Ковачевски ќе ги покани парламентарните партии на лидерска средба
Премиерот Димитар Ковачевски денеска ќе испрати покана до парламентарните политички партии за лидерска средба, на која ќе се разговара за европската иднина на земјава и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консезус.
Средбата е предвидено да се одржи в понеделник, на 7 ноември, во Собранието на Република Македонија.
-Средбата која ја свикува претседателот на Владата, Ковачевски се организира со цел да се отвори дискусија за европската иднина на Република Северна Македонија, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус, соопшти вчера владината прес-служба.
Премиерот и минатата недела ги повика политичките партии да седнат на маса и да најдат заеднички јазик, нагласувајќи дека според него добро е да се разговара за уставните измени со цел да се дојде до решение кое би било прифатливо за сите.
Претходно, иницијатива за средба со сите политички партии изразија и опозициските партии од албанскиот блок, кои во повеќе наврати кажаа дека ќе ги поддржат уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, доколку се промени формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“.
Политичката партија БЕСА вчера најави дека ќе испрати покана до сите партии на Албанците за заедничка средба.
Генералниот секретар на партијата Аријанит Хоџа изјави дека на средбата би се разговарало за измените на амандманот 5 од Уставот што БЕСА ги бара, односно да се смени формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“.
Хоџа изјави дека на средбата може да присуствуваат и оние партии на Албанците што имаат интерес, а до кои нема да биде испратена покана.
В.д. претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, пак, вчера повтори дека наскоро ќе го објават сетот мерки што ќе бидат услов партијата да гласа за уставните измени, но не прецизира кога точно тоа ќе се случи, бидејќи, како што кажа, не е ништо итно.
– Наскоро ќе го објавиме сетот мерки. Ние сега анализираме кога треба да го објавиме тоа, во меѓувреме сме во консултација со меѓународни експерти, меѓународниот фактор и интелектуалци. Кога ќе дојде моментот, кога ќе видиме дека е моментот да се објави, тогаш ќе го објавиме, ништо итно, рече Таравари.
Таравари неодамна на прес-конференција порача дека АА може да гласа за уставните измени во Собранието, ако се усвојат сетот мерки кои ќе ги презентираат пред амбасадите и јавноста. Една од најважните мерки, како што посочи, ќе биде во Уставот да се вметне албанскиот јазик наместо формулацијата „друг јазик кој го зборуваат 20 проценти од населението“.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи во врска со ова барање, рече оти не смета дека ова треба да биде албанска етничка агенда, туку треба сите политички партии да седнат и да ги разгледаат овие прашања.
-Не сум наишол на отпор од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ за промената на „20 проценти“, тогаш зошто ова да се претвори во трка или анимозитет помеѓу политичките партии на македонскиот блок, нагласи Османи, осврнувајќи се на барањето на албанскиот блок да се избрише „ јазик што го зборуваат над 20 проценти“ и да стои само албански јазик, од Уставот.
Тој, на прес-конференцијата во Скопје вчера по средбата со потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи на Казахстан, Мухтар Тлеуберди, одговарајќи на новинарско прашање во врска со барањето на албанскиот блок, потенцираше дека колку што имаат интерес албанските партии, толку имаат и македонските политички партии од промената на овој начин на формулирање на „20 проценти“ бидејќи, како што оцени Османи, ова довело до демографската трка во минатото.
– Како што јас го штитам и го бранам македонскиот јазик, политичарите од македонскиот блок треба да го бранат албанскиот јазик во Уставот, истакна министерот за надворешни работи.
Османи запраша зошто тоа прашање да се претвори во етничка агенда и да се стави во контекст на ЕУ. Нагласи дека никој не смее да го условува интегрирањето во ЕУ, со какво било договарање и додаде дека интересот на албанските политички партии не може да биде во противречност со евроинтеграциите.
– Грешка е кој и да е да го условува европскиот пат со какво било друго барање. Интересот на албанските партии не може да биде во противречност со интересот на интегрирањето во ЕУ и тоа претставува и стратешка грешка и многу штетна доколку кој било би се обидел да го условува европското интегрирање со какво било друго прашање, било и да е и на етничка основа, истакна Османи.
Тој нагласи дека не е добра пораката што би и ја испратиле на Европа и на меѓународните партнери со овој начин на постапување, порачувајќи им дека европското интегрирање е противречно со интересите, било да се етнички, затоа што тоа е е погрешна порака и стратешка грешка.
Според Османи, ова прашање треба да биде рефлексија на политичката зрелост на општеството, односно дека дошло време за овие прашања од 2001 година, во нормален процес, со политика зрелост да се направи исправка.
Како што објави во саботата ТВ21, според првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, 20-те отсто во Уставот не ја загрозуваат албанската супстанца во Северна Македонија, додавајќи дека нивното отстранување ќе биде направено во вистински момент, но без да прецизира кога точно.
-Нема никаков проблем, сме разговарале и со ВМРО и со СДСМ. Во вистински момент, кога ќе имаме 80 мандати со 2/3, бидејќи тоа е промена на Уставот, овој проблем може да се поправи. Ве уверувам дека 20 отсто не влијае на албанската супстанца во оваа земја и не сум загрижен дека тоа нема да се случи утре. Тоа ќе се случи во вистински момент со договор затоа што сограѓаните Македонци ништо не губат ако од 20 отсто се пишува албански народ, кажал Али Ахмети.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Бугарија ќе биде одговорна и за македонскиот…
Бугарија ќе биде одговорна за изградбата на…
Излета „голф“ на патот Куманово-Свети Николе, тешко…
МВР информира дека вчера наутро околу 08:00…
Млад човек починал откако паднал од познатата…
Маж на 21-годишна возраст денеска починал откако…
Османи: Одложувањето на евроинтеграциите станува егзистенцијална закана,…
Понатамошното одложување на европската интеграција се претвора…
Гостиварец прободе сограѓанин – доби кривична за…
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе…