постапува како поданик. Продолжуваме со последните три констатации(15, 16 и 17) во врска со предметната тема. 15. Имаме статус кво на нецелосно отфрлената политичка култура од минатиот едноумен систем и докрај неизградената демократска политичка култура својствена на плуралистичките општества. Како да не стигна “проклетството“ на германскиот политолог и социолог Ралф Дарендорф дека  “Земјите од Источна Европа ја променија власта за шест дена, законите за шест месеци, институциите за шест години, но за промена на начинот на размислување и однесување на нивните граѓани ќе им требаат шеесет години.“ Кај нас недоволно се респектираат демократските поими и институци од типот на изборен натпревар, плурализам, партиципација на граѓаните, демократски дијалог, демократски консензус, толеранција и разбирање, слобода на мисла и говор, слобода и независност на медиуми, почитување на човекови права и сл. Замислете ние сме само на половина пат до освојување и на тој посакуван идеал или потребна и неопходна демократска матрица. Сеуште не сме дефинирале дали сме општество во промени, општество во транзиција, постсоцијалистичко општество или демократско општество во зародиш (“во пелени“). 16. Нашето демократско општество и до ден денес му недостасуваат следните детални проучувања:
  • систематско проучување на  структурните и институционалните аспекти на постојните политички партии;
  • социјалните и политичките расцепи и интеракцијата помеѓу партискиот систем и гласачкото расположение;
  • позиционите и ставовски димензии на партиите и на траекторијата на движење на граѓанската култура во Македонија; и
  • аналитичка типологија и класификација на партиите кои го сочинуваат партиско-политичкиот спектар во Македонија.
Откако сето ова ќе биде детектирано и проучено, постојат шанси демократијата во Македонија конечно да се ослободи од “детските болести“, кои не и дозволуваат вистинско демократско полнолетство и после 30 години практицирање демократија. 17. Најзагрижувачки од се е што македонското општество, преку штетна изборна аномија поприми карактеристики на аномично општество(anomos – беззаконие). Отсуството на нови демократски норми, пропаѓањето на вредносниот систем конфузијата и судирот на деструктивното однесување на политичките и економски субјекти со постојните законски норми се наше непосредно, актуелно и акутно однесување веќе подолго време. Аномичната свест на овие субјекти, таа не-свест и не-свесност, се агрегат на ментални и психички својства(на политичарите и бизнисмените), која во своето конкретно пројавување, ја храни општествената аномија. Законите не се спроведуваат, институциите не функционираат. Изгубена е границата помеѓу она што е дозволено и она што не е дозволено. Со години царува неодговорноста и не снаоѓањето во новите услови, стнандарди и норми. Тоа пак доведе до дезориентација и деморализација. Изострената политичка(партиска) борба е доведена до апсурди, партизацијата на институциите веќе е до состојба на нивна фукционална парализа што е состојба и на еднонасочно дејствување и запаѓање во своевидна патологија. Политичките субјекти зборуваат за демократија, а прават злоупотреби кои ги уназадуваат демоккратските процеси и односи. Се фалат дека се чесни, а извршуваат грабежи. Се претставуваат како големи борци за правда, а нанесуваат неправди. Токму таа патологија е аномијата – изрзена како непотизам, корупција и организиран криминал, штетни појави кои општеството го направија болно и канцерогено, а како такво  и бесрамно општество. А сега малку поконкретно да ги објасниме овие “црвојадини“ на македонската демократија. Како да ја надминиме изборната аномија ? Најпрвин за неопходниот предуслов: Многу важно е севкупната општествено-политичка и економска состојба во која се наоѓа Република Македонија да ја гледаме со реална диоптрија, а не со специјални наочари за разубавување на реалноста. Исто така, треба да ја избегнеме и замката за неосновано нејзино нагрдување(на реалноста такава каква што е). Како и да е, не треба да ги затвораме очите пред непотизмот, корупцијата, организираниот криминал и се поприсутниот неморал во Република Македонија. Тоа се нус појавите на транзицијата која предолго трае и која се состои во симболични промени, кои есенцијата на животот, наместо да ја подобрат ја влошија. Многу тешко но и многу малку, во овие 30 години ги менувавме старите сваќања, лошите навики и инертното однесување. Од едно општество, со свои утврдени норми, вредности и институции поминавме, и сеуште поминуваме, во општество со сосема други, вредности, норми и институции. Не зафати аномична свест на отсуство, пропаѓање, конфузија или судир на законските и моралните норми во општеството. Ваквата свест не воведе во аномично општество. Тоа е состојба на: непочитување на постојните уставни, законски и подзаконски прописи и норми и нивно прекршување, а секако и  отсуство на законска регулатива, на морални норми и утврдени општествени вредности, прилагодени на еден модерен демократски систем. Овие две не сакани и не завиудни состојби се резултат на брзите општествени промени, кои најчесто беа површни, а не сеопфатни, длабоки и суштински. Но,  исто така, тоа е и состојба во која старите општествени норми пропаѓаат, а новите, сеуште, не се создадени. За ваквата состојба Кристофер Лаш употребува еден многу остар израз – безсрамно општество(Јован Корубин, Аномично општество, Матица македонска, 2004). Како резултат, или поточно последица на напред наведеното во секојдневниот живот во Македонија, веќе со години, царуваат, неодговорноста, недисциплината, дезориентацијата и деморализацијата. Изострената политичка борба е доведена до апсурди, а партизацијата на институциите до состојба на нивна функционална парализа или еднонасочно дејствување, чија основна карактеристика е патологијата. А токму таа патологија е аномијата, во која длабоко сме загазиле. Без сомнение најизразена е изборната аномија, затоа што целосно е изгубена границата помеѓу она што е допуштено и она што е забрането во изборите и изборните кампањи. Безмалку сите политички партии во изборната трка функционираат врз исти принципи:
  • Прави (најчесто незаконски работи) и оправдувај го тоа што го правиш Fact et excusa,
  • Доколку си направил престап, одрекувај го Si facisti nega,
  • Раздели, па владеј Divide et impera
Ваквата “филозофија” на политичките партии, сама по себе се покажа брилијантна, која лесно стана и девијантна реалност на изборите и изборните кампањи. Краен резултат се недемократски и нефер избори, без разлика дали се локални, претседателски или парламентарни, од почетокот на плурализацијата и воведувањето на демократијата па се до денес. Единствени исклучоци се изборите од 1998-та, 2002-та и 2006-та година. (продолжува) Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Нигерија: Над 100 затвореници избегаа откако дождовите…

Најмалку 118 затвореници побегнаа од затвор откако…

Путин: Руската економија динамично расте

Рускиот БДП продолжува да покажува позитивни стапки…

НОВО ОТКРИТИЕ ЗА МАСАКРОТ ВО МОСКВА: Вака…

Според последните податоци, 145 лица загинаа во…

Израел ја бобмардира Рафа, најмалку пет лица…

Здравствените власти соопштија дека најмалку пет лица…

Израел ја бобмардира Рафа, најмалку пет лица…

Здравствените власти соопштија дека најмалку пет лица…