Ива Михаилова се појави и на БНТ – побарала преку видеоконференциска врска да учествува на судењето во Кочани, судот одби
По гостувањето во поткаст, во кое наведе серија навреди кон Македонија и обвинувања за дискриминација кон неа, 23-годишната Ива Михаилова, даде интервју за Бугарската национален телевизија (БНТ) во кое, исто така изнесе сериозни обвинувања за психичко малтретирање следење и нелегални претреси од страна на македонските полициски служби додека престојувала во Кочани. Против Михаилова која избега во Бугарија, во Основниот суд во Кочани се води судска постапка за сообраќајка со смртни последици. Таа во изјава за БНТ информираше дека нејзиниот адвокат веќе доставил барање до кочанскиот суд да се овозможи таа да учествува на следното рочиште, закажано за денеска, преку видеоконференциска врска.
Според информациите на БНТ, која го следи рочиштето во Кочани, обвинителот Игорчо Крстов се спротивставил на барањето на Михаилова, оценувајќи дека обвинетата може лично да се појави во судницата и да учествува на главната расправа, како што беше случајот на претходните рочишта. Обвинителот навел дека, со оглед на фактот оти Михаилова не ги почитувала мерките за обезбедување присуство и намерно и свесно избегала, самата решила постапката да се води без нејзино присуство.
По даденото мислење од обвинителот, судот донел одлука со која го одбил барањето на Ива Михаилова како неосновано.
Што се однесува до нејзиното интервју за бугарската национална телевизија, како и во поткастот и во него новинарот не ја праша, а и таа не кажа како излегла од Македонија и влегла во Бугарија, имајќи предвид дека во рамките на судскиот процес и беа одземени двата пасоши – македонскиот и бугарскиот – и имаше обврска да се јавува во суд.
Фокусот на интервјуто на Бугaрската национална телевизија главно е ставен на нејзините повреди, лекувањето и наводите дека била дискриминарана во Македонија поради тоа што се изјаснила како Бугарка, како и очекувањата од судскиот процес што се води против не за сообраќајката.
Опишувајќи ја својата здравствена состојба по враќањето во Бугарија пред три-четири недели, Михаилова посочи дека веќе започнала со рехабилитација, но оти сè уште не е познато колку долго ќе трае целиот процес.
Според нејзините тврдења, периодот од една година во кој не ја добила потребната медицинска нега во Кочани оставил трајни последици.
„За жал, имам трајни последици кои ме попречуваат во секојдневието и во моментов со докторите тука се обидуваме да ги санираме. Причината е токму недостатокот на рехабилитација, која со месеци ми беше одбивана во Кочани“,изјави Михаилова.
Таа додаде дека лекарите ја предупредиле оти оштетувањата на `рбетот и трпнењето во екстремитетите може да останат трајни дури и по евентуални хируршки интервенции, поради што не се исклучува можноста за нејзино продолжено лекување во Израел.
Во однос на престојот во Кочани пред нејзиното заминување, Михаилова тврди дека била изложена на континуиран надзор, иако ја имала само мерката за повремено јавување во суд и забрана за напуштање на градот, а не домашен или затворски притвор.
„Последните три-четири месеци постојано ме следеа, секој ден. Полиција пред мојот дом, претреси дома, дронови. Кога излегував надвор, секогаш имаше лице што ме следи – дали од полицијата или од службите, не е важно. Нелегално влегуваа во мојот дом. Подадовме пријава до внатрешна контрола за да дознаеме зашто го прават тоа, но одговор немаме ниту по три месеци“, вели таа.
На прашањето кога започнал ваквиот однос од страна на органите, таа категорично одговори: „Кога се изјаснив како Бугарка, тогаш започна целото матретирање од нивна страна.“
Освен ваквите притисоци, Михаилова вели дека по нејзиното заминување се соочува и со бројни негативни пораки на социјалните мрежи, за што ги обвини македонските медиуми и високи функционери кои, според неа, создале негативна атмосфера во јавноста.
На рочиште во судот во Кочани закажано за денеска предвидено е разгледување на две вештачења изготвени од страна на одбраната на Михаилова.
