Зошто наместо функционална, имаме формална демократија?(4.) – Правната држава, предуслов за демократија – услов кој недостасува во Македонија

t

Најчесто, несузбиената политичка корупција резултира со заробена држава. Синдромот “заробена држава” означува системска корупција од голем обем со која се воспоставува скриен политички режим(од голем обем, со што се врши алокација на капиталот), режим со спротивни цели и интереси од оние на државните институции пропишани со устав. Во тој режим царуваат политичките и економски олигарси, кои ги заробуваат институциите. А заробени институции прават заробена држава. Ваквото заробување на државата го прават приватните фирми(моќните директори), тесните интересни групи(“обработени“ од власта), политичките партии и нивните лидери. Државата е заробена затоа што организираниот криминал е под политичка заштита и патронажа.

Во заробената држава полицискиот и кривично правниот прогон најчесто е многу селективен па така се добиваат категории заштитени и недопирливи економски и политички олигарси, со чии незаконски дејствија државните институции се заробени, и наместо да работат во интерес на државата и општото добро на сите граѓани, тие остваруваат лични, групни и партиски цели и  интереси. Тоа е коруптивната формула според која се создаваат економски и политички моќници кои константно го нагризуваат економското, материјалното, финансиското, но и моралното ткиво на државата и општеството.

Работите и состојбите мора радикално да се менуваат.

Потребн, т.е. неопходни се сеопфатни реформи. Вистински длабински(темелни) структурни реформи, а не козметички и површински, палијативни и краткорочни. Мора да се напушти практиката на реформски илузионизам(Миодраг Лабовиќ, Системската корупција и организираниот криминал, Факултет за безбедност, Скопје, 2016). Еднаш за секогаш треба да ги надминеме и да се откажеме и од  “реформи заради реформи“, кои немаат врска со суштинските системски промени на подобро.

Гледаме дека криминалот и корупцијата се најголема закана за демократијата. Демократијата можеме да ја спаси само владеењето на правото. За такво владеење потребна е култура на законие. Тоа е стриктно почитување на законите и имање целосна доверба во правниот поредок(Слаѓана Тасева, Миодраг Лабовиќ, Бранислав Саркањац и др., Култура на законот наспротив корупцијата, ФОРУМ-ЦСИ, Скопје, 2002) . Културата на законие е култура што енергично се спротивставува на беззаконието. Да се потсетиме: тоа е исто како што своевремено во Италија, Сицилија, cultura della legalita и објави војна на cultura della mafiosita.

За таа цел мораме да ја зајакнеме улогата на граѓанството, општествената заедница и културата воопшто. на тој начин и со овие чинители се гради вистинската социјална подлога за силни политичко-морални убедувања.

Секако, перманентно треба да се опсервираат политичките парти и нивното однесување, како кога се на власт, така и кога се во опозоцоја. Првичната објективна анализа на позицијата, улогата на политичките партии во Македонија ни ги предочува нивните следни основни карактеристики:

  • Исклучителна бројност и тренд на зголемубвањето на новите политички партии. И понатаму се регистрираат нови политички партии. Добар дел од истите се дезинтегрираат на помали партиски фракции од каде се регистрираат во нови политички партии;
  • Политичките партии на социјално интересен и полтички план се недоволно издиференцирани и идентификувани;
  • Најголем број од партиите во поглед на внатрешните односи и организацијата и улогата на членството ги задржале карактеристиките на единствената партија од поранешниот систем. Во таа смисла нив ги карактеризира цврста хиерархија, јак централизам, предоминација на највисоките органи, пренагласено лидерство во смисла на култ на водачот, стремеж кон политички монополизам и слично
  • Политичките парти кои најчесто и најдолго беа на власт(СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДПА и ДУИ) извршија таканаречена инвазија над државата од нивна страна. Тоа е феноменот на покровителство на политичките партии кон државата, владата, парламентот и правосудниот систем, кое доколку потрае подолго државата ја претвораат во Хибридна држава“ и во Заробена држава“. А токму тоа за Македонија го детектираа светски признатите невладини организации и го вметнаа тој факт во нивните годишни извештаи за напредокот на демократијата во Република Македонија;

Потребно е сосема на кратко да се објаснат(дефинираат), поимите “Хибридна држава“ и “Заробена држава“. Првиот, хибридна држава, е “изобличен“(во правна и политичка смисла) вид на држава во која постојат сите институции на демократијата, т.е. на еден демократски систем, ама со суштински недостаток на права и слободи, бидејќи во таквата држава има авторитарен стил на владеење на власта. Основните карактеристики на хибридната држава е авторитарната власт и нефункционалните државни институции, и функционира по принципот „одозгора мазно, одоздола празно“.

