Карни: Канада ја прифаќа понудата за „придружно членство“ во ЕУ

t

Канадскиот премиер Марк Карни изјави дека Канада ја поздравува понудата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за воспоставување статус на „придружна членка“ на Европската унија, оценувајќи дека тоа може да биде основа за нова алијанса меѓу Канада и Европа.

„Вчера претседателката фон дер Лајен зборуваше за надминување на ЦЕФТА, трговскиот договор, и создавање алијанса за иднината, со што се отвора вратата Канада да стане првата придружна членка на Европската унија“, рече Карни пред европратениците, проследено со аплауз.

„Канада ја поздравува оваа амбиција. Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека огромно мнозинство Канаѓани поддржуваат многу поблиски односи со Европа. Алијансата за иднината е единствен и позитивен пристап кој ќе го дефинираме заедно, надградувајќи ги нашите заеднички силни страни и споделени вредности“, додаде тој.

Карни пред Европскиот парламент порача дека Канада и Европа не се поврзани само со географијата.

„Канада и Европа не се поврзани со географија. Ние сме поврзани со сродност – избрана, доброволна, обновувана и токму поради тоа посилна“, рече канадскиот премиер.

Тој оцени дека канадското и европското општество се соочуваат со „нови бури“, меѓу кои ги наведе последиците од климатските промени, „ерозијата на демократските норми“ и користењето на трговијата како средство за политички притисок.

„Канада и Европа поединечно се силни. Европа и Канада се посилни заедно“, порача Карни.

Според него, традиционалните меѓународни институции главно се организирани според географијата, додека стратешките капацитети потребни за соочување со современите предизвици треба да се организираат според функцијата.

Карни ја опиша потенцијалната алијанса меѓу Канада и ЕУ како „светилник за демократиите“, кој би бил отворен и за други земји.

„Алијансата меѓу Канада и ЕУ би била светилник за другите демократии. Алијанса која не е дефинирана според тоа на што се спротивставуваме, туку според тоа за што се залагаме: слобода, солидарност, просперитет и одржливост“, рече тој.

Тој додаде дека целта би била создавање поголема отпорност на општествата и заштита на нивниот суверенитет.

„Алијанса доволно силна за никој да не може да ги диктира нашите избори. Алијанса доволно отворена за да можат и други да се приклучат. Алијанса доволно принципиелна за нашата сила да го зајакнува меѓународното право, наместо да се обидува да го замени“, порача Карни.

Карни истакна дека неговата визија за поблиско партнерство меѓу Канада и ЕУ не е создавање нов блок кој би се натпреварувал со големите сили.

„Не предлагам создавање трет блок со цел да стане ривал на големите сили, само со подобри манири“, рече тој, предизвикувајќи смеа во салата.

„Не бараме моќ за да доминираме со другите. Напротив, се стремиме кон отпорност, за никој да не може да ги контролира нашите отворени пазари, да го загрозува нашиот суверенитет, нашиот територијален интегритет или да ги поткопува нашите слободи, демократии и владеењето на правото“, додаде канадскиот премиер.

Карни оцени дека комбинацијата од овие принципи и стратешките капацитети на Канада и Европа може да придонесе кон создавање „праведен, стабилен и просперитетен светски поредок“.

Тој во говорот се осврна и на историските врски меѓу Канада и Европа, потсетувајќи на учеството на канадските војници во битката кај Вими Риџ во Првата светска војна.

„Често се вели дека Канада станала нација за време на битката кај Вими Риџ. Илјадниците Канаѓани кои не се вратиле од таа битка ги жртвувале своите животи за нешто многу поголемо од самите нив“, рече Карни.

Тој раскажа и дека еден од војниците кои се вратиле дома застанал за да собере желади, од кои подоцна биле одгледани дабови во Канада.

„Денес истите Вими дабови растат и во Канада и во Франција. Тоа е жив доказ дека она што го негуваме заедно може да ја преживее и најтемната зима и повторно да процвета“, рече Карни.

„Затоа, да ги продлабочиме овие корени, да ја прошириме крошната и да создадеме трансатлантска шума под која нашите граѓани ќе можат да живеат како слободни луѓе на слободна земја, секој ден“, заклучи канадскиот премиер.

Неговиот говор во Европскиот парламент беше проследен со долг и гласен аплауз од европратениците.

Извор: Euronews.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Карни: Канада ја прифаќа понудата за „придружно…

Канадскиот премиер Марк Карни изјави дека Канада…

Фон дер Лајен: Со Кина зборовите се…

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер…

ЕУ најавува план за забрана на социјалните…

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер…

Фон дер Лајен „згрозена“ од погребот на…

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер…

Процесот на проширување ќе остане базиран на…

Европската комисија ќе предложи план за најнапредните…