Објавено на:

Измамничка оперира низ цела Македонија: Не уплаќајте ниту денар на сметка на Голубинка Николова!

t

Името „Голубинка Николова“ на полицијата ѝ е добро познато од бројните пријави од измамени граѓани кои во различни полициски станици се обраќале во текот на годините со истата мака: Измамени биле да ѝ уплатат пари на нејзината трансакциска сметка, со лажно ветување дека ќе им најде работа, односно дека ќе им биде посредник. Но, заедничко за сите пријави е тоа што Голубинка не е пронајдена и не е уапсена за измама, а нејзините жртви се многубројни.

Еден од нив се обрати во редакцијата на „Слободен печат“. За Зоран Гошев од Виница, се почнало кога на Фејсбук видел оглас дека наводна фирма „М“ од Скопје врши посредништво за работа во Хрватска. Го видел огласот и со оглед на тоа што и изминатите години одел на работа во Хрватска и имал позитивно искуство со заработката и со условите за работа, решен бил повторно да најде работа во оваа држава и сезонски да замине од Македонија.

-Ја најдов на Фејсбук, имаше оглас. Се претстави како претставничка на скопска агенција „М“ и рече дека се вика Моника. Рече дека посредува за работа во Хрватска и во Шведска. Контактиравме на Вибер. Рече дека првата уплата треба да ја направам за апликација за работна виза, ми даде трансакциска сметка и рече да уплатам 3200 денари. Ја имам и трансакциската сметка и уплатниците. Откако уплатив 3200 денари ми кажа дека се е во ред и дека ќе ја препрати уплатницата во Хрватска. После извесно време, повторно се слушнавме телефонски и тогаш рече да уплатам уште 2950 денари за престојот во Хрватска. И тоа го направив. Ми кажа дека се оди авионски, или Скопје-Задар, или Скопје-Дубровник. Кажа дека датумот на тргнување е петти мај, дека ќе бидам распределен на работно место помошник во кујна и дека ми е обезбедено и сместувањето и два оброци на ден, вели Гошев за „Слободен печат“.

Но, како што се наближувала датата на поаѓање, така комуникацијата од страна на „Моника“ станувала поретка.

Во нашата редакција тој достави две уплатници на истата трансакциска сметка, едната направена на 7 април од 3200 денари за „апликација“, а другата на 18 април од 2950 денари „за сместување“ во Хрватска.

-После 18 април очекував одговор. До кај 21 април беше достапна ама не се јавуваше на Вибер, а претходно цело време се јавуваше. Веќе наближуваше датумот на поаѓање а мене ми стануваше се посомнително зошто ја снема, бидејќи после 18 април очекував детали за авионскиот билет. На крајот ме блокираше на Вибер, а уплатите ги направив на име Голубинка Николова, раскажува 51годишниот Гошев.

Неговата намера е случајот да го пријави во полиција со оглед на тоа што ја има трансакциската сметка од банката во која ги извршил уплатите.

-Баш затоа што ми даде трансакциска сметка не се посомневав, вели Гошев.

Уплатите ги извршил на трансакциска сметка со број 300007102905255 на име Голубинка Николова.

Од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ велат дека работат на расчистување на случајот со оваа измамничка а дека досега добиле бројни пријави.

„Обезбедени се соодветни доказни материјали, утврден е идентитетот на лицето, известени се основните јавни обвинителства и по целосно документирање на кривично-правните настани ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, велат од МВР за „Слободен печат“.

На интернет форумите каде се дискутира за работа во странство, повеќе корисници веќе споделуваат дека се работи за измамничка. Уште на 18 мај 2022 година еден од членовите алармира:

На Фејсбук има еден, нуди работа во Германија, се уплаќа на име на Голубинка Николова и бара пари за работна виза, за ваучери. Уплатив и чекам, ко божем ќе ги испратат договорите да се потпишат. Има ли некој исто што чека од нив или што одел преку нив во Германија? Колку се сигурни?, прашува членот и споделува дека веќе уплатил 120 евра.

Потоа други членови на форумот откриваат дека и тие се измамени но дека на Голубинка Николова ѝ уплаќале мислејќи дека е претставничка на друга фирма за посредување. Всушност, модус операнди на жената е да се претставува како претставничка на различни фирми, но секогаш сметката за уплата е истата, на која што уплатил и човекот што се пожали во нашата редакција.

На 8 јануари 2023 година, преку Фејсбук профил со име Наташа Ѓоргиевска, споделен е оглас за наводна работа од дома за пакување кондиторски производи. Едно од лицата што се пријавило за „работното место“ споделува дека уплатил 1090 денари за работа од дома, а дека огласот бил поврзан со Голубинка Николова.

„Ми кажа ќе почнам за 3-4 дена а помина еден месец и секој ден ми кажува различни изговори“, споделува тој член на форумот.

Извор: slobodenpecat.mk

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Николас на 7 години е убиен додека…

Тогаш седумгодишниот Николас заминал на одмор со…

ТРОЈЦА ЗАГИНАТИ ВО ЕКСПЛОЗИЈАТА ВО ИТАЛИЈА: Сè…

Три лица загинаа во експлозија во хидроцентрала…

Уапсен маж на аеродромот во Скопје, бил…

Вчера во 20.20 часот на Граничниот премин…

Облак со прашина од Сахара ја покри…

Облак со прашина стигна од Сахара до…

Блинкен: Успехот на израелските одлуки ќе го…

САД ги поздравуваат последните одлуки на Израел…