Клековски повика на празнење на базените поради западнонилската треска
Мерките за справување со епидемијата на западнонилска треска ќе бидат дополнително засилени, најави министерот за здравство Саздо Клековски. Покрај редовното и веќе планирано прскање против комарци, жителите во подрачјата каде што е прогласена епидемија ќе добиваат СМС-пораки со препораки за заштита.
Во загрозените подрачја ќе се спроведува и вонредна контрола на живината, особено на слободно одгледуваната живина во близина на каналите за наводнување. Клековски посочи дека при последното поголемо појавување на западнонилска треска во 2019 година, од девет контролирани кокошки била утврдена една заразена.
Дополнително ќе биде засилена и ентомолошката контрола, односно следењето на присуството на комарци, што ќе се земе предвид и при планирањето на прскањето.
Министерот апелираше и до граѓаните да придонесат во спречувањето на ширењето на болеста преку намалување на водните површини, особено оние што можат да бидат погодни за размножување на комарци. Според него, во загрозените скопски подрачја биле забележани голем број базени за рекреативни цели.
„Знаеме дека е тешко во услови на високи температури да очекуваме луѓето да ги празнат базените, меѓутоа мора да апелираме на максимална претпазливост“, рече Клековски, додавајќи дека август и септември, историски гледано, се периоди во кои се очекува врвот на ваквите епидемии.
Насоките за постапување ќе им бидат доставени на сите засегнати општини.
Епидемијата на западнонилска треска во Скопје официјално беше прогласена на 12 август во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, особено во населените места Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Грумулери.
Клековски упати и апел до граѓаните да пријавуваат во Агенцијата за храна и ветеринарство доколку забележат мртви диви птици, особено гаврани, кои се препознаваат како резервоари на вирусот.
Во земјава досега се регистрирани 35 случаи на заразени со вирусот, три лица починале, а 16 пациенти во моментов се на болничко лекување, од кои шест се во критична состојба.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Клековски повика на празнење на базените поради…
Мерките за справување со епидемијата на западнонилска…
Ноќна акција на МВР низ цела Македонија:…
Во текот на изминатата ноќ, на територијата…
Огнот кај Драгов Дол слабее, но пожарот…
Пожарната состојба во Македонија и понатаму е…
„Пулс“ не бил кабаре, туку диско-клуб, а…
Сите градежни зафати во објектот биле изведени…
АД ЕСМ потпиша договор со косовски KEK…
По интензивни преговори помеѓу двете најголеми државни…