Објавено на:

Кула од карти – редовна неделна колумна на Оливер Андонов: Мицкоски ќе жртвува пратеници за…

t

Кула од карти

Во некои дамнешни времиња, кога не постоеја мобилни телефони и видео игри, измислувавме разни игри за да го пополниме слободното време. Вообичаено тоа беа игри преку кои, постарите, не подготвуваа за безмилосниот живот на возрасните. Примерот со балоните кои моравме да ги држиме цврсто, за да не одлетаат, беше еклатантен пример за тоа дека доколку добиеш шанса во животот мора цврсто да ја држиш бидејќи ќе одлета (замине) и никогаш нема да се врати. Така беше и со познатата „кула од карти“. Натпреварот беше кој ќе ја стави последната карта во кулата, обично тоа беше возможно до второ-трето ниво и тогаш некој ќе кивнеше, мал потрес на масата или ненадејно отворената врата благо реметење во воздушниот притисок и….кулата ќе се срушеше…повторно одново макотрпна безполезна Сизифова работа и … никакви шанси за успех. Наравоучението беше дека не може да се гради „кула од карти“, за сѐ е потребна макотрпна работа на поставување на фундамент (темел) на кој може да се изгради цврста, долготрајна кула!

Во една предходната колумна (пред две недели), Ви напишав дека сите мои глаголења, плод на политичките расправии во „Фракцијата …“, за градење на „кула од карти“ од страна на олигархиско политичкиот естаблишмент (слој во општеството кој ја контролира политиката, институциите…), наспроти јавните негации од естаблишментот, ден низ ден ги потврдува времето. Податоците презентирани од „Светска асоцијација Галуп интернешнл“ се токму таа верификација на нашите критики по однос на олигархиско-политичкиот естаблишмент и градењето „Кула од карти“. Тоа дека сме најсиромашна земја во Европа, единствено Молдавија е зад нас, дека сме најнесреќни луѓе во Европа, дека се наоѓаме на дното од листата за слобода на говорот и меѓу првите земји во светот по корупција се општопознати податоци видливи во нашето секојдневно живеење. Нашите „властодршци“, олигархиско-политичкиот естаблишмент создаден во симбиоза на власта и опозицијата, во овие изминати три децении играа на „картата“ мирен народ, поистоветувајќи го, во своите интимни оговарања, со глуп народ кого можеш лесно да го манипулираш за „ситна пара“. Но, податоците од „Галуп“ покажуваат нешто друго. Далеку од тоа дека „народот е глуп“, напротив многу трезвено расудува и јасно ја рапознава манипулацијата на олигархиско-политичкиот естаблишмент. Па така, за политичките слободи во Македонија 70% од граѓаните се изјасниле дека не се доволни што, види чудо, не става во друштвото на најнапредни и развиени држави како Сиера Леоне, Брегот на слонова коска, Нигерија…фино друштво кое неспорно нуди светла иднина. Осумдесет и осум проценти (88%) од граѓаните се изјасниле дека нема економски можности, овде веќе сме пред светски респектабилни држави како Аргентина, Перу и последната БиХ која „ни бега“ со 4%. Дури ни овде „не можевме“ да бидеме последни, но уште малку ни недостасува, верувам „здушно“ власта и опозицијата ќе успеат да ги надоместат овие 4%. Во однос на оптимизмот за промена на моменталните состојби, според искажувањето на граѓаните, Македонија се наоѓа на високото седмо место, секако доколку листата ја гледате од позиција на песимизам, прва е Нигерија а последна Швајцарија.

Податоците од „Галуп“ јасно кажуваат дека „народецот“ наш многу е свесен за тоа каде живее и кој и како ја креира неговата судбина, јасно му е што се политички права, економски можности и како тоа функционира во развиениот и цивилизиран свет. Аналогно на ова и што значи членството во ЕУ и НАТО, нешто што сеуште е форма. Наспроти „нашата“ олигархиско- политичка елита која единствено во вакви услови може да бидат тоа што се. Во ЕУ важат други правила на слободен пазар, приватна сопственост, потекло на имот, нешто што не е прифатливо за олигархиско-политичката елита па заедно со сите можни измислици и лукавства се спротивставуваат на вклучувањето на Македонија во ЕУ. Презентираните податоци се со цел да ја излечат „катарактата“ на властелините над нашата зла судба. Да бидам разбирлив ќе се послужам со зборовите на поетот „тргнете ја пајажината од очите“, додека сеуште имате (имаме), какво-такво, време.

