Монолитност или хомогенизација

t

Монолитност или хомогенизација

На прв поглед, на прва помисла, верувам дека ќе ставите знак на еднаквост помеѓу овие два навистина наизглед идентични поими. Секако, тие се само наизглед идентични, воопшто не се работи за ист поим. Всушност потполно се различни, особено во политичко-идеолошка и политичко-прагматична смисла.

Зошто на оваа неделна колумна и дадов ваков наслов? Затоа што сакам да Ве поттикнам на размислување, како што тоа впрочем го правам наназад низ секоја колумна веќе со години (десетина години). Поентата на колумните не е исклучиво да се опишат секојдневните собитија или да се даде свој став – мислење во однос на актуелните дневно-политички случувања на нашата политикантска сцена. Колумните имаат за цел да ве поттикнат на размислување, на здраворазумско и логичко расудување за тоа што и зошто ни се случува во Македонија веќе триесет и повеќе години. Зошто ние Македонците, целата македонска нација, никако да се поместиме од место и да влеземе во процесите кои околу нас се случуваат па дури и да бидеме чинители во истите? Една од причините е и затоа што некои основни поими на политичка идеологија и прагма сеуште ги мешаме и живееме во минати времиња исполнети со митови од што немаме ама токму никаква полза. Нема полза да се живее во нереалноста во сеќавања на тоа како божем добро ни било, а да не се ориентираме кон реалноста, сегашноста и истата да ја гледаме со ширум отворени очи загледани во хоризонтот на иднината. Иднина која низ процесите во регионот, Европа и светот треба да ја антиципираме и активно да учествуваме во неа колку и да се сметаме за мали или пак историски – митски големи.

Двата поими кои се пред вас во насловот ќе послужат низ оваа колумна да ви ги објаснам токму разликите во монолитноста и хомогенизација како израз на политичка идеологија или политичка прагма во Македонија. Всушност се работи за два дијаметрално спротивни концепти кои преку нивна политичка прагма и внесување на термините во политичката идеологија на политикантските актери, директно влијаат врз иднината на Македонија.

Кога ќе ви кажат јавно дека нивната политичка партија е монолитна, не ви кажуваат дека ја хомогенизирале партијата, туку се обидуваат да ви кажат дека внатре во партиската структура барем на највисоко ниво успеале да го дисциплинираат членството и тоа го постигнале на недемократски начин но со јасна цел. Целта е да се направи „бункер“ одбрана најпрво од внатрепартиски нелојални членови, а потоа и да се глуми внатрепартиско единство. Со сигурност барем во македонскиот случај не се работи за политичко-идеолошка монолитност иако самиот термин е поврзан токму за ваков вид монолитност и тоа исклучиво во тоталитарните режими. Но тоа истовремено не значи дека политикантите кои го употребуваат овој термин немаат тоталитаристички политички амбиции, и однесување. Без разлика на постигнатата цел па дури и само врз дел од партијата, тенденцијата е иста, а тоа е да се изврши потполна диференцијација и маргинализација на секој поединец во партијата кој не е согласен со политиката на бункер друштвото, чии цели се исклучиво и само лукративни. Тоа останатите „обични“ членови ќе може да го осознаат или веднаш, доколку се спротивстават на монолитните политики преку нивна маргинализација, или подоцна кога пред нивни очи ќе продолжат недекомратските партиски случувања. И во таков случај наративот за монолитноста (кано клисурине – согласно митот од времето на Тито) ќе продолжи, бидејќи е алатка за притисок врз членството со цел сега веќе да ги одобри, поддржи и по можност омасови политиките на бункер друштвото. Успехот на политичко-лукративната монолитност во отсуство на идеолошка основа зависи исклучиво и само од постојаното откривање и обзнанување на внатрепартиски непријатели, неподобни кадри, но и на државни непријатели-предавници кои одвнатре и однадвор ја загрозуваат нашата Македонија. Во таа политикантска игра, пред се со националните и патриотски чувства на партиските членови на прво место се креираат различни божем политички наративи од типот на историски митови, употреба на МПЦ-ОА во политички цели или некаков суверенизам, секогаш повикувајќи се на примерот на некои други држави веќе членки на ЕУ, кои во пракса веќе го вложиле својот суверенитет и делумно ограничиле при самиот влез во ЕУ. Впрочем секое зачленување во некаков сојуз, било да е воено-политички или економско-политички, безбедносен или одбранбен подразбира и доброволно откажување од дел на државниот суверенитет во полза на сојузот. Иако современите држави својот суверенитет го црпат од граѓаните, или граѓаните се суверени на државата, низ своите претставници избрани на изборите тие посредно се согласни на отстапување на дел од сопствениот суверенитет. Така ќе биде случајот и со членството на Македонија во ЕУ за што ќе треба да се изјасниме.

За разлика од монолитноста како политичко-идеолошки термин за внатрешна цврстина, хомогенизацијата претставува процес кој се одвива во еден подолг временски период и има за цел зближување околу клучните политички прашања и вредности не навлегувајќи во деталите и толерирајќи ги различните мислења.

Хомогенизација околу темелните политички вредности, идеолошки столбови или уверувањата претставува постигнување на политичка цел на политичката партија а осмислена и отелотворена во рамките на демократски внатре-партиски односи кои имаат за цел да ги обединат партиските членови околу поставената политичко-идеолошка, партиска или државна цел.

