Кабинет на Гаши до Филипче: Собранието не смее да биде предмет на дневно-политички конструкции

t

Во врска со изнесените наводи од страна на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, Кабинетот на претседателот на Собранието ја информира јавноста дека постапувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши, е целосно во согласност со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија и во рамки на неговите уставни и деловнички надлежности.

Имено, на 18 мај 2026 година, врз основа на член 126 став 2 од Деловникот, претседателката на Комисијата за финансирање и буџет ја свика 64-тата седница на Комисијата за 19 мај 2026 година, со почеток во 11:30 часот. Седницата започна на 19 мај 2026 година и по утврдувањето на дневниот ред беше прекината.

Имајќи ги предвид роковите утврдени во член 176 став 2 и член 181 став 1 од Деловникот, повеќе од една третина од членовите на Комисијата, согласно 126 став 2,  на 20 мај 2026 година доставија барање до претседателката на Комисијата за продолжување на седницата во деловнички утврдените рокови, но продолжението на седницата не беше свикано.

Поради тоа, на 20 мај 2026 година, група пратеници до претседателот на Собранието доставија барање за свикување продолжение на 64-тата седница на Комисијата за финансирање и буџет, поради непостапувањето претседателката на Комисијата по доставеното барање за продолжување на седницата.

Со цел одржување на седницата во роковите утврдени во Деловникот, а согласно член 126 став 3 од Деловникот, претседателот на Собранието на 21 мај 2026 година го свика Првото продолжение на 64-тата седница на Комисијата за финансирање и буџет.

Оттука, станува збор за постапување кое не претставува политичка волја или произволна интервенција, туку исклучиво примена на јасно утврдени деловнички одредби, со цел обезбедување на функционалноста на Собранието и почитување на роковите предвидени во парламентарната процедура.

Сметаме дека Собранието не смее да биде предмет на дневно-политички конструкции и неосновани обвинувања чија единствена цел е создавање политичка тензија и медиумска конфронтација.

Претседателот на Собранието останува посветен на принципите на институционалност, правна сигурност и доследно почитување на Деловникот, без селективност и без политички калкулации.

Кабинет на претседателот на Собранието

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Филипче: Институциите вршат притисок врз градоначалниците од…

„Имаме 17 градоначалници и сите можни инспекции…

Филипче: За прв пат после 50 години…

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, денеска…

Шести април нов датум за реизбор на…

Според најавите, ќе се дебатираат актуелните политички…

(Видео) Филипче се збогyвaше од функциjaта –…

Досегашниот министер за здравство Венко Филипче во…

Филипче: Успешно извршена операција врз млада пациентка…

„Утрово успешно извршивме операција врз млада пациентка,…