Крмов: Левица со филибастер против штетните законски измени за концесии и минерални суровини
Пратеничката група на Левица ќе пристапи кон филибастер во собраниската Комисија за економија со цел да го забави носењето на, како што ги оцени, „штетните“ измени на законите за концесии и јавно-приватно партнерство, како и за минерални суровини. Ова на прес-конференција го соопшти координаторот на пратеничката група, Борислав Крмов.
Крмов истакна дека целта на ваквиот потег е да се алармира јавноста за, како што рече, сериозните последици што би произлегле од предложените законски решенија.
Според него, измените во Законот за концесии и јавно-приватно партнерство отвораат можност приватни компании самите да иницираат проекти, а потоа и да ги добијат тендерите преку формални процедури.
„Се создава нов модел за легализирање однапред наместени зделки, каде што приватни фирми ќе можат да ги диктираат условите и да дојдат до јавни ресурси“, изјави Крмов.
Дополнително, тој посочи дека измените во Законот за минерални суровини предвидуваат концесионерите да добиваат дозволи за експлоатација и без решени имотно-правни односи.
„Тоа значи дека со едноставна иницијатива за експропријација, може да се влезе на приватен имот и да започне експлоатација, што претставува сериозен удар врз правото на сопственост“, нагласи Крмов.
Тој предупреди дека ваквите законски решенија би можеле да доведат до ситуации во кои граѓаните би се соочиле со експлоатација на нивниот имот без претходна согласност, како и дека одредени одредби би важеле ретроактивно.
Во своето обраќање, Крмов се осврна и на конзорциумот Бехтел и Енка, оценувајќи дека предложените измени дополнително го отвораат патот за реализација на вакви договори, кои, како што потсети, биле предмет на критики од страна на ВМРО-ДПМНЕ додека биле во опозиција.
Пратеникот оцени дека предложените законски измени директно ги засегаат темелните уставни принципи, вклучително владеењето на правото и заштитата на приватната сопственост.
„Не само што немаме правна заштита на сопственоста, туку се наметнува логика дека граѓаните не се сопственици на својот имот, туку обратно“, изјави Крмов.
Од Левица најавија дека, покрај филибастерот во Комисијата, ќе ги искористат и сите други правни механизми за оспорување на законите, вклучително и поднесување иницијативи до Уставен суд.
Со ова, како што посочуваат, ќе се обидат да спречат усвојување на законски решенија кои носат ризик од злоупотреби, нарушување на правната сигурност и загрозување на правата на граѓаните.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Левица до Филипче и Мицкоски: Немаме хипотеки…
Присуството на Левица на јавната трибина „Што…
АФД победи на покраинските избори во Мекленбург-Западна…
Крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) извојува победа…
Левица предлага студентскиот оброк да изнесува еден…
Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, на денешната…
Левица гласаше против поддршка за онколошки случаи,…
Изгласан новиот ребаланс на буџетот - нов…
Левица: Три години се крши Законот за…
На денешната прес-конференција, генералниот секретар на Црвена…