Костов: Незаборавник – За Македонцките работи(4) – За македонизмот како факт и вистина
Незаборавник: За Македонцките работи(4) За македонизмот како факт и вистина
„И Македонците се народ и местото нивно е Македонија …
Нашето отечество се велит Македонија
и мие се именуваме Македонци“
Ѓоргија Пулевски
‘’Луѓето, кои сакаат да образуваат една нација, треба свесно или инстиктивно
да образуваат и очуваат еден здружен државен организам, заеднички да се грижат
за своето зајакнување… и сврзани со еднаква историска судба, да имаат
еднакви културни цели… Нема ли таква желба и стремеж за заеднички политички
и културен живот, нема ли такви чувства за взаемна солидарност, нема народност’’.
Лозарите во ‘’Лоза’’(1892г.)
‘’Македонија треба да биде основана во своите географски,
етнографски, културни и историски граници како посебна
самостојна единица со своја влада, одговорна пред собранието’’.
Меморандум на македонската родољубива интелигенција и
емиграција во Петроград и Димитрија Чуповски(1913г.)
За век и веков, запишано е дека учебникарите, просветителите, преродбениците, комитите, војводите, револуционерите, народните херои, партизаните, преку нивната посветеност, храброст, одважност, беспоштедна борба и саможртва, низ десетлетија и векови, за Македонија, ја создадоа де-ен-ка-та на македонскиот бит – македонизмот. Овој поим – македонизам – ги содржи колективното паметење, старите ракописи, симболите, митовите, преданијата, преродбеничките напори, револуционерните борби, културните вредности и духовното благо на Македонија од искон до вечност.
Во најширока смисла, гледано низ еден цивилизаторски ракурс Македонизам е македонска филозофија која ги создала и ги негува фундаменталните принципи на разбирање и севкупното постоење на човековото битисување(на Македонците) на територијата Македонија и државата Република Македонија во Светот и Универзумот. Оваа филозофија е организиран систем на дејности заради сваќање, оценување, структурирање и разрешување на сите вредносни појави и процеси со една единствена крајна цел – позитивно осмислување и облагородување на животот на луѓето. Во Македонија, на Балканот, во Европа и Светот. Во таа смисла системот може и треба да се сфати како творечки и создавачки процес – градителски процес. Најконкретно се работи за познатите македонски зографи, резбари и сликари кои твореле со цел да го зачуваат и овековечат името Македонија и Македонци. Во таа низа се надополнува и севкупноста од еманципаторски идеи, акциони пораки и револуционерни дејствија на македонските творци и создатели(учители, попови, преродбеници, револуционери).
На ниво на персонализирана линија, македонизмот е негување и понатамошно развивање на палеолингвистиката, писменоста и карпестата уметност, од страна на македонските селани, граѓани, феудалци, интелектуалци и културни дејци. А тоа подразбира негување на духовното, културното, научното и сето друго наследство на Македонците и Македонија. Национално, културно и духовно наследство кое го сочинуваат славните имиња, преродбениците и револуционерите, народните умотворби, театарот, писмото, науката, филозофијата, религијата, музиката и уметноста. Без разлика што македонизмот како филозофија на добра волја, се до 1944 година, не можел да биде вграден во државните институции на Македонија, сепак овој концепт во суштина опстанал и се изразувал во животот, обичаите, културата и традицијата, на Македонците – како концепција на доброто и добрината. Фундаментот на македонизмот е древното име Македонија и добрата позитивна волја на Македонците. Тие, името, сега веќе на држава и волјата, од искон на сите Македонци, втиснати се во колективната и поединечна меморија како тешки и крвави македонски ноктурна, во сите нивни животни и смртни нијанси. Во нив се и македонскиот творечки ген и македонската книжевност, и поезија, од кои се создадени прометејските книги – ѕвездените патеки, како што се: Панонски легенди, Зборникот на народни песни, Т’га за југ, Сердарот, За македонцките работи, Бели Мугри, Печалбари, Македонска крвава свадба, Бегалка, Везилка, Тешкото, Црнила, Пасквелија, Непокор, Пиреј, Простум, Тетовирани души, Името Македонија е нашата татковина, Име од светлина и рани, Молитва за Македонија, Македонија искон и вечност и многу други. Сите тие се проблесоци на македонската литература и трајни паметници на нашата севкупна духовна и културна историја. Тоа се книги на нашите писатели, поети, проповедници и страдалници. Книги за нашите отпори, за нашите буни и востанија, за нашите трагични порази, за душманите и кодошите, револуционерните борби, за победите. Книги за нашите соништа и сонувачи, за нашите црнила, небиднини, грозомори, миракули, за нашите простуми и непокори…. книги во кои е откриена нашата историска, национална, морална, ментална и интелектуална драма. За драмата и голготата, но и за триумфот на македонизмот. И да се знае – македонизмот не е насочен против Другиот(Бугарин, Грк, Србин, Албанец, или кој било друг Европеец или граѓанин на светот). Само очекува да биде препознаен од другиот.
Денес и овде, секој честит Македонец со пиетет може да изјави дека МАКЕДОНИЗМОТ, виден преку симетријата на: ЈАЗИК(МАКЕДОНСКИ), НАЦИЈА(МАКЕДОНСКА) и ДРЖАВА(МАКЕДОНСКА), е највисок домољубен чин. Впрочем, тоа е и пораката и поуката на нашите светилници: МИЛАДИНОВЦИ, ВМРО, ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ, ИЛИНДЕН, МИСИРКОВ, РАЦИН, НОБ, АСНОМ, КОНЕСКИ. Ете тоа е македонизмот сфатен како Verum Ipsum Faktum. Тоа за македонизмот значи Вистината за него е во самите факти, т.е. во нив, во историските факти е содржана вистината за македонизмот.
Сотир Костов
П.С.
Ете друже Героски, тоа е тоа – најсажето, што се однесува до Македонија, Македонците и Македонизмот. А за дихотомија размакедончена – домакедончена Македонија, во следната колумна како завршна поента.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Гласање или специјална операцијa
Ете, гласавме против СДС корумпирано и распаднато…
Бугарски бесрамности и македонски ќор-сокаци: Политичари аматери…
БУГАРСКИ БЕСРАМНОСТИ И МАКЕДОНСКИ ЌОР - СОКАЦИ…
Никовски: Украина носи несогледливи последици за сите…
УКРАИНА НОСИ НЕСОГЛЕДЛИВИ ПОСЛЕДИЦИ ЗА СИТЕ Се…
Трифун Костовски: Институциите не ги штитат граѓаните…
ЕУРОСТАНДАРД БАНКА, ЖРТВА НА ПОЛИТИЧКИОТ СИСТЕМ ВО…
Сотир Костов: Неподносливата леснотија на манипулирање –…
Неподносливата леснотија на манипулирање Како да не…