Кастриот Реџепи: И денеска сум убеден дека мојата постапка го одржа интегративниот процес во живот

t

И ден денеска сум убеден дека мојата постапка го одржа процесот на интеграции во живот. Секое ново мнозинство ќе беше нож во ковчегот и ќе значеше крај на стремежот на граѓаните во нашиот европски пат. Тоа ќе продолжам да го правам и во иднина.

Вака пратеникот Кастриот Реџепи одговори на прашањето на „Фокус“ како ќе постапи доколку Македонија и овој јуни не ги почне преговорите со ЕУ, со оглед на тоа дека кога тој премина во владејачкото мнозинство главна причина му беше да придонесе Македонија да напредува на патот кон ЕУ.

Нема отстапување од членството во Европската Унија, нема прекинување на реформите, не се откажуваме од желбата Северна Македонија да биде членка на Европската Унија и европска држава со сите стандарди. Тоа е таа европска агенда од која оваа Влада и јас никогаш нема да се откажеме затоа што Северна Македонија нема друг пат освен европскиот. Имаме соседи, имаме пријатели, имаме сојузници, станавме сериозна држава. Ќе останеме посветени и ќе успееме, вели Реџепи за „Фокус“.

Тој додава дека Владата прави сериозни напори со поддршка на парламентарното мнозинство за што поскоро да почнат преговорите, а поддршката од САД и ЕУ се само мотив плус во заложбите за отстранување на ветото, и силната посветеност на дијалогот со соседна Бугарија за изнаоѓање европско решение, достоинствено за двете држави и народи.

Ние го направивме нашиот дел, направивме и повеќе отколку што се очекуваше досега, и сега е време Европската Унија да го направи својот чекор напред, особено во овие услови на кризи, безбедносна, економска и енергетска, кога не е потребно разединување, туку напротив, обединување на Унијата. До сега лицитирањето со датуми донесе само разочарување кај сите нас. Затоа ниту јас ниту оваа Влада нема да потенцираме конкретен датум, но сметам дека ова е вистинското време, француското претседателство со Европска со ЕУ да даде јасен сигнал и сериозен напредок во процесот на проширување, особено сега после реизборот на претседателот Макрон, смета пратеникот.

Сепак, Реџепи предупредува дека стагнирањето во однос на политиката на проширување на Унијата и те како има негативно влијание по кредибилитетот на самата Унија, но и остава многу голем простор за недемократски и нелиберални влијанија.

Секако, оваа Влада, вели тој, ќе продолжи да биде водена од идејата дека реформите ни се потребни нам и нема да оставиме нималку простор за разочарувања и изолации.

Дотолку повеќе, и мнозинството од нашите сограѓани сметаат дека треба да продолжиме со процесот на интеграцијата во европското семејство. Процесот на европеизација всушност е процес на реформи и затоа остануваме на високото ниво на посветеност да работиме на спроведување на истите. Дополнително остануваат регионалните инцијативи, кои отвараат простор за нови соработки и отварање нови можности за граѓаните, како една додадена вредност во развојот и напредокот на општеството на патот кон Унијата, заклучува Реџепи.

Реџепи влезе во Собранието како пратеник на БЕСА, а минатиот ноември изненадно премина во владејачкото мнозинство предводено од СДСМ, кога се кршеше ситуацијата дали Владата ќе го задржи мнозинството или ќе и биде изгласана недоверба.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