Календар на МПЦ: Утре е Лазарова сабота

t

Лазарова сабота

„Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението: да ги отфрлиме сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на Светлината. Да одиме чесно како дење“ (2 Кор. 6, 2) – зашто ни се приближува сеќавањето на спасоносните Христови страдања, се приближува нова, голема и духовна Пасха, награда за бестрастието (палмовото гранче), почетокот на идниот век. Тоа го најави Лазар, кога излезе од оние кои се скриени во пеколот; по заповедта на Божјиот Син, Кој има власт над животот и смртта, оној кој четири дена беше во гробот, стана од мртвите. Кога било извршено чудото над Лазар, и кога Христос јасно истакнал дека Тој е Бог, народот го прифатил тоа и поверувал, додека некои кнезови, односно книжници и фарисеи, биле далеку од верата, па неразумно смислувале лоши работи против Него и со своето безумие сакале да Ги убијат Оној, Кој преку тоа што го рекол и направил се претставил како Господар на животот и смртта. Овие зборови, иако заради народот изговорени во вид на молитва, не биле молитвени зборови, туку зборови на власт: „Лазар, излези надвор!“ – и Лазар веднаш, иако четири дена мртов, застанал жив пред Него; зарем не биле едно заповедта и молитвата на Животодавецот? Тој викнал со силен глас, и тоа заради присутните, бидејќи можел не само тивко, туку и само со волјата да воскресне, и тоа оддалеку, додека каменот с? уште лежел над гробот. Тој, пак, му се доближил на гробот и им рекол на присутните да го тргнат каменот, а овие го почувствувале непријатниот мирис на распаѓањето и тогаш Тој со силен глас му се обратил на Лазар, го повикал кај Себе, и токму тогаш го воскреснал. И сето тоа, за тие да видат со сопствени очи, бидејќи биле крај гробот, со сопствениот нос да ја почувствуваат смрдеата на мртвото тело кое четири дена било во гробот, и со сопствениот допир да почувствуваат – затоа што со своите раце го допреле каменот кога го отстранувале од гробот, потоа плаштаницата и убрусот на главата кога го одвивале, како и лично да го чујат Господовиот глас, кој допрел до ушите на сите присутни. Значи, преку сето тоа, тие поверувале дека Тој е Оној Кој „го повикува непостоечкото кон постоечко“, Кој с? носи со силата на Своите зборови и Кој на почетокот со еден Свој збор с? доведе од небитие во битие. Свети Григориј Палама

Тропар
Христе Боже, за да нe увериш во општото воскресение, пред Твоите страдања, го воскресна Лазара од мртвите, затоа и ние носејќи како децата знаци на победата, Ти повикуваме Тебе, Победителу на смртта: Осана во висините! Благословен е оној што иде во името Господово!

Свети Никита Исповедник

Роден е во Витинија во градот Кесарија. Неговиот татко Филарет штом се лиши од својата сопруга се замонаши и Никита остана кај баба му, мајката на татко му. Откако порасна и заврши со изучувањето на науките појде во Мидикискиот манастир, каде што игуменот Никифор го потстрижа за монах, а по седум години подвиг патријархот Тарасиј го ракоположи за јеромонах. По смртта на Никифор и на Никитиниот верен другар Атанасиј, братството го избра Никита за игумен, а тој тоа го прими наспроти својата волја. Свети Никита им беше светол пример за живот и подвиг на браќата цела низа години. Но кога се зацари царот Лав V Ерменин, после благочестивата Ирина и правоверните цареви Никифор и Михаил, иконоборната ерес повторно се распали. Царот го симна патријархот Никифор и го испрати во прогонство, а на негово место го воздигна еретикот Теодот Каситер, човек со нечист живот. Беше затворен и мачен и Никита, но тој не се поколеба во Православието. Го носеа од затвор во затвор, го мореа со глад и со жед, со мраз и со пот и подбив. Но не даде да се расколеба. Особено му здодеваше еден Никола со потсмеви и навреди. Една ноќ на Никола му се јави неговиот покоен татко во сон и прекорно му рече: „Отстапи од Божјиот слуга!“ Од тој миг Никола се покаја и не само што повеќе не му здодеваше на светителот туку и другите ги одвраќаше да не му здодеваат. Кога царот Лав Ерменин загина со зла смрт, царството го презеде царот Михаил Валвос, а тој ги ослободи православните страдалници. Никита се повлече во едно осамено место близу Цариград, каде последните денови од неговиот земен живот ги помина во молитва и благодарење. Кога умре телото му го пренесоа во неговиот манастир. При оваа поворка мнозина болни коишто се допреа до неговото тело се исцелија. Моштите му беа положени до гробниците на неговиот духовен отец Никифор и другар му Атанасиј. Овој голем јерарх се упокои во Господ во 824 година.

Тропар
Исповедниче на Православието, пастиру на овците словесни, велик молитвенику, од Никифора преподобниот духовно роден, од Тарасие Патријархот со оклопот на свештенството облечен, смело изобличуваше со силата на Духот Свет и цареви и Патријарси, оче наш Никито. По твоите свети молитви, Христос нашиот Спасител да го изобрази ликот Свој во срцата наши.

Свети Павле Неволник

По потекло Русин. Во младоста заробен од Турците. Не сакаше да се потурчи и да ја предаде верата Христова, па го мачеа и го убија во Цариград во 1683 година.

Светиот маченик Улпијан

Момче од градот Тир. Мачен за Христа од началникот Урбан, мачителот на Св. Амфијан (2 април). Најпосле го врзаа во вреќа заедно со еден пес и една змија и го фрлија во морето. Пострада и се прослави во 306 година.

Тропар
Морето телото твое го прими како бисер најскапоцен, Улпијане, очистен и измиен во крвта за Христа пролеана, а небесата кои ја објавуваат славата Божја, нова ѕвезда изнедрија – дом вечен за прослава на душата твоја молитвена, која се застапува пред Господа за сите кои го чествуваат твојот спомен.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ковачевски: Нема откажувања, ги повикувам граѓаните на…

Со исправена глава, поставени на вистински европски…

Лукаревска: Сметам дека ќе бидеме фактор на…

Очекувам дека кај граѓаните ќе надвладее разумот,…

Полска потпиша договор за купување повеќе ракетни…

Најголемата јужнокорејска одбранбена компанија, „Hanwha Aerospace“ го…

Хоти: Никој веќе не му верува на…

Поранешниот премиер Авдула Хоти изјави дека поради…

НАТО: Кина да престане да ѝ помага…

Доколку Кина сака да има добри односи…