ИЛОВИЦА ИМА НАЈГОЛЕМ ПОТЕНЦИЈАЛ ЗА ГРИНФИЛД РУДАРСКИ ПРОЕКТ: Кои се пречките за развој на критичните материјали во Македонија?
Може ли македонското рударство да фати чекор со европските политики за критични материјали? Во научната студија „Анализа на индустријата за критични суровини во Северна Македонија“, изработена од универзитетските професори и инженери Драги Пелтечки, Горан Јованов и Стојанче Мијалковски, се истакнува дека пречка на овој пат не е отсуството на минерали. Според анализата, пречката лежи во институционалниот модел, „во кој геолошкиот потенцијал постојано се обезвреднува преку дозволување на непредвидливост, јаглеродна интензивност, слаба доверба на локално ниво и нецелосна стратегија за вредносниот синџир“.
„Анализата укажува на тоа дека Северна Македонија не треба да го сфаќа развојот на критичните суровини како бинарен избор меѓу повеќе рудници и никакви рудници. Поважното прашање е која комбинација од ископување, преработка, санација и енергетска реформа создава трајна компаративна предност, истовремено исполнувајќи ги европските стандарди“, се додава во трудот кој ја анализира врската меѓу минералните ресурси и политичките, економските, технолошките, правните и еколошките услови за нивно искористување.
Во текстот се истакнуваат постоечките рударски постројки, но се додава дека државата има значаен асортиман на „напредни проекти“. Меѓу нив се Иловица и Плавица.
„Порфириското наоѓалиште на бакар и злато Иловица-Штука останува најголемиот потенцијал за гринфилд рударски проект, но неговата траекторија е доминирана од судски спорови за концесии и спојувања, наместо од едноставно извршување на проектот“, се истакнува во анализата.
Авторите ги потенцираат токму правните услови како област која најчесто го неутрализира потенцијалот на Македонија во однос на критичните суровини. Според нив, постои модел кој се повторува, а како пример се посочува проектот за бакар во Иловица, а претходно и проектот во Казандол.
„Проблемот не е само во тоа што процесот на издавање дозволи трае долго – за рударските проекти сложените постапки за проверка се вообичаени. Подлабокиот проблем лежи во тоа што и инвеститорите и засегнатите заедници го доживуваат системот како фрагментиран, подложен на дискреционо одлучување и тежок за предвидување. Анализата на Државниот завод за ревизија за управувањето со концесиите, извештаите на Европската комисија, анализите на индустријата и информациите објавени од компаниите – сите укажуваат на истата дијагноза: многубројни одобренија, преклопување на надлежностите, слаба меѓуинституционална координација и недоволна транспарентност во однос на временската рамка за одлучување создаваат систем кој генерира бројни пречки и застои. Случајот „Иловица-Штука“ е поучен токму затоа што вклучува проект со одамна познати геолошки карактеристики, претходни одлуки за концесии, завршени технички активности и значителна јавна видливост. Сепак, напредокот зависи од судски спорови и од административни одлуки за поништување или преиначување на претходни решенија во врска со одобрението за спојување на концесиите“, се потенцира во научната студија.
Можност за пробив авторите гледаат во најавените Закони за рударство и геологија, кои би овоможиле приближување до европските стандарди и политиките за критичните материјали.
„Јавните консултации на Министерството во 2025 година за новиот Закон за геологија и новиот Закон за рударство се значајни. Тие укажуваат на сознанието дека наследениот Закон за минерални суровини веќе не е соодветен за ерата на критични суровини, обликувана од стратешката автономија на ЕУ, климатските обврски и зголемените очекувања за учество на јавноста“, пишува во анализата.
Неодамна, од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопштија дека европски експерти дале многу позитивна оценка за предложените законски решенија, посочувајќи дека тие воспоставуваат современа, јасна и меѓусебно усогласена рамка за геолошките истражувања и рударските активности.
„Во рамки на експертизата е направена и компаративна анализа со законодавствата на шест земји членки на Европската Унија – Австрија, Германија, Полска, Чешка, Финска и Хрватска, при што е утврдено дека предложениот македонски модел е во согласност со релевантните европски практики. Посебно внимание е посветено на современите европски политики во областа на критичните и стратешките минерални суровини, управувањето со геолошките податоци, заштитата на животната средина, одржливото користење на природните ресурси и одговорното управување со рударскиот отпад и затворањето на рудниците“, соопштија од Министерството.
Оттаму додадоа дека продолжуваат со стручниот и институционалниот процес за финализирање на Предлог-законот за геологија и Предлог-законот за рударство, со определба конечните решенија да бидат европски усогласени, современи, применливи и насочени кон одржлив развој на рударскиот сектор, но и кон заштита на јавниот интерес и природните ресурси на државата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ИЛОВИЦА ИМА НАЈГОЛЕМ ПОТЕНЦИЈАЛ ЗА ГРИНФИЛД РУДАРСКИ…
Може ли македонското рударство да фати чекор…
Арктички бран во Европа: На Балканот и…
Европа оваа недела ја очекува голема промена…
Во Грција уапсен македонски државјанин баран со…
При влез во Грција, на граничниот премин…
Дизел, дизел, дизел: Трамп разговарал со Зеленски…
Шефот на САД Доналд Трамп постојано му…
Мисајловски на годишен состанок со министрите за…
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски престојува во…