Календар на МПЦ: Денеска се празнуваат овие светители

t

Според Календарот на МПЦ, денеска се празнуваат овие светители:

Собор на сите македонски Светители

Првата недела од месец октомври си спомнуваме за сите македонски светители, меѓу кои се и светите солунски и сесловенски браќа Кирил и Методиј, богомудри и рамноапостолни, свети Климент Охридски, свети Наум Охридски, свети Гаврил Лесновски, свети Григориј, епископ Охридски, свети Прохор Пчински, свети Јоаким Осоговски, свети Јосиф, архиепископ Солунски, свети Агатангел Битолски, свети Георгиј Кратовски, света Кирана Солунска, свети Никита Серски, света Матрона Солунска, свети Јован Кукузел, свети Александар Солунски, свети Еразмо Охридски, свети Нектариј Битолски, свети Анастас (Спасо Радовишки), света Васа Солунска, света великомаченичка Злата Мегленска, свети Ефтимиј Солунски, свети петнаесет Тивериополски свештеномаченици, свети Роман, епископ Македонски, свети Николај, архиепископ Солунски, свети Зиновиј и Зиновија Егејски, света Тесалоникија, свети Ангел Лерински, свети маченик Христо, свети Никодим Охридски, преподобен Петар Мегленски, преподобен Иларион Мегленски, преподобен Акакиј Серски, преподобен Дионисиј Костурски, преподобен Јаков Костурски, преподобен Петар Атонски, преподобен Теофил Струмички, преподобен Давид Солунски, преподобен Атанасиј Атонски, преподобен Никодим Елбасански, преподобен Јован Рилски и мноштво други кои засветиле во подвигот на овие македонски простори.

Светите маченици Трофим, Саватиј и Доримедонт

Во времето на царот Пров, во 3 век, кога над Антиохија началствуваше некој Атик, дојдоа во Антиохија двајца христијани, Трофим и Саватиј, обајцата угледни и чесни граѓани. Но се случи токму во тоа време скверното празнување и жртвопринесување на Аполон во Дафна кај Антиохија. Атик особено се грижеше сите граѓани да земат учество во тоа празнување. Па бидејќи некои ги видоа Трофим и Саватиј, му јавија на Атик дека овие туѓинци не земаат учество во нивниот празник. Атик ги зеде на суд, па бидејќи не се одрекоа од Христа, еден по еден ги подложи на маки. Откако ги изби и го намачи Трофим, го испрати во Фригија кај некој Дионисиј, уште полут мачител на христијаните, а самиот го изведе од затворот Саватиј и почна да го суди. Кога мачителот го запраша Саватиј кој е и каков чин има, тој му одговори: „Мојот чин и моето достоинство, и татковина, и слава, и богатство мое е Христос, Синот Божји, секогаш жив, врз Чија Промисла вселената стои и се управува.“ За ова го биеја и го растргнуваа, го стружеа со железо, додека не му излегоа коските од под месото. Во тие маки и заврши. А Трофим мачителот Дионисиј го удри на големи маки и го држеше во затвор за уште поголеми. Тогаш кај Трофим во затворот дојде и му служеше некој сенатор Доримедонт, потаен христијанин. Кога дозна за ова, мачителот почна да ги мачи двајцата и најпосле ги фрли пред ѕверови. Но ѕверовите не ги ни допреа. Свети Доримедонт намерно ја дразнеше мечката влечејќи ја за уши за да го растргне, но при сето тоа мечката му се умилкуваше. На крајот мачителот нареди и Светите Трофим и Доримедонт ги убија со меч. Душите на овие маченици царуваат на небесата.

Тропар
Во Tроица славениот Бог, тројцата маченици ги прослави, Трофим и Саватиј и Доримедонт: во Tебе верувајќи, непријателот го победија. По нивните молитви, Христе Боже наш, помилуј нe.

Светиот маченик Зосим Пустиник

Еден киликиски кнез Дометијан одеше на лов во планините заедно со неговите слуги. Во планината виде еден стар човек опкружен со ѕверови, кротки како јагниња. Кога го праша кој е и што е, старецот одговори дека името му е Зосим, дека е христијанин и дека одамна живее со ѕверовите, коишто се подобри од мачителите на христијаните по градовите. Тоа го навреди Дометијан, којшто и самиот беше лут мачител на христијаните, па зеде и го окова Зосим и го испрати пред себеси во Назарет, каде што сакаше посебно да го мачи, за да ги заплаши оние што веруваат во Христа. И кога сиот го направи рани и го раскрвави од удари, му врза на вратот камен и го подигна на едно дрво. Па му се подбиваше кнезот: „Заповедај да дојде еден ѕвер, па и ние сите да поверуваме!“ Светиот маченик Му се помоли на Бога и навистина се појави еден огромен лав, којшто му пријде на Зосим и ја положи главата своја под каменот за да му олесни на маченикот. Во голем страв кнезот го одврза Зосима, но овој набрзо го предаде својот дух во рацете на својот Господ.

Тропар
Оној на Кого и времето му се покорува, ѕверовите шумски ги скроти по твоите молитви, Зосиме преподобен, но слободата ја остави во срцата острастени на неверните синови. Затоа, мачениче свети, моли Го Него мир да дарува на душите наши и спасение по твоите молитви.

Свети Теодор, кнез Јарославски

Праведен и милостив, пред смртта прими схима и се упокои во 1298 година.

Тропар
Кротост на душата твоја, смиреност подари на срцето, кое благодатни дом устрои за Господа, о Теодоре, слуго на Вишниот Бог. А Он на твоите молитви свети сега нe приведе, од твојот живот да се ползуваме: грижливост за сираци и вдовици, утеха за болни и немоќни, поучувач на паднати, сe во слава Господова да се прави.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Документи+Видео) Ова се доказите за соработката помеѓу…

Maкедонската јавнос е во шок по деталите…

Добри вести од соседството, пронајдена e Сара!…

Пронајдена е Сара П.(17) од Борча која…

Koнечно искрен политичар: Не верувајте на сѐ…

Не верувајте во сѐ што ви кажуваме.…

Не за џабе ја нарекуваат Белата Палата:…

Истакнат член на партијата и близок човек…

(Видео) ПЕРО АНТИЌ „МУ ГО ЧУВА ГРБОТ“…

Поранешниот прославен македонски кошаркар и актуелен претседател…