Објавено на:

Како Хутите можат да предизвикаат глобална економска криза и колапс на десетина држави

t

Додека се прават дипломатски напори за завршување на седумесечната војна и повторно да се воспостави слободна пловидба преку еден од најважните морски трговски патишта, Ормуска Теснина, на политичката сцена на Блиски Исток се активираат јеменските бунтовници, Хути кои се обидуваат да блокираат уште еден важен поморски пат, теснината Баб ал-Мандеб.

Ако Хутите успеат да воспостават целосна контрола врз Баб ал-Мандеб, низ која се одвива околу 15 проценти од светската поморска трговија, во вредност од над еден трилион американски долари, тоа ќе предизвика зголемување на цените на нафтата и ќе придонесе за раст на светската инфлација.

До јули, пред нападите врз саудиските бродови од страна на Хутите, најголемиот извозник на нафта во ОПЕК, Саудиска Арабија теснината Баб ал-Мандеб ја користеше како алтернативна рута на Ормуска Теснина за извоз на нафта кон азиските пазари. Ријад извезуваше околу три милиони сурова нафта дневно, додека по нападите извозот е речиси двојно намален.

Најсилна прокси група на Иран

Од движење за верска преродба на зејдитските шиити, формирано кон крајот на 90-тите години на минатиот век, кое се бореше против корупцијата, денес Хутите се меѓу најсилните прокси групи на Иран.

Аспирациите на јеменските бунтовници се воспоставување целосно контрола врз земјата и Јемен да стане исламистичко антизападно упориште во Блискиот Исток. Тие се закана, што може да го дестабилизира целиот регион и дополнително да ја наруши светска трговија.

Хутите во 2014 година ја соборуваат владата и го заземаат главниот град на Јемен, Сана. Една година подоцна, коалиција предводена од Саудиска Арабија се вклучува во внатрешниот конфликт во Јемен на страната на меѓународно признаената владата во Аден, со што почнува граѓанска војна што заврши со примирје во 2022 година. Граѓанската војна предизвика една од најголемите хуманитарни кризи во светот.

Хутите во Црвеното Море дејствуваат уште од октомври 2023 година, кога почна војната во Појасот Газа. Тие во знак на солидарност со Палестинците напаѓаа бродови во Црвеното Море, што доведе до тоа бродските компании да користат подолги, но побезбедни алтернативни рути околу цела Африка, преку ’Ртот на Добрата Надеж, поради што патувањето помеѓу Европа и Азија трае 15 дена подолго.

По американско-израелскиот напад врз Иран, иранските прокси групи веднаш се активираа, додека Хутите нападите врз саудиските танкери ги почна во јули, а во септември презедоа голема операција во Јемен.

Во најновата офанзива јеменските бунтовници го зазедоа стратешки важниот пристаништен град Мока, градот Дубаб и неколку острови во Црвеното Море. Но, нивната цел е да воспостават целосна онтрола врз теснината Баб ал-Мандеб. Хутите поставија топови долж брегот на теснината Баб ал-Мандеб и се заканија дека секоја саудиски брод што ќе се обиде да помине ќе биде легитимна цел на напад.

Ако Хутите воспостават целосна контрола врз Баб ал-Мандеб ќе се зголеми негативното влијание врз синџирите на снабдување и слободната пловидба.

Меѓународна помош за борба против Хутите и за заштита на слободната пловидба

Поради напредувањето на Хутите долж западниот брег на Јемен, создавајќи можност за продор кон Аден, помош побара меѓународно признаената влада на Јемен, но и Саудиска Арабија, чиј извоз на нафта зависи од Црвеното Море.

Потпретседателот на Претседателскиот лидерски совет на Јемен, Абдула Абдулкадер Ал Алими-Бавзер, во неодамнешното обраќање пред Генералното собрание на ОН ги обвини Хутите дека ги зголемуваат тензиите во регионот и го претвораат „еден од најважните поморски патишта во светот во средство за притисок и пазарење во конфронтацијата на Иран со светот“.

Тој побара регионална и меѓународна помош и стратешко партнерство што ќе придонесе за безбедност, стабилност и развој во корист на Јемен, регионот и меѓународниот мир и безбедност.

Директно загрозена од акциите на Хутите е и Саудиска Арабија, најголемиот ривал на Иран за регионална доминација.

Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман побара САД да се вклучат во јеменскиот конфликт. Според американските медиуми, САД на 20 септември во последен момент го откажале нападот врз цели на Хутите во Јемен, исто така на барање на Салман.

По неодамнешното напредување на јеменските бунтовници Хутите, долж западниот брег на Јемен, за Ријад е затворен уште еден важен воден пат, теснината Баб ал-Мандаб.