Вториот поим, т.е. заробена држава е вид на државен ентитет(економски, политички, партиски, деловен, поединечен, групен), кој има блиски односи со владеачките елити и обезбедува реализација на лични интереси и цели на сметка на државните и националните. Овој ентитет се создава преку политичка корупција, т.е. незаконски “брак помеѓу политиката и криминалот“. И едниот и другиот поим се “вонбрачни политички деца“ на коруптивните и забегани политички елити со криминалните структури во државата.

Значи, материјална интересна “дружба“ на партиски лидери на власт со криминални субјекти, правни и поединци, кои договараат бенефити за себе, на штета на државните и националните интереси и цели. Сите овие информации, индиции и факти за состојбите во партискиот систем ни посочуваат дека  истиот е недоволно демократизиран, како одвнатре(постоење или не на внатрпариска демократија), така и надворешно(односите, дијалогот) помеѓу партиите не се баш на високо ниво на демократичност. Понатаму, и покрај големиот број партии, кој дури е и преголем, тој во најголема мера е партиски систем со не дефинирани односи на важните интересни и социјални групи во општеството.

Со вакви основни карактеристики, партискиот систем покажува две загрижувачки тенденции:

Првата тенденција се состои во недокрај дефинираниот систем на финансирање на партиите, што води кон создавање на моќни партиски елити, кои со своето дејствување пак не воведуваат во олигархизација на целокупниот политички живот.

Втората тенденција, пак удира во темелите на демократијата, бидејќи веќе имаме се по изразен ослабен легитимитет на партиите и нивните лидери во изборното тело.

 

Забегани елити како болест на македонската демократија

/Или кој ја издаде демократијата во Македонија?/

 

Политичките елити дефинитивно немаат допир со обичните луѓе. Тие се отуѓени од народот. Напред изнесените примери на изборна корупција, за правно-политички инженеринг, за “заробена држава“ и “хибридна држава“ тоа и го потврдуваат. Нереалниот и вештачки карактер на политиката во нашето општество ја продуцира и одржува нивната изолираност (а елитите) од животот на обичниот човек. Од таму доаѓа и убедувањето, нивно и на народот, дека проблемите во реалниот живот се нерешливи. Во една ваква состојба нормално е да се очекува “бунтување на масите“, ама како што гледаме нам ни се случува спротивното – имаме забегани елити(политички, партиски, економски, државни, медиумски, криминални, полициски, безбедносни), кои перманентно вршат “инвазија“ на државните институции, и тие, а не народот, се вистинската опасност за развојот, создавањето и одржливоста на демократијата. Таквите елити, арогантни и безобзирни, на масите гледаат со презир и цинизам, а реториката за нивните проблеми е понижувачка. Не знаат, не научија припадниците на овие забегани елити дека вистинската демократија подразбира високи стандарди за лично однесување и лична одговорност, особено на тие што се избрани од електоратот.

Не е вистинското прашање дали во нашето општество може да се одржи демократијата. Круцијално прашање е дали ваквата демократија, чии актери се забеганите неодговорни и не морални  елити, заслужува да биде одржана. Недостасува морална цврстина, морална принципиелност и морална храброст, чесност и почит кон противниците и избирачите(Кристофер Лаш, Побуна на елитите  – и издајство на демократијата, Светови, Нови Сад, 1996)

Моралните принципи и правните норми и стандарди(домашни и меѓународни) се апсолутни неопходни на демократско општество какво што сака да биде нашето. Ама, за жал, ги немаме, или не ги усвоивме, најточно, се откажавме. Кај нас владеат двојните стандарди и принципи: едни(протекционистички) за привилигираните елити, а други(уставни, законски, морални) за обичните “смртници“. Сето ова е резултат на туристичкото сфаќање на етиката и моралот од страна на избраните и одговорните во државата.

(продолжува)

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Нападнале вработена во продавница во Центар и…

Вчера во Скопје, полициски службеници од ЕВР…

(Видео) УПАДНАЛЕ ВО ЏАМИЈА И ГО ГРАБНАЛЕ…

Израелските одбранбени сили го осудија однесувањето на…

Ковачевски за „Чебрен“: Aко имаше пари државата…

Премиерот Димитар Ковачевски во однос на забелешките…

Ковачевски за писмото на Заев: Во демократија…

Ставовите на секого во ова демократско општество…

29-годишниот струмичанец влегол во Бугарија каде живее…

Во јавноста деновиве преку социјалните мрежи беше…