Левица гласаше против поддршка за онколошки случаи, нов мост и кружен тек во Сарај и поддршка за учениците
Изгласан новиот ребаланс на буџетот – нов мост и кружен тек во Сарај, нов влез на Скопје, нови улици и уште многу други проекти, објави на социјалните мрежи градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Во продолжение неговата објава на Фејсбук.
– Повеќе капитални инвестиции, поголема поддршка за граѓаните и историско намалување на обврските – тоа се резултатите од одговорното и домаќинско управување со Град Скопје.
Со ребалансот го зголемуваме Буџетот за дополнителни 61,76 милиони денари, со што основниот Буџет на Град Скопје достигнува рекордни 5.324.649.755 денари.
Ова е резултат на остварените заштеди, финансиската дисциплина и кратењето на непродуктивните трошоци.
Во минатото ребалансите значеа кратење на инвестициите и создавање нови долгови.
Ние покажавме дека може поинаку – нашиот ребаланс носи нови проекти и поголема поддршка за граѓаните.
Обезбедуваме:
– Нови 61 милион денари за Европската престолнина на културата – Скопје 2028.
– Нов капитален проект за изградба на мост и улица што ќе ги поврзат Ѓорче Петров и Сарај и ќе создадат нов влез во Скопје, за што во Развојната програма се предвидени 420 милиони денари.
– Дополнителни средства за онколошките пациенти.
До почетокот на август пристигнаа 1.265 уредни барања и сите беа исплатени.
Средства ќе има и за секој пациент што ќе поднесе барање до крајот на годината. Никој нема да биде изоставен!
– Нови клупи и столчиња, ИТ-опрема, училишни кабинети, игралишта и фитнес-зони, како и средства за ски-викенд за средношколците по успешната реализација на бесплатниот летен камп.
– Нови 25 милиони денари за реконструкција на помалите улици во скопските општини и 10 милиони денари за чистење на депониите.
Истовремено, додека ги зголемуваме Буџетот и инвестициите, ги намалуваме наследените обврски.
За само девет месеци, вкупните обврски на Град Скопје, јавните претпријатија, културните установи и средните училишта ги намаливме за 60,2 милиони евра!
Заклучно со 27 август 2026 година, Град Скопје ги намали тековните обврски за 322,1 милион денари и за дополнителни 743 милиони денари по основ на кредити, неисплатени експропријации, изгубени судски постапки со камати и судски трошоци, неисплатени субвенции и преземени програмски активности.
Обврските се значително намалени во сите јавни претпријатија:
– „Водовод и канализација“ – за 1,66 милијарди денари – ЈