Идниот државен обвинител Коцевски најавува бескомпромисен прогон на криминалците
Не се очекуваат пречки при изборот на обвинителот Љупчо Коцевски за нов јавен обвинител, за што се доволни и 61 глас од пратениците. На дневен ред на Собранието е и изборот на Павловска Данева, со што ќе се пополни последното испразнето место во Уставниот суд.
Посветено ќе се залагам за бескомпромисен кривичен прогон на сите сторители на кривични дела. Централно место во овие приоритети зазема борбата против корупцијата, сузбивањето на организираниот криминал, тероризмот, компјутерскиот криминал, трговијата со луѓе, сексуалната експлоатација на деца, трговијата со мигранти, трговијата со наркотични дроги, измамите, економскиот и финансискиот криминал, еколошкиот криминал, трговијата со оружје, семејното и родово базирано насилство, насилството извршено преку интернет и слично. Ова во својата програма за работа за периодот од 2024 до 2030 година го напиша обвинителот Љупчо Коцевски, кого Собранието утре се очекува да го избере за нов републички јавен обвинител. Коцевски ќе го наследи државниот обвинител Љубомир Јолевски, кој на 25 декември минатата година замина во пензија, откако претходно пропадна намерата на владејачката СДСМ Јолевски, по истекот на мандатот како обвинител, да ја продолжи кариерата како уставен судија. СДСМ го предложи Јолевски за уставен судија пред две години, но неодамна го повлече предлогот и наместо него ја предложи професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“ Ана Павловска Данева. На дневен ред на денешната пленарна седница на Собранието е и изборот на Павловска Данева, со што ќе се пополни последното испразнето место во Уставниот суд.
Изборот на нов државен обвинител почна подоцна од предвидените законски рокови и не беше завршен навреме, пред пензионирањето на Јолевски, па затоа од 25 декември до изборот на нов обвинител со ЈО раководи в.д. јавниот обвинител Соња Симовска.
Од ВМРО-ДПМНЕ вчера не добивме став дали ќе го поддржат изборот на Коцевски за нов државен обвинител. Не се очекуваат пречки при изборот, за кој се доволни 61 глас.
Во врска со ефикасноста и ефективноста во работењето на јавните обвинителства, Коцевски во програмата наведува дека за нив мора да има јасни и мерливи критериуми.
„Следењето на резултатите од работата на сите обвинителства ќе биде континуирано, а со дигитализација и организација на работните процеси директно ќе се придонесе за поефикасно постапување. Јадрата што треба да гарантираат ефикасни предистражни и истражни постапки се истражните центри во јавните обвинителства. Идејата во однос на истражните центри е тие да бидат брзи, модерни, ефикасни и законити во прибирањето на доказниот материјал, со цел во основа да се скратат предистражните постапки и за брзо време да се излезе на суд со прибраните докази за да се врати довербата во системот на
кривично гонење“, пишува во програмата на идниот државен обвинител.
Коцевски во програмата се осврнува и на еден од главните проблеми – финансиите, кои судството ги добива, но се помалку од законски предвидените.
„И покрај тоа што Законот за јавното обвинителство предвидува буџетот на институцијата да изнесува 0,4 отсто од државниот буџет за тековната година, одобрениот процент секогаш е едвај околу 0,2 отсто или половина од законски предвидената сума. Потребните финансиски средства треба да се обезбедат за да се гарантира независноста и непречената работа на обвинителствата, а како јавен обвинител ќе се залагам за финансиска независност и самостојност во управувањето со буџетските средства“, пишува Коцевски во програмата која е доставена до пратениците.
Во неговата биографија е наведено дека од 1995 година е адвокат, во 2008 година е избран во Вишото обвинителство во Гостивар, а во 2022 година е унапреден во републичкото обвинителство.
Тој беше меѓу тројцата пријавени кандидати за шеф на Обвинителството и единствен кој го мина филтерот и доби позитивно мислење на Советот на јавни обвинители. Во конкуренција му беа обвинителката Лидија Раичевиќ, која доби негативно мислење од Советот на обвинители, и обвинителката Фатиме Фетаи, која отпадна од „трката“ поради некомплетна документација.
Според Законот за ЈО, Владата го предлага државниот обвинител до Собранието од оние кандидати кои добиле позитивно мислење од Советот на јавни обвинители.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Зеленски се надева дека резултатите од американските…
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека се…
Евромбасадорот Рокас ќе му го врачи извештајот…
Амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Михалис…
Иран објави информација за три опожарени бродови…
Два танкера и реморкер се опожарени во…
Изборен удар за Илон Маск: Потрошил речиси…
Американските милијардери вложиле стотици милиони долари во…
Сали: Постепената интеграција треба да донесе конкретни…
Во рамки на работната посета на Берлин,…