Објавено на:

Како ќе реагира Кина? Американците ќе имаат пристап до четири воени бази во близина на Тајван

t

Американските трупи ќе имаат пристап до базата на островот Балабак во Палаван, на југот на Филипините, а на северот до аеродромот Лал-ло и пристаништето Камило Осијас во провинцијата Кагајан, како и до кампот Мелкор Дела Круз во провинцијата Изабела

Филипинските власти ги објавија локациите на четирите воени бази што ќе им бидат отстапени на САД, во рамките на проширениот одбранбен сојуз за кој аналитичарите сметаат дека е насочен против експанзијата на Кина.

Три од базите се на северниот остров Лузон, близу до Тајван, а четвртата е во јужната провинција Палаван, на брегот на Јужно Кинеско Море.

Уште за време на администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама САД најавија засилено воено присуство во јужниот Пацифик, пред сѐ во Австралија. Воената експанзија на Кина поттикна нови иницијативи на Америка за засилување на одбранбените сојузи со своите партнери од регионот. Во 2014 година Вашингтон и Манила го потпишаа Аранжманот за зајакната одбранбена соработка (ЕДКА), кој на американските трупи им овозможува да ротираат трупи низ девет воени бази на филипинските острови, вклучувајќи ја и онаа на стратегиски важниот остров Балабак, близу кинеските инсталации во Јужно Кинеско Море.

– Новите бази ќе ја зајакнат координацијата на американските и филипинските оружени сили и ќе ни овозможат поединствено да се соочуваме со заедничките предизвици во Индо-пацификот, вклучувајќи ги и природните и хуманитарните катастрофи – изјави претставничката на Пентагон, Сабрина Синг.

Маринскиот корпус на оружените сили на САД неодамна отвори нова база на Гвам, стратегиски остров источно од Филипините. Во Камп Блаз, првата нова база што маринците ја отвориле во изминатите 70 години, ќе бидат стационирани околу 5.000 војници и офицери.

Експанзијата на Филипините беше најавена во февруари, но локациите на базите не беа објавени. Сега се знае дека американските трупи ќе имаат пристап до базата на островот Балабак во Палаван, на југот на Филипините, а на северот до аеродромот Лал-ло и пристаништето Камило Осијас во провинцијата Кагајан, како и до кампот Мелкор Дела Круз во провинцијата Изабела.

Филипинскиот секретар за одбрана Карлито Галвез Хуниор ги опиша базите како „многу стратегиски, особено онаа на Балабак“. Галвез објасни дека Балабак е близу до главните поморски линии во Јужно Кинеско Море и до водите за кои Филипините и Кина имаат територијален спор. Островот е близу и до гребенот Мисчиф, на кој Кинезите градат вештачки остров заради воена употреба.

– Присуството на Балабак овозможува собирање информации и воздухопловни и поморски активности во регионот преку кои ќе се надгледуваат и ќе се контролираат кинеските активности на гребенот – објаснува аналитичарот Колин Кох.

Поморската база Камило Осијас, пак, е оддалечена само 500 километри од Кахсјунг, кој со 2,7 милиони жители е третиот најнаселен град на Тајван.
Аналитичарот Колин Кох објаснува дека четирите бази би имале важна улога не само при евентуална кинеска инвазија врз Тајван, туку и при воен конфликт во поширокиот регион.

– Северните локации не се избрани само заради Тајван, туку се употребливи и за конфликт во Јужно Кинеско Море. Тешко е да се замисли конфликт преку Тајванскиот Проток изолиран од Јужно Кинеско Море – вели Кох. Тој објаснува дека каналот Баши во Лузонскиот Проток е критична порта за кинеските бродови од домашните води до Пацификот, но и за американските од Гвам до Јужно Кинескo Море.

И Вашингтон и Манила истакнаа дека четирите бази не се трајно дадени на користење на американските сили. Низ нив само ќе ротираат американски војници, оружје и опрема. До крајот на овој месец двете земји треба да ги одржат најголемите заеднички маневри Баликатан 23, со присуство на околу 17.600 војници, морнари и пилоти.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Сенатот одобри помош за Украина, Израел и…

Во САД, Сенатот одобри помош за Украина,…

Русија и Кина потпишаа Меморандум за соработка…

Врховниот командант на руската морнарица, адмирал Александар…

Бербок: Германија не може да прифати Кина…

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок денеска…

Зошто Кина ги зголемува златните резерви веќе…

Цената на златото расте, не само во…

Вучиќ ќе се сретне со Си Џинпинг…

 Кинескиот претседател Си Џинпинг доаѓа во Белград…