Кржаловски: Не би се изненадил “големмото НЕ” на Ковачевски за неколку недели да се престори во ДА

t

Ако се вратиме наназад неколку години, речиси сите овие елементи кои ги има во францускиот предлог се прекршени и со Преспанскиот договор. Додуша и тогаш мнозинското мислење беше „против“, но сепак имаше значителен број кои сметаа дека тој предлог е во ред. За мене е интересен развој дека 90% од поддржувачите на „Преспа“ сега се против. Можеби јас нешто не разбирам како што треба или навистина има некоја поголема или многу суштинска разлика меѓу „Преспа“ и „Френска“, но затоа велам – се е релативно, па така и ова, вели во разговор за „Локално“, аналичарот Александар Кржаловски.

Според него „големото НЕ“ на премиерот Ковачевски,можне за неколку недели да се престори во некакво „ДА“.

„Некои тоа го викаат „лидерство“ некои „предавство“… а што и да се случи ќе има луѓе што и натаму ќе го викаат на едниот или другиот начин – па затоа, се е релативно, особено на индивидуално ниво, каде секој од нас ги соочува овие дилеми со својот ментален склоп, животното искуство, вредносниот систем и следењето на реакциите на околината!“, вели тој.

Дали е оправдано отфрлањето на предлогот?

– Краткиот мој личен одговор би бил – да! Ако гледаме пошироко, како што ме нарече/етикетиран еден новинар неодамна – дека сум бил релативизатор (што пак за мене е комплимент, бидејќи Ајнштајновата изрека “се е релативно“, ми е животна девиза)… би рекол токму така – дека тоа е релативно!

Се покажа дека во оваа ситуација, огромно мнозинство на граѓаните (главно етничките Македонци, особено интелектуалците активни на социјалните мрежи) жестоко реагираа на Францускиот предлог. И со право, бидејќи предлогот не почитува многу од Европските вредности, кон кои нели се стремиме (и верувавме дека особено Европската комисија е тука да ги чува и практикува). На пример: Правото на самоопределување (како ќе се викаме и како ќе го викаме јазикот на кој зборуваме), владеењето на правото/правдата (дека правилата се исти за сите и еднакво се применуваат… а не се измислуваат нови за некои земји/аспиранти и слично), недискриминацијата (со истото објаснение… зошто за нас нови правила, а во поширока смисла и како иронија на судбината – дека земја која има 16 осудителни пресуди за дискриминација од Европскиот суд за човекови права во Стразбур, нас ќе не условува за наводна дискриминација). Понатаму, има и други елементи: недостаток на реципроцитет (а и злоупотреба на позицијата на член на ЕУ наспроти кандидат) – се бараат работи од нас, што не се ни стандард во ЕУ, а особено не во земјата која го бара тоа (пр. наведување на малцинствата во Уставот; или следење на состојбата со дискриминација по разни основи и делување од ЕУ/ЕК соодветно на наодите; следење на говор на омраза; итн.). Значи, се на се, има големо оправдување за ставот да се отфрли предлогот. Дополнителен аргумент е признанието на комесарот Вархеји дека сите барања на Бугарија се сега вклучени во Преговарачката рамка – што е (како што напиша екс-ЕУ амбасадорот Ерван Фуере), сериозно отстапување од неговата улога и овластувања како член на Европската комисија, да биде неутрален и еднакво да ги зема предвид загриженостите на двете страни и особено да внимава на почитување на Европските стандарди (двете прекршени во случајов).

Но, ако се вратиме наназад неколку години, речиси сите овие елементи се прекршени и со Преспанскиот договор. Додуша и тогаш мнозинското мислење беше „против“ (и тоа на ниво на целата популација на Македонија, а во над 80% кај етничките Македонци), но сепак имаше значителен број (1/3 од популацијата го поддржа договорот на референдумот) кои сметаа дека тој предлог е во ред. За мене е интересен развој дека 90% од поддржувачите на „Преспа“ сега се против. Можеби јас нешто не разбирам како што треба или навистина има некоја поголема или многу суштинска разлика меѓу „Преспа“ и „Френска“ (пр. Грција ни го „признала“ веќе признатиот ни јазик, или не ни го оспорувала идентитетот освен името, нели, инаку првиот идентитетски идентификатор), но затоа велам – се е релативно, па така и ова.

Иако се прилично слични во бројот на прекршувања точно на Европските вредности, правила и стандарди, Преспа беше прифатлива барем за 30% од граѓаните (тие 600,000+ што гласаа „за“ на референдумот), а веројатно (не може експлицитно да се потврди бидејќи не излегоа на референдумот, но според сите анкети пред него) неприфатлив за 60-70%, се чини дека овој Француски предлог е неприфатлив за најмалку 95% од етничките Македонци (и веројатно над 80-90% од целата популација… иако се уште нема ни анкета за тоа, па не може да се тврди).

Значи, како и за секое прашање, работата ќе биде за колкава критична маса некоја работа е прифатлива и колку луѓе ќе решат за тоа. Кај Преспа и покрај малцинската поддршка и неуспешен референдум се сведе на 80 пратеници кои ќе кренат рака за тоа (всушност 8 кои требаше да се преубедат од „против“ да станат „за“ во тие 2-3 месеци по референдумот). Гледаме деновиве слична драма со прашањето на абортусот во САД. И покрај малцинската поддршка во јавноста, но со голема и децениска кампања (Про-лајф) во Републиканските кругови, Врховниот суд во петокот со 5:4 гласови (на 5-те конзервативни судии, поставени од Републикански претседатели) гласаа за укинување на правото на абортус на федерално ниво.