При хомогенизацијата на партијата, која вообичаено се случува пред избори или пред донесувањето на стратешки државни одлуки, демократските партиски лидерства се водат првенствено од виталните интереси и цели на државата. Поддршката на одлуките за остварување на стратешките или витални цели на државата се бара од граѓаните, додека поддршката за партиските изборни решенија или политики се бара исклучиво и само од партиските членови.

И токму тука е клучот во согледувањето на разликите помеѓу градењето на монолитност која мора, напоменувам мора да биде создадена и да го наметне решението кое го определило лидерството и хомогенизацијата која треба, напоменувам треба да биде изградена преку изнаоѓањето на најдоброто решение од можните. Е сега, тие решение може да се однесуваат на политички прашања, ставови или процеси, но и во однос на изборот на клучни кадровски решенија, но токму хомогенизацијата и процесот на убедување претставува политика во пракса.

Токму тука е клучот на прашањето дали подобар резултат ќе даде монолитноста или хомогенизацијата во политиките на политичките субјекти. Монолитноста безусловно ќе го наметне однапред определеното решение одредено од тесен интересен круг во партијата. Во тој контекст не постои внатрешна политичка дебата и различност на идеи, ставови и убедувања и секој оној кој ќе се обиде да укаже на погрешна одлука, решение или кадровски предлог, посебно доколку тоа укажување е логично и здраворазумско по автоматизам го прогласуваат за партиски непријател и го маргинализираат. Лојалноста, лична до степен на послушност кон претседателот на партијата е издигнат на ниво на култ на личност и тоа е вовед во апсолутизам, а на апсолутизмот му треба монолитност за да го храни и одржува во живот. Интересно е што сите останати кои ја гледаат погубноста од погрешните решенија немаат храброст да се спротивстават на божемната монолитност во партијата, и на бункер групацијата, најчесто за да не си го нарушуваат мирот. Тоа е недостиг на политичка храброст, но и доброволно прифаќање на тоталитаризам. Штетите кои во најголем број на случаеви се неизбежни, во никој случај нема да ги почувствува бункер групацијата, бидејќи повторно ќе се повика на монолитност и повторно вината ќе се бара во оние кои се спротивставувале на погрешните одлуки, затоа што придонеле да не биде партијата доволно монолитна. Секако, тоа е потполна невистина. И на крајот, целта е ограничена единствено на владеење со ресурсите на партијата или државата, повторно исклучиво и само од страна на бункер групацијата. Доколку оваа цел биде препознаена од членовите на партијата тогаш неминовно мора да дојде до пад на бункер групацијата која ја предизвикала штетата со недемократското однесување. Последиците врз политичката структура во ваков случај ќе бидат големи и ќе биде потребен голем напор за враќање на структурата во демократска политичка нормала, но без бункер групацијата која во потполност мора да замине од политичката сцена и да биде санкционирана.

Самата дисперзија на политичките прашања и барањето на соодветни решенија низ дебата и палета на предлози, идеи, мислења, ставови, логични размислувања за резултатите од одлуките и последиците врз партијата и државата, дава можност за хомогенизација околу демократски утврденото решение и донесена одлука. Секако дека и во овој процес на хомогенизација преку внатрепартиска дебата не постои гаранција дека резултатот ќе биде позитивен иако процентот на веројатност е многу поголем бидејќи се работи за собирање околу општо прифатена и објаснета заедничка платформа. Но штетата ќе биде дисперзирана како одговорност на целата структура при што може да се очекува лидерството кое ја дало основната идеја-решение или прифатило некоја идеа -решение да демисионира од лидерската позиција, и тоа да не предизвика поголема внатрепартиска штета. Едноставно неуспешното лидерство по природен пат ќе замине. Тоа само ќе даде добар пример за понатамошна хомогенизација која повторно во еден демократски процес ќе ја зголеми хомогенизацијата, посебно доколку се работи за решенија, одлуки или кадровски прашања кои имаат пошироко влијание во државни рамки.

Во пресрет на изборите наше е да размислуваме и да гледаме, впрочем затоа Бог ни дал, очи, уши, разум, да разум по што и се разликуваме од другите несловесни битија.

Секоја сличност со однесувањето на политичките партии во Македонија во однос на монолитноста или хомогенизацијата е не-случајна и оваа колумна може да ја разберат како упатство за употреба на демократските принципи и вредности.

Оливер Андонов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Бугарски бесрамности и македонски ќор-сокаци: Политичари аматери…

БУГАРСКИ БЕСРАМНОСТИ И МАКЕДОНСКИ ЌОР - СОКАЦИ…

Никовски: Украина носи несогледливи последици за сите…

УКРАИНА НОСИ НЕСОГЛЕДЛИВИ ПОСЛЕДИЦИ ЗА СИТЕ Се…

Трифун Костовски: Институциите не ги штитат граѓаните…

ЕУРОСТАНДАРД БАНКА, ЖРТВА НА ПОЛИТИЧКИОТ СИСТЕМ ВО…

Сотир Костов: Неподносливата леснотија на манипулирање –…

Неподносливата леснотија на манипулирање Како да не…

Костов: Смрдеата од неисчистените Авгиеви штали на…

Денес ќе ви презентирам како блгарската историческа…