Објавено на:

Курти: Во Македонија го слават како антикорупционер, во Косово ги судат неговите за корупција

t

Сериозни проблеми со независноста на судството; сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, вклучувајќи насилство или закани со насилство врз новинари; сериозна владина корупција и злосторства кои вклучуваат насилство или закани за насилство насочени кон етничките малцинства или други маргинализирани заедници.

Ова е сумираната оценка на Стејт департментот за човековите права во Косово, чија влада и актуелен премиер Албин Курти имаат амбиции да се мешаат во внатрешните политички односи во Македонија. Иако Косово се уште во голема мерка функционира како меѓународен протекторат, што значи дека е под постојан и засилен мониторинг од надвор, актуелната власт во Приштина, што коалицијата „Вреди“ на албанските опозициски политички партии ја користи како пи-ар бренд и речиси секоја недела прави со Курти заедничка фото сесија, не е баш добар пример ни за Македонија. Имено, во извештајот на Стејт департментот има сериозни критики и за корупцијата во државата, иако поддржувачите на Курти овде во нашата земја тврдат дека неговата популарност кај нас се должи на силната политика на антикорупција.

Место тоа, во извештајот на САД стои дека иако законот предвидува кривични казни за корупција направена д страна на функционери, владата тоа не го спроведе ефективно.

-Имаше бројни извештаи за владина корупција. Службениците понекогаш се впуштаат во коруптивни практики неказнето. Недостигот на ефективен судски надзор и општата слабост во владеењето на правото придонесоа за проблемот. Случаите на корупција рутински беа подложени на повторени жалби, а судскиот систем често дозволуваше да застарат.НВО и меѓународните организации критикуваа заради бројни неуспеси на судскиот систем да ја гони корупцијата, истакнувајќи дека многу малку случаи покренати против високи функционери резултирале со пресуди. Изрекувањето на казните на високи функционери осудени за корупција честопати беше поблаго, стои во извештајот на Стејт Департментот.

Според тоа што е пренесено, Специјалното обвинителство и Специјалната истражна единица на косовската полиција отвориле кривични истраги против најмалку пет министри и двајца заменици министри за наводи за дела поврзани со корупција. Исто така, Основниот суд во Приштина ги прогласил за виновни министерката за индустрија, претприемништво и трговија Розета Хајдари и заменик-министерката за надворешни работи и дијаспора Лиза Гаши за непријавување имот и ги казнила со парична казна од 700 евра и 500 евра.

Владата на Курти презела веродостојни,„но неконзистентни чекори“ за да ги идентификува, истражи, гони и казни функционерите кои можеби извршиле и кршење на човековите права.

-Уставот предвидува независно судство, но судството не секогаш обезбедуваше правилен процес. Според народниот правобранител, спроведувањето на правдата било бавно и немало средства за да се обезбеди одговорност на судските службеници. Судските структури беа предмет на политичко мешање, спорни назначувања и нејасни мандати. Граѓанското општество често ја критикуваше владата за јавно мешање во независноста и непристрасноста на судските институции, особено во врска со истрагите за корупција на владините службеници. Во август, Обвинителскиот совет објави соопштение за медиумите во кое ја повика владата да престане со „континуираните уцени и понижувачки изјави кон обвинителскиот систем“. Како и во претходните години, народниот правобранител забележа општа загриженост во врска со неизвршувањето на судските одлуки, што придонесе за зголемен заостаток на предмети“, стои во извештајот на Стејт Департментот.

Курти и неговите структури не биле многу фини и кон медиумите чија слобода, според Стејт департментот, е загрозена и новинари се воздржувале од истражување на владината корупција од страв од реперкусија. Владата се обидела и да затвори една телевизија, Клан, но одлуката била поништена од суд.

-Остануваат веродостојни извештаи дека некои јавни функционери, политичари, бизнисмени, криминални елементи и религиозни групи се обидувале да ги заплашат претставниците на медиумите и употребиле насилство или закани со насилство врз новинарите. Здружението на новинари во Косово (АЈК) извести дека неколку пати било цел на дигитални кампањи за оцрнување кога ги бранелe новинарите и медиумите. АЈК објави дека владини функционери, вклучително и премиерот и членовите на владејачката политичка партија, учествувале во кампањи за клеветење за да сe поткопа довербата на јавноста во медиумите. Заклучно со септември, АЈК пријави 60 случаи на владини функционери, политички лидери, судски персонал, бизнис интереси, групи од заедницата, демонстранти или религиозни групи кои физички нападнале или вербално се заканувале на новинари, ја оштетиле нивната опрема или вршеле сајбер напади врз медиуми. Некои новинари се воздржуваат од критичко истражувачко известување поради страв за нивната физичка безбедност или безбедност на работното место, стои во извечтајот на Стејт Департментот.