Следејќи ги општествено-политичките случувања, креирани од власта, а здушно подржани од опозицијата, песимизмот за излекување на „катарактата“ се потврдува во секој момент како потврда на мислењето на граѓаните. „Кулата од карти“ ја согледуваме во целосното нефункционирање на институциите на системот, кој е најслабата „карика“, која овозможува корупција, насилие, попречување на политичките слободи, слободата на говорот, оневозможување на економскиот развој. Безидејноста на Власта се гледа во нивната стратегија „фингерај дека нешто прави, а да всушност ништо не се прави“, очекувајки некој „од надвор“ да подшепне што да се прави. Од овие причини и „нашиот“ т.н. Премиер секој викенд „инкогнито“ заминува на консултации во Белград. Секако Белград е главниот мислител за решавањето на „македонцките работи“, на таа дестинација редовно патува и т.н. лидер на опозицијата Мицкоски. Освен оваа политичка дестинација, да не ги навредиме другите општествени креатори, актуелни се и Софија, Тирана, Атина, Анкара, а во последно време посебно е актуелно едно маало во Истамбул – Фанар. Така што нашите олигархиско-политички елити се всушност аватари на одредени странски персони, нивната реторика со далечинско се контролира од надворешни центри, кои секако мислат сѐ најдобро за нас граѓаните во Македонија. Врз основа на ова, имајќи го пред вид  интелектуалниот капацитет, а пред се моралната девастација, порнократија е најсоодветниот израз со кој би го дефинирале владеењето на политичко- олигархискиот естаблишмент.

Но, од сите ѕвезди на нашето порнократско политичко небо најсјајна е ѕвездата на опозиционерот Мицкоски. Пред неговата безсмисла и безмилост во однос на неговите „следбеници“ како и националните македонски интереси и самиот Велзевуб би се поклонил. Неговиот „Договор со ѓаволот“ сигурно долго време, после него, ќе се проучува од историчарите на македонската  политика. Неговото место во историјата е обезбедено, макар и во фуснота. Одкако ги окрвави рацете со безмилосното трошење на актерите од 27 април, едните ги прати во затвор а другите „величествените осумина“ во канализацијата на историјата. Секако за да го смири неговиот „Ренфилдов синдром“ (пиење човекова крв) „дебело“ му помогнаа и оние кои го доведоа на местото Претседател на ДПМНЕ. Малодушниот плашливко Мицкоски кој немаше храброст нит на избори да се појави (не верувам дека некогаш во животот имал храброст за витешки уличен конфликт со тупаници, нит пак дека некогаш му дозволиле да заигра за маалскиот фудбалски тим), измислувајќи смешни изговори како „шпиценкандидат“, продолжува да ги „троши“ безмилосно луѓето согласно неговата девиза „сите ќе Ве потрошам за мојот опстанок“. Да принудиш возрасни луѓе да го погазат своето воспитание и достоинство и го „лижат она што го плукале“ (како ли ќе се појават пред своите родители и деца), принудувајќи ги пратениците да бараат превод на албански јазик е врв на цинизам. Но овде не е крајот на Мицковата злоба, како вели Ајнштајн нема крај на глупоста така и на цинизмот и крвожедноста на Мицкоски. Во следниот чин со разно-разни ветувања, да се спаси „големата“ идеја треба да има жртви, Мицкоски ќе жртвува десет до 12 пратеници кои ќе гласаат за уставните измени и со тоа повторно 10-12 семејства ќе „потроши“ и ќе ги стави на столбот на срамот и за век и векови ќе го „закопа“ достоинството и честа на одредени семејства, ставајќи ги во позиција да бидат стигматизирани од околината како предавници. Кај Мицкоски нема емпатија, филантропијата е нешто кое тој не го препознава, мизантропијата е негова политичка филозофија. Како што самиот се фали дека, ДПМНЕ има доволно кадар за да се „изгори“ оваа пратеничка група, веќе е подготвена листа на негови полтрони кои треба да бидат идни пратеници, најважно е тој „Даскалот“ да опстане. Нарцисоидноста на ДПМНЕ-овскиот Нерон, неговите фрустрации, малодушност и малициозност се основна причина зошто не се прифаќа предлогот на „Фракцијата…“ за прифаќање на уставните промени со акламација, поделена одговорност на сите пратеници од сите политички партии. Но, така би го изгубил „адутот“ да расчисти со сите оние што не го прифаќаат неговиот политички инфантилизам, аналфабетизам и оксиморонство (може и без „окси“). А и, не дај боже, може и да и помогне на Македонија!

Заклучокот е очебиен, живееме во несреќно општество, безидејно, безсмислено, втемелено врз столбот на хаосот подржуван со креирање на меѓунационални проблеми од страна на „нашата“ олигархиско политичка елита.

Наравоучение е дека сите Ние граѓаните на Македонија без разлика на нашите национални определби како и тоа кој на кој бог се поклонува, мораме да бидеме проактивни и си ја превземеме државата од узурпаторите, пред таа да се сруши како „Кула од карти“ поради кивањето на некое неконтролибилно мало дете кое видело дека „царот е гол“. Да излеземе од глувчовите дупки на конформизмот и безсмислата, да се охрабриме и се спротивставиме на олигархиско-политичкиот естаблишмент. За тоа ги имаме сите права, согласно Уставот на Македонија суверен или носител на врховната власт е – народот!

Во петтата недела по Пасха (Недела на Самарјанката)

Вонреден професор д-р Оливер Андонов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