Ријад не само што се обидува да се заштити од нападите од Хутите, туку сака да го обнови извозот на нафта, преку копнени нафтоводи. Но, Хутите го нападнаа и нафтоводот Исток-Запад, пристаништето Јанбу, па дури и Ријад и најголемото муслиманско светилиште Мека.

Во јеменското пристаниште Ходеида на Црвеното Море денеска се преврте брод при истоварување на товар, при што загина најмалку еден работник, соопштија јеменските власти.

По офанзивата на Хутите, воена помош за Саудиска Арабија во нејзината борба против Хутите најавија Велика Британија и Франција. На барање на Ријад, британски авиони ќе обезбедуваат „одбранбено“ полнење гориво во воздух за саудиските воени авиони, додека Франција вети дека ќе испрати воена опрема, војници, радари и одбранбени системи за заштита на саудискиот нафтовод Исток-Запад и пристаништето Јанбу, кои изминатиот период е под постојани нападите од Хутите.

Саудиска Арабија во согласност со Договорот од Мека веќе доби воена помош од Пакистан. Пакистански единици, вклучително систем за воздушна одбрана, борбени авиони и копнени трупи, веќе се стационирани во Саудиска Арабија, а новата воена помош се состои од артилериски системи, беспилотни летала и системи за одбрана од беспилотни летала.

Додека Турција најави дека може да обезбеди воена и техничка поддршка за Ријад доколку биде потребно.

Договорот за заедничка одбрана од Мека, потпишан минатиот месец, предвидува дека вооружен напад врз која било од трите земји ќе се смета за напад врз сите нив.

Баб ал-Мандеб главната врска помеѓу Азија и Европа

Ако Хутите успеат да преземат целосна контрола врз Баб ал-Мандеб, тоа би била голема стратешка предност за Иран во војната со САД.

Теснината Баб ал-Мандеб го поврзува Црвеното Море со Аденскиот Залив и Индискиот Океан и претставува главна поморска рута што ја поврзува Азија со Европа. Заобиколувањето на овој поморски пат доведува до повисоки трошоци за испорака и зголемувањето на цената на суровата нафта од типот Брент над 108 долари за барел директно влијаат на потрошувачката инфлација низ целиот свет.

Според официјални податоци, годишно низ Баб ал-Мандеб поминува кинеска поморска трговија во вредност од околу 520 милијарди американски долари, Индија – 243 милијарди, САД – 226 милијарди долари, Германија – 208 милијарди и Велика Британија – 190 милијарди долари.

Повеќе од десетина африкански држави се зависни Баб ал-Мабдеб. Поморската трговија на Еритреја преку овој мореуз изнесува 87 проценти, Џибути – 78 отсто, Судан – 67, Јужен Судан – 65 и Чад – 61 процент.

Воената моќ на Хутите

Колкава е воената моќ на Хутите нема прецизни податоци, но милицијата со нападите врз Саудиска Арабија и врз Израел покажаа дека поседуваат оружје со голем дострел. Се претпоставува дека Хутите имаат 350.000 борци.

Според Извештајот на експертската група на Обединетите нации од 2025 година, Хутите развиле технологии за ракети и беспилотни летала преку техничка помош и домашно производство. И покрај ембаргото за оружје на ОН оружјето се шверцувало преку копнената границата на Оман, како и преку море.

Како главен снабдувач на оружје на Хутите се посочува Иран, но Техеран негира дека ги вооружува јеменските бунтовници. Додека обуката на борците е обезбедена исто така од Иран и од Хезболах.

Тактиката на Хутите, според експертската група на ОН, се фокусирани на инфилтрација, напади со дронови и гранатирање долж фронтовите, како и поставување мини и други експлозивни направи.

Амбициите на Хутите се причина за уште еден долготраен конфликт во Блискиот Исток, кој потенцијално може да му донесе огромна економска криза на светот. И затоа, веројатно ќе биде спречен на еден или друг начин.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Како Хутите можат да предизвикаат глобална економска…

Додека се прават дипломатски напори за завршување…

Со изведување докази продолжува судењето за „Државна…

Со изведување на материјалните докази од страна…

MAФИЈАШКА ЕГЗЕКУЦИЈА ПРЕД ДОМОТ НА БИЗНИСМЕНОТ: Филипов,…

Претседателот на фудбалскиот клуб Ботев, Илијан Филипов,…

Канал 12: Русин и Украинец биле пилотите…

Двајцата пилоти во авионот на „Флајдубаи“, кој…

Драма на летот Дубаи–Тел Авив: Авионот слетал…

Авионот на „Флајдубаи“, во кој според првичните…