ЛДП бара Владата да се огради од глорифицирањето на Младиќ од страна на високи државни функционери

t

Либерално-демократската партија најостро ја осудува секоја форма на величење и глорификација на Ратко Младиќ – правосилно осуден на доживотен затвор за геноцид во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства.

Оттаму бараат Владата веднаш, јавно и недвосмислено да се огради од постапувањето на министерот за локална самоуправа и директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците и да утврди политичка одговорност.

Не може Македонија пред Брисел да се повикува на европски вредности, а дома Владата да молчи кога нејзини функционери учествуваат во величење на лице осудено за геноцид, посочуваат од ЛДП.

Според партијата, ова не е прашање на политички став, национална припадност или различно толкување на историјата. За геноцидот нема „друга страна на приказната” кога фактите се утврдени со правосилни пресуди на меѓународните судови.  Особено е недозволиво ваквата глорификација да биде поврзана со носители на високи државни функции.

Ова прашање не завршува со политичката одговорност. Мора да се испита и евентуалната кривична одговорност. Кривичниот законик, во член 407-а, го санкционира јавното негирање, грубо минимизирање, одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста и воени злосторства преку информационен систем, за што е предвидена и казна затвор. Затоа бараме Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, во рамките на своите надлежности, по службена должност да ги испитаат сите објави, изјави и дејствија поврзани со овој случај и, доколку се исполнети законските елементи, Кривичниот законик да биде применет без исклучок. Државната функција не смее да биде штит од законот, се вели во соопштението од ЛДП.

ЛДП бара и сеопфатна законска рамка со која јасно ќе се забрани јавното величење, афирмирање и промовирање на лица правосилно осудени за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства, како и промоцијата на фашистички, нацистички и други тоталитарни и насилни идеологии што поттикнуваат омраза и нетрпеливост.

Таквата забрана мора да важи и при именување и регистрација на здруженија, фондации, клубови, организации, јавни установи, улици, плоштади, манифестации и други јавни обележја, за тие да не можат да носат имиња или симболи со кои се величаат вакви личности, идеологии или злосторства, посочуваат од партијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ЛДП бара Владата да се огради од…

Либерално-демократската партија најостро ја осудува секоја форма…

„Не се гордејте со просекот на матурата…

Либерално-демократската партија (ЛДП) преку соопштение реагира на…

Во секоја општина да се отвори семеен…

По последните случаи со насилство во Гостивар…

На предлог на ЛДП и ЛИБСЕН евролибералите…

На предлог на ЛДП и ЛИБСЕН, Европските…

Зајкова: Ни се потсмеваа пред една година…

По последните информации кои доаѓаат од Град…