Таа тврди дека наодите од овие експертизи ја потврдуваат нејзината невиност во однос на сообраќајната несреќа за која се терети.
„И двете експертизи ја покажуваат мојата невиност и ги нотираат трагите од другото возило во мојата коловозна лента. Сè се гледа многу јасно и се надевам дека вистината на крајот ќе победи“, вели Михаилова.
Инаку, БНТ со големо внимание го следи судскиот процес. На веб-страницата на телевизијата во т.н. формат вести во низа се пренесуваат случувањата од денешното рочиште во Кочани.
Рочиштето во Основниот суд во Кочани, како што пренесе телевизијата започнало со сослушување на вештото лице Винко Гаица, кој досега изготвил над 6 000 сообраќајни вештачења во Македонија. Врз основа на сите собрани докази, фотоалбумот и записникот од увидот, Гаица е категоричен дека сообраќајката се случила откако возилото „рено“ преминало во лентата на автомобилот „фолксваген“, со кој управувала Михаилова.
Според неговата анализа, на местото на судирот се утврдени остатоците од искршено стакло и течности, кои се заведени, но не биле опишани во скицата кон протоколот.
„Методологијата по која го направив овој заклучок е дел од сите правила за анализа во ЕУ и САД и целосно се совпаѓа со компјутерските модели. Ова е типичен челно-ексцентричен удар каде што потешкото возило ‘рено’ се ротирало за повеќе од 50 степени, додека полесниот автомобил на Ива се отклонил за само 8 степени и запрел десно во својата лента“, појаснил вештакот Гаица пред судот.
На самиот почеток на расправата било соопштено дека за Михаилова е издадена наредба за 30-дневен притвор откако ја напуштила земјава. Судот подоцна го прекинал рочиштето за да се запознае со нејзиното барање за онлајн-вклучување доставено во 11:45 часот, додека обвинителот побарал дополнително медицинско вештачење за нејзината состојба, користејќи ги и нејзините објави на социјалните мрежи. Во продолжението, по даденото мислење од обвинителот, судот донел решение со кое го одбил како неосновано барањето на Михаилова.
Адвокатот на Михаилова, Николај Димитров, известил дека таа повторно е хоспитализирана во Бугарија по 12-дневен престој во „Пирогов“ и рехабилитација, поради дополнителни компликации со `рбетниот столб кои бараат консултација со специјалисти пред каква било хируршка интервенција.
За потестување, бугарските медиуми на 12 октомври објавија дека Михаилова се наоѓа во Бугарија, иако претходно ѝ биле одземени двата пасоша, како дел од превентивните мерки со кои требало да се спречи нејзино заминување од Македонија.
Во изјава за бугарската БТВ, таа рече дека одлучила да замине за Бугарија поради влошената здравствена состојба, како и дека тоа го сторила со своите документи за лична идентификација. Според македонското МВР, не е евидентиран легален излез на Михаилова од државава, ниту легален влез во Бугарија, а истото важи и за адвокатот Николај Димитров, кој тврдеше дека ја придружувал.
Засега не се знае на кој начин Михаилова ја поминала границата меѓу Македонија и Бугарија, односно како излегла од државава и влегла во Бугарија, а одговорот се очекува да го даде истрагата што ја спроведува Министерството за внатрешни работи.
Откако било утврдено дека не се јавила во полиција и не била пронајдена на домашната адреса, Основниот суд Кочани на предлог на кочанското Основно јавно обвинителство на Михаилова ѝ одреди притвор, по што по неа беше распишана меѓународна потерница.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ива Михаилова се појави и на БНТ…
По гостувањето во поткаст, во кое наведе…
Со инстант лозот „Макси златна рипка“ до…
Инстант лозот „Макси златна рипка“, на Државна…
Палмер: Македонија направи сè што побара ЕУ,…
Македонија направила сè што Европската унија побарала…
„Нвидиа“ загуби 300 милијарди долари на отворањето…
Акциите на производителот на чипови паднаа за…
Најава за средба меѓу Венс и Резаи…
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и секретарот…