Како Наполеон Бонапарта му даде име на Преспанско Eзеро
Не ми е и мене лесно. Понекогаш ќе се случат толку будалаштини одеднаш, а јас – мазохист – сакам со сите одделно да си го мрцварам умот. Но барем денес ќе се занимавам со мојата омилена тема – книжевноста. Радосен восхит ме заплиска откако ја изгледав прес-конференцијата на Венко Филипче каде што тој ја воведува токму книжевноста во политичката конфронтација, и тоа не чиј било убав пишан збор, туку на рускиот гениј Фјодор Михајлович Достоевски. Тоа што докторот е под руско книжевно влијание само покажува дека ние тука имаме навистина писмени политичари. А што се случи? Филипче го нарече премиерот Мицкоски идиот и така го стави рамо до рамо со кнезот Лав Николаевич Мишкин, еден од најпозитивните ликови во светската книжевност – човекот што ни соопшти дека убавината ќе го спаси светот, пишува Александар Русјаков за НОВА МАКЕДОНИЈА.
Зарем тоа не е прекрасно? Кога својот опонент го сместуваш меѓу најморалните карактери за кои светот чул и прочитал и на тој начин му оддаваш почит за работата што ја извршува. И мене ми олесна. Добив потврда од опозицискиот лидер дека на последните парламентарни избори сум постапил исправно гласајќи за сегашниот премиер. Се надевам дека лидерот на СДСМ ќе остане во оваа позитивна вибрација и нема да заскита – не дај Боже – во мрачните лавиринти на книжевноста, претставувајќи ни се како доктор Венко и мистер Филипче – човек што преку ден пее севдалинки од Харис Џиновиќ, а навечер свири по нотите на бугарските политички композитори.
А каде се Бугарите, тука се и Грците или како што вели една антимакедонска поговорка: каде што Грција „запира“ со негирање, таму Бугарија продолжува, но сега немам намера да ја вознемирувам читателската публика со тажните фрустрации на нашите соседи, туку уште малку ќе останеме во книжевноста. А добра книжевност нема без Данајци и нивните подароци. „Илијадата“ добива комичен римејк со наслов „Самоилијада“. Дрвениот коњ наполнет со Данајци, во оваа модерна балканска комедија станува саркофаг со посмртни коски, а наместо Тројанците, насамарени се Бугарите. Навистина епска смејурија! Самуил се врати дома, вреснаа во оргазмична радост Бугарите, има да доаѓате да му се поклонувате во Софија на бугарскиот цар, ни се врекнаа на нас, Македонците, а добија коски без ДНК-идентификација, со сомнително потекло, извадени од уште посомнителна гробница и со никогаш потврдена научна тапија дека тоа се посмртните останки на Самоил, кој – кога ова би биле негови коски, значи бил висок метар и педесет и кусур сантиметри – ама затоа Бугарија им предаде на итрите Данајци вистински и многу вредни црковни предмети, меѓу кои и дел од моштите на Света Матрона украдени од Охрид. Оние неколкумина бугарски научници што навистина се осмелиле да се занимаваат со научни факти, крикнаа дека Бугарија е измамена, а нивните власти извршиле кривично дело учествувајќи во измамата. Некои отидоа дотаму што тврдат дека тие коски дури и не се човечки.
Но, драги соседи, не очајувајте, јас сум секогаш тука да ви помогнам, затоа што и вие и мојата ништожност – ја обожаваме книжевноста. Вистина е, тоа не се коските на Самуил. Можеби не се ни на мајмун, но Грците сепак ве изиграа, правејќи ви мајмунски работи – и да, ви лапнаа вредни артефакти, додуша и вие сте ги украле, но не запаѓајте во депресија – ако тоа ве теши, нас ни ја зедоа цела античка историја поради плиткоумни, ама алчни и злобни политичари. Сепак, има нешто што ниту вие, ниту Грците, не го знаете, а јас сега ќе ви го откријам. Тоа сепак се царски коски – коски на цар далеку пославен од Самуил, ако зборуваме за светски размери. И тој цар бил висок метар и желба за растење. Низок, низок, ама многу заебан. Секако бил и ранет – не еднаш, туку трипати – првпат во бутина, вторпат во пета, ама во битката кај Аркола, неговиот коњ бил убиен, тој паднал под него и токму тогаш, најверојатно, добил повреда на подлактицата. И, секако, на крајот бил протеран на остров.
Значи, дали се разбираме? Кај вас се коските на големиот бугарски цар, Хеленот, Наполеон Бонапарта, роден на бугарска Корзика хеленска, бугарски император на француските Хелени, човек што не освојувал од аздис, туку ги враќал под свое владение сите окупирани хеленистички бугарски територии, иако на крајот – од своите злобни непријатели бил протеран на островот Света Елена што пак е погрешно прочитана пресуда, бидејќи во оригиналниот документ не пишува Света Елена, туку светиот бугарски цар на Хелените, кој горд дека бил ранет во Ахиловата пета побарал да го однесат на островот Свети Ахил; на Преспанско Езеро на кое, всушност, тој му го дал името. Еве како станало тоа!
Оставајќи го на островот, војниците му рекле „Тука ќе спиеш – засекогаш“, на што Наполеон вратил: „Јас речиси воопшто не спијам“, што на францускиот дијалект на бугарскиот јазик се изговара: „Je ne dors presque pas“, ама она „presque pas“ се изговара „преск па“, што на локалците им се чуло како „прес па“ и оттогаш езерото станало Преспа – место каде што Бугарите и Хелените во модерни времиња ги поразија своите непријатели – нас, Македонците, и не, не барам да ми кажете мерси за ова откритие што ви го подарувам. Сега само БАН треба да ги запише моиве информации како историска вистина, што секако нема да им биде тешко – и онака бугарската историја повеќе звучи како книжевност, додуша петпарачка, ама барем секогаш богата со фантазија.
Но ако кај источниот сосед има скепса за оваа моја вистина и продолжат да веруваат дека оние коски од Свети Ахил се на цар Самуил, воопшто не е страшно – па половина Македонци што станаа нордистанци, ама и голем број Балканци, мртви сериозни веруваат дека дузина политичари се сликале со картон на кој бил насликан Доналд Трамп, само затоа што американскиот претседател на сите фотографии држи иста позиција. Не ме интересира Балканот, ама за Нордистан оваа будалаштина има трагично симболичка вистина – идентитетот ни е бетон, врескаа политичари, аналитичари, новинари, интелектуалната бижутерија и шутото и рогатото од граѓанството луѓенца на шарената револуција – сите до еден претставници на нордистанската картон-нација, сопственици на нордистанскиот картон-идентитет и токму затоа – таму кај што ги нема, картони халуцинираат.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Како Наполеон Бонапарта му даде име на…
Не ми е и мене лесно. Понекогаш…
Граѓани нудат куќи и имот како гаранција…
Граѓани од различни делови на земјава преку…
Муцунски не разговарал за положување цвеќе пред…
Министерот за надворешни работи , Тимчо Муцунски,…
Тошковски нареди внатрешна контрола за случајот со…
По објавите во дел од медиумите дека…
Ѓорѓиевски: Пристигнаа 3.300 нови контејнери за Скопје,…
Пристигна првата испорака – 3.300 нови контејнери…