Кос: Албанија би можела да стане членка на ЕУ до 2030 година
Европската комесарка за проширување Марта Кос денеска во Тирана ја посочи 2030 година како можна година за членство на Албанија во Европската Унија, доколку земјата ги спроведе потребните реформи и ги добие согласностите од сите земји членки.
Ако процесот продолжи според планираното, Албанија би можела да ги заврши преговорите за членство до крајот на 2027 година, да го потпише пристапниот договор во 2028 година и да стане членка на ЕУ до 2030 година.
„Доколку сè оди добро, договорот би можел да биде потпишан во 2028 година. Во зависност од процесот на ратификација и визијата на вашата влада и граѓаните, Албанија би можела да стане членка на Европската Унија до 2030 година“, изјави Кос.
Оваа временска рамка комесарката ја претстави на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама, одржана денеска во Тирана.
Кос оцени дека 2027 година може да биде пресвртна за Албанија, која за само 13 месеци ги отвори сите преговарачки кластери. Досега се затворени четири поглавја, а Европската комисија очекува речиси една четвртина од преговарачките поглавја да бидат затворени до крајот на 2026 година.
Сепак, таа нагласи дека напредокот не зависи само од усвојувањето на законите, туку и од нивното спроведување во практиката, особено во областите на владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал. За секоја следна фаза е потребна и согласност од земјите членки на Унијата.
Албанскиот премиер Еди Рама, од своја страна, предупреди дека не постои гарантиран датум за членство, бидејќи конечната одлука зависи од сите 27 земји членки.
Рама потсети дека Албанија во минатото се соочувала со блокади од земји членки дури и кога Европската комисија позитивно го оценувала исполнувањето на нејзините обврски. Тој порача дека земјата ќе продолжи со реформите, независно од политичките пречки и неизвесноста околу крајниот рок.
Кос, пак, порача дека европската интеграција треба да биде национален проект во кој ќе учествуваат владата, опозицијата, граѓанското општество и граѓаните.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кос: Албанија би можела да стане членка…
Европската комесарка за проширување Марта Кос денеска…
Лидерите од Брдо-Бриони побараа објективен и предвидлив…
Целосното и навремено членство на земјите од…
Албански студенти најавија нова партија „Обединети за…
Група студенти во Албанија, заедно со експерти…
Пленковиќ ѝ постави услов на Црна Гора:…
Црна Гора нема да ги затвори преговорите…
(Видео) Стерјовски во ОН: Македонците во Албанија…
Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција…