Колумна на Трифун Костовски: Кој ја однесе Еуростандард банка во стечај

t

Денес би сакал да ги споделам своите размисли за вториот сегмент кој беше соучесник во носење на банката во стечај, а тоа е Техничката Влада, предводена од Оливер Спасовски, денешен Министер за Внатрешни работи, секако под комплетна контрола на својот надреден ментор Зоран Заев.

Треба да се има на ум фактот дека во креирањето на портфолио на банката, најголем процент од коминтентите се изворно од Струмица и блиски до СДСМ, односно, да бидам попрецизен, до Зоран Заев, независно дали е на функција Премиер или Екс-Градоначалник.

Повторувам: стечајот за сите нас, акционери на банката, Надзорен одбор, Управен одбор и врабитените, беше гром од ведро небо. Денот 12 август 2020 година, кога беше обзнанен стечајот на Еуростандард банка од страна на Гувернерката Бежоска, е чин без преседан во историјата на банкарството.
Во минатата колумна пишував за непринципиелното користење на алатките кои ги имаше на располагање Народна банка за спас на Еуростандард банка.

На самиот ден 12 август еден од акционерите имаше директна средба со Техничкиот Премиер, Оливер Спасовски токму на темата да се има трпение од Народна банка и со објаснување дека ние како акционери ќе ги решиме постоечките проблеми за несметано функционирање на банката. Состанокот беше одржан во 12 часот во кабинетот на Техничкиот Премиер во Владата на Република Македонија. По изјавата на акционерот, кој беше на состанокот со Оливер Спасовски, беше ветено дека Владата ќе помогне во временскиот теснец, кој беше пред нас акционерите и дека минимум ќе ни бидат надокнадени за докапитализација токму тие 97 дена колку што траеше вонредната состојба, предизвикана од пандемијата Ковид-19. Истиот ден, 12 август 2020 година, Гувернерот на Народна банка Бежоска свикува прес на кој ја обзнанува нејзината одлука за одземање на лиценцата на Еуростандард банка и нејзино носење во стечај. Во текот на самата објава на Гувернерката Бежоска дека банката се носи во стечај, за половина час беа затворени сите експозитури и главната дирекција. Во оваа филмска акција учествуваа неколку стотици луѓе. Прашање кое се поставува пред мене, а претпоставувам и пред секој чесен човек, е што е ова што се случува, во каква држава живееме?

Технички Премиер, денешен Министер за Внатрешни работи да не знае што се случува со банка, која има огромно значење во севкупниот банкарски систем, бидејќи со самото отварање на стечај погодени се сите клиенти на банката кои денес ги бараат сите свои права како и ние, акционерите.

Почитувани читатели, замислете организација од минимум неколку стотици луѓе кои треба да ги пломбираат експозитурите и главната дирекција, а да не биде информиран Техничкиот Премиер за ваква постапка е надвор од умот. Со ова само се потврдува фактот дека и Техничката Влада предводена од Господинот Спасовски и неговиот ментор во СДСМ, Господинот Заев се дирекни соучесници во носењето во стечај на Еуростандард банка.

Во изминатите 17 месеци три пати го прозвав актуелниот Министер за Внатрешни работи, Оливер Спасовски да даде одговор на две прашања: првото прашање беше, зошто се носат уредби на Техничката Влада со сила на закон, при стапување на сила на вонредната состојба, во кои првата објавена на 24 март 2020 година во Службен весник, каде што недвосмислено се вели дека по завршувањето на вонредната состојба, минимум 3 месеци нема да има стечај за ниедно правно лице и уште едно прашање, зошто се носи исто така уредба на Техничката Влада, ама сега објавена на 29 мај 2020 со која предходната уредба се суспендира, а тоа значи стечај веднаш, што впрочем и се случи.
Второто прашање до Господинот Спасовски беше зошто нѐ лажеше нас акционерите в лице? Убеден сум дека се ова мои тешки обвинувања кон актуелниот Министер за Внатрешни работи и стојам исправено и натаму да барам вистински и чесни одговори.
Основното прашање кое се поставува за оваа Влада е дека организираниот криминал, вклучително и во банкарството е длабоко навлезен во порите на нашето секојдневие. Не случајно на листата на земји со висока корупција го заземаме 111 место.
Почитувани чтатели, јас бев жртва во 2020 година. Прашувам отворено, кои ќе  бидат следните жртви, бидејќи не видов дека некој во актуелната Власт има намера да му „спушти рампа“ на организираниот криминал.

Секоја Влада во основа треба да го штити поединецот и капиталот. Влада која посега по грабеж на туѓ имот не го заслужува моето, а уште помалку вашето внимание.

Пишува: Трифун Костовски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мелони се пофали: Италија имаше водечка улога…

Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја поздрави одлуката…

Грузија ќе го прославува кандидатскиот статус во…

Премиерот на Грузија, Иракли Гарибашвили го повика…

Од февруари македонскиот јазик ќе се изучува…

Во февруари следната година ќе започне наставата…

Бајден: Израел да се фокусира да ги…

Американскиот претседател Џо Бајден го повика Израел…

Забрана за тешки товарни возила преку превојот…

Авто мото сојузот на Македонија вечерва соопшти…