Според наведеното, новинарите повремено добивале понуди за финансиски придобивки (поткуп) во замена за позитивно известување или за напуштање на истражувањата. Според некои уредници, владините агенции и корпорации го повлекле рекламирањето од медиумите што објавувале критички материјал. Во јули, владата објавила суспензија на деловната лиценца на најголемиот приватен радиодифузер во земјата, Клан Косова, поради наводно прекршување на регистрацијата, но во август, Стопанскиот суд во Приштина ја укинал суспензијата.

Иако кај нас се гледа низ розови очила политиката на Приштина кон малцинствата, Стејт Департментот регистрира многу неправилности и дискриминација. Па така се споменува дека претставници на косовските Срби тврделе дека владините институции не успеале да ги извршат судските пресуди во корист на косовските Срби, особено во споровите поврзани со имотот, што поедноставно кажано значи судат пристрасно и ги принудуваат да се иселуваат, бидејќи им го одземаат имотот.

-Централните и локалните власти во Дечан/Дечани продолжија да одбиваат да ја спроведат одлуката на Уставниот суд од 2016 година со која се потврдува сопственоста на Српската православна црква на повеќе од 24 хектари земјиште во непосредна близина на манастирот Високи Дечани. Во септември 2021 година, Уставниот суд го забележа континуираното одбивање на владата да ја спроведе судската одлука и го предаде прашањето до државниот обвинител. Заклучно со декември, обвинителот не покренал кривична постапка. Ниту еден од службените лица кои не ја извршиле судската наредба не е санкциониран, оценува Стејт Департментот.

Според оценката, комплексната мешавина на закони, регулативи, административни упатства и судски практики, како и незаконското повторно окупирање на имоти и повеќекратните барања за ист имот, продолжиле да го попречуваат решавањето на случаите за враќање на имотот што произлегле од војната и нејзините последици, од 1998 година до 2000 година. Повеќе од 95 отсто од барањата биле поднесени од етнички Срби. Една од причините за тоа е несовпаѓањето на катастарските документи бидејќи Србија ја зела целата катастарска евиденција од Косово кај себе и не ја враќа. Цената за тоа очигледно ја плаќаат Србите на Косово, а како резултат на тоа косовските Срби во Зубин Поток и Лепосавиќ обвиниле дека владата го експроприра (нивното) земјиште за полициски станици и поврзаната полициска инфраструктура (оптички кабли, патишта, итн.) без да ја следи законската процедури и нетранспарентно. Меѓународните правни експерти во август оцениле исто така дека владата на Курти не ги следи сопствените закони при планираната експропријација на 118 парцели земјиште во северно Косово, од кои мнозинството биле во сопственост на косовски Срби. Проблем е и можноста за бегалците од етничките малцинства од војната да се вратат во земјата, а постојаните грижи, според Стејт департментот, вклучуваат дискриминација на припадниците на малцинските заедници, страв од насилство или вознемирување, неуспех да се извршат судските одлуки (особено оние што се однесуваат на имотот), узурпација и штета на имотот, недостаток на пристап до образовни и економски можности и недостаток на јавни услуги во заеднички јазик. Општественото насилство, како и социјалната дискриминација и дискриминацијата при вработување, продолжија врз косовските Срби и другите етнички малцински заедници.

-Етничките малцинства, вклучително српската, ромската, ашкалиската, балканско-египетската, турската, бошњачката, горанската, хрватската и црногорската заедница се соочија со различни нивоа на институционална и општествена дискриминација во вработувањето, образованието, социјалните услуги, употребата на јазикот, слободата на движење, правото да се вратат во своите домови (за раселените лица) и други основни, законски предвидени права, стои во извештајот на САД за состојбата во Косово под раководство на владата на Албин Курти.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Зеленски: Очекуваме силен руски напад кон крајот…

Украина се соочува со „нова фаза“ на…

Андоновска: Реформа во образованието, проверка на знаењето…

Не постои државна институција каде има луѓе…

Ковачевски: СДСМ е силна партија, стожер на…

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар…

Курти: Повеќе од милион граѓани попишани на…

Остануваат уште две недели до крајот на…

Џулијан Асанж е прогласен за почесен член…

Здружението на новинари на Република Српска, по…