Така да, не би се изненадил „големото НЕ“ на премиерот Ковачевски, за неколку недели да се престори во некакво „ДА“, со неколку козметички измени во Францускиот предлог (на што го сведе проблемот министерот Османи – два збора), а можно е дури и без измени. Некои тоа го викаат „лидерство“ (а еве и веќе екс-премиерот на Бугарија Петков со таков „тизер“ го повикува нашиот премиер да се согласи со предлогот), некои „предавство“… а што и да се случи ќе има луѓе што и натаму ќе го викаат на едниот или другиот начин – па затоа, се е релативно, особено на индивидуално ниво, каде секој од нас ги соочува овие дилеми со својот ментален склоп, животното искуство, вредносниот систем и следењето на реакциите на околината!

Колку ова значи уназадување на европерспективата за Македонија, откако во Бугарија веќе кажаа дека францускиот предлог е основата од која треба да се тргнува во идните преговори со земјава?

– Зависно од тоа дали ова што се предложи од Франција ќе биде конечна верзија или ќе се дополни со 4-те нови елементи/барања од Бугарскиот предлог или ќе се прифатат измени и во однос на тоа што Македонија мисли или предлага во однос на предлогот, развојот може да биде сосема различен. Од целосна блокада, па дури и наше откажување од процесот (формално или само „замрзнато“, со неделување додека нема поместување од ЕУ), како што до пред некоја недела најавуваше нашата Влада; преку нови „издишување на балонот“ на очекувања, со оставање некое време да слегнат страстите и се види каков ќе биде развојот на ситуацијата во Бугарија по падот на Владата (а и кај нас); па до забрзана динамика (бидејќи ЕУ смета дека направила се што може и дека Бугарија дала зелено светло за преговори), во која ќе се направи притисок нашата Влада да се согласи со предлогот и преговорите на „некој начин“ да почнат (или да се претстават така, иако и во нашите „црвени линии“ Владата се согласува да нема суштински почеток на преговорите додека не го смениме Уставот… а не гледам како тоа ќе се направи брзо).

Дали можеби притисокот од дома (закани на помалите коалициони партии дека ќе се повлечат од власта ДС, ЛДП и ДОМ) имаше влијание врз одлуката на Ковачевски?

– Секако имаше голема и брза негативна реакција на Францускиот предлог во нашата јавност, па чинам тоа беше пресудно да се каже „Не“. Веројатно и реакциите на тие три партии дојдоа како резултат на јавната осуда на предлогот, што можеби влијаеше и на одлуката на Ковачевски (сепак, тоа само тој си го знае).

Колку со овој потег актуелната власт, односно Ковачевски и СДСМ, ја враќаат изгубената доверба?

-Во секој случај барем за кратко ги смирија страстите и тие што беа најгласни во осудата на Францускиот предлог, ја поздравија таквата одлука. Но, сега Владата се постави во чудна ситуација – да рече „Не“ на нешто на кое веројатно веќе рекла „Да“ (барем на Французите) пред тоа да се прати до Бугарија и стане јавно достапно. Понатаму, во меѓувреме Бугарскиот Парламент веќе го одобри предлогот, па притисокот од ЕУ ќе се врати кон Македонија. Веројатно Владата (како што направи и бугарската) ќе го префрли прашањето во Парламентот (иако веројатно намерата беше како и со „Преспа“, таа да одлучи и пресече во краток временски период, т.е. покаже „лидерство“), особено после ваквиот развој на настаните и жестоката јавна реакција тука… па таму ќе се бара поддршка (засега само просто мнозинство ќе е доволно, ама во догледно време ќе треба 2/3 за нови уставни измени). Во секој случај, не верувам дека ќе се поправи рејтингот на Владата ни во едниот ни во другиот случај, бидејќи впечатокот во јавноста е дека доста голема штета е направена во ЕУ процесот, особено во изминативе 6 месеци.

Станува ли се поизвесно зајакнувањето на мини сојузот на земјите од Балканот и очекувате ли земјите кои се во чекалната по денешното „не“ да свртат нов лист во односите со Унијата?

– Прерано е да се види како ова ќе влијае понатаму,а и нови пресврти се можни доста брзо. На пример премерот на Албанија, Еди Рама, веќе му се заблагодари на Бојко Борисов за иницијатива за деблокирање на преговорите (уште една иронија на судбината – да човекот што ја измисли блокадата кога тој беше премиер, сега биде фален за деблокирањето – кога не е премиер)… па прашање е како ова ќе продолжи. На пример, дали ова ќе се толкува како доволен чекор за почнување на преговорите со Албанија, без оглед каква ќе биде реакцијата од Македонија (пример да се држиме до отфрлањето на предлгот “во оваа форма“ (а друга веројатно нема ни да има)?Или пак и Албанија ќе биде заглавена, зошто ние не прифаќаме ваков предлог?

Во секој случај „Отворен Балкан“ не е замена за ЕУ, а и се уште не е прифатен ни од другите земји од регионот, ниту од самата ЕУ (само САД изразија некава поддршка/разбирање).

Извор: Локално

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ХОРОР: Марија, мајката на убиеното дете Александар…

„Нефункционалните институции ми го убија детето. Мојот…

Ковачевски: Техничката влада е дефинирана со закон,…

 Техничката влада е дефинирана согласно закон и…

СДСМ ЌЕ ИМА СВОЈ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ КАНДИДАТ Ковачевски…

Ковачевски изјави дека на вечерашната седница на…

Ковачевски: Техничката Влада е законска обврска за…

Премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски…

Ковачевски во Виена: Економската соработка и интеграција…

Економската соработка и интеграцијата на земјите е…