Ковачевски им кажуваше за отстапки на Вучиќ и Курти, се пофали со Рамковен, Преспански и договорот со Бугарија
Ние сме политичари кои носат тешки, но државнички одлуки. Никому не му е лесно во вакви ситуации, бидејќи дијалогот значи и отстапки, но знаеме дека тие тешки одлуки се за подобра иднина на сегашните и идните генерации. Тоа го истакна премиерот Димитар Ковачевски од Охрид, каде денеска се одвива продолжението на разговорите за договорот за пат кон нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, што се одржуваат под покровителство на ЕУ.
Во обраќање пред медиумите, Ковачевски ги охрабри претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти да бидат конструктивни и да имаат продуктивна средба во Охрид.
Дијалогот е единствената алатка за консолидација на регионот и за европската интеграција на двете земји. Отворен дијалог со кој се решаваат отворените прашања од различни аспекти е од огромна важност и за регионалната стабилност, одржувањето на мирот и патот кој води кон просперитетна иднина не само за Србија и Косово, туку и за целиот регион – рече Ковачевски.
Тој забележа дека државата е препознаена како почитуван партнер на меѓународната заедница и фактот на стабилност во регионот.
Договорите кои ги потпишавме – Охридскиот, Преспанскиот, како и Договорот за добрососедство, се потврда за нашиот европски дух, за затворање на прашање со кое го трасираме патот на иден развој на земјата. Владата спроведува политики на решавање, а не политики на создавање на проблеми. Земјите во регионот имаат раководства кои се однесуваат европски, а нивните земји заслужуваат европска перспектива – истакна Ковачевски.
Токму затоа, смета премиерот, сега е вистински момент да се забрза евроинтегративниот процес кој е важен за сите земји од Западниот Балкан.
Нашата земја со поддршка на ЕУ постигна историски исчекор, кој го трасира патот кон европските и евроатлантските интеграции. Станавме члeнка на НАТО, а во јули минатата година ја одржавме првата Меѓувладина конференција со ЕУ во Брисел. Во тек е и билатералниот скрининг кој што се одвива исклучително успешно што е констатација на ЕУ, а не само наша констатација – додаде тој.
Според него, денес земјава е високо почитуван партнер на меѓународната заедница.
Покажавме и докажавме дека сме земја која гради пријателства и сме пример за добрососедство. Силно веруваме во дијалогот како цивилизирана форма на комуникација, како единствен пат кој води кон напредок и развој. Нашата стратешка цел е влез во ЕУ заедно со сите соседи – истакна Ковачевски.
Местото на Западен Балкан, според претседателот на Владата, е во ЕУ, географски, историски, политички и цивилизациски, особено во услови на геополитички превирања, длабока поделеност на светот и воена агресија на Европскиот континент.
Мојата визија е да го видам Западен Балкан развиен, модерен, интегриран во ЕУ. Тоа е наш приоритет. Затоа работиме и кон тоа се стремиме. Нашите граѓани да живеат дома, граѓаните на сите наши држави на Западен Балкан да живеат дома со подобар стандард и со подобар квалитет на живот, а напредокот кон интеграција на државите од Западен Балкан е и цел на Берлинскиот процес и иницијативата „Отворен Балкан“. Ќе продолжиме да ги градиме регионалните иницијативи за развој на економијата и стопанството како и мобилноста на граѓаните – рече Ковачевски.
Уште еднаш потенцира дека сака да го види регионот целосно интегриран во ЕУ за што вети дека ќе направи се што е во негова моќ, давајќи поддршка на овој процес.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Почина Агром Мемеди, поранешен македонски репрезентативец
Во Тетово денес почина поранешниот македонски репрезентативец…
(Видео) Иран го нападна Бахреин
Властите во Бахреин утрово издадоа две предупредувања…
„Њујорк пост“: Москва наводно ја укинала неформалната…
Рускиот Совет за безбедност наводно ја укинал…
Вандали запалиле контејнери со ѓубре во Ново…
Скопје нема да биде заложник на вандали,…
Здруженијата на лица со дијабетес бараат сензори…
На одбележувањето на Светскиот ден на дијабетесот…