Криптопазарот изгуби 300 милијарди долари за еден месец
Криптопазарот се соочува со нов бран на неизвесност. Вредноста на дигиталните средства се намали за околу 300 милијарди долари во последниот месец, а биткоинот накратко падна на најниско ниво во последните шест недели, под притисок на политичките случувања во САД, стравувањата од забавување на технолошкиот сектор и големото хакирање на криптоберзата Бајнанс- пишува Ројтерс.
Победата на демократите и освојувањето мнозинство во двата дома на американскиот Конгрес – Сенатот и Претставничкиот дом – може да ги забави плановите на криптоиндустријата за побрза дерегулација и донесување законска рамка што ќе им обезбеди поголема правна сигурност на компаниите. Криптосекторот во изминатите два изборни циклуса потрошил повеќе од 300 милиони долари за поддршка на кандидати од двете партии кои се залагаат за поповолен пристап кон дигиталните средства. Индустријата очекуваше преку политичкото влијание да се забрза донесувањето регулатива што ќе им овозможи на американските криптокомпании полесно да работат и да се развиваат.
Биткоинот накратко се спушти на шестнеделен минимум, а потоа делумно се опорави и се тргуваше околу 78.070 долари. Етерот достигна 2.292 долари, со раст од околу еден процент. Сепак, загубите во последните месеци се значителни. Биткоинот е поевтин за околу 41 процент во однос на рекордното ниво над 122.000 долари, достигнато во октомври 2025 година.
Според податоците на КоинМаркетКап/CoinMarketCap, вкупната вредност на криптопазарот изнесува околу 2,61 трилиони долари. Само во последниот месец се избришани околу 300 милијарди долари од пазарната вредност, бидејќи инвеститорите стануваат повнимателни кон ризичните вложувања. Загриженоста за идните приноси од инвестициите во вештачка интелигенција и растот на трошоците за задолжување ги насочуваат дел од нив кон побезбедни средства, како државните обврзници и стабилните валути.
Дополнителен удар врз довербата беше хакирањето на Бајнанс, при кое, според објавените податоци, биле украдени криптосредства во вредност од шест милијарди долари. По повторното отворање на платформата, клиентите во вторникот повлекле нето 4,72 милијарди долари, што укажува на сериозна загриженост за безбедноста на средствата.
Во изминатите речиси две години од враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, криптоиндустријата доби значителна политичка поддршка. Трамп претходно вети дека ќе ги направи САД „крипто-престолнина на светот“, а неговата администрација овозможи полесна примена на регулативите, создавање стратешка резерва на биткоин и полесен пристап до банкарски и берзански производи поврзани со криптовалутите.
Беше донесен и федерален закон за стабилните монети, со кој се отвора можност за нивно пошироко користење во системите за плаќање и трансфер на пари.
Сега, сепак, новиот политички распоред во Конгресот може да го забави натамошниот развој на законската рамка. Во комбинација со безбедносните ризици и повлекувањето на капиталот, тоа создава дополнителен притисок врз криптопазарот, кој по периодот на силен раст повторно се соочува со сериозно преиспитување на инвеститорската доверба.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Криптопазарот изгуби 300 милијарди долари за еден…
Криптопазарот се соочува со нов бран на…
Момче од Србија е уапсено во Солун…
Србин на возраст од 23 години кој…
САД запленија ирански криптовалути во вредност од…
Американскиот министер за финансии, Скот Бесент, изјави…
Крипто измама – кумановец остана без 43.750…
МВР информира дека синоќа во 20:00 часот…
Нов извештај тврди: Трамп ја претворил Белата…
Нов извештај на Комитетот за правосудство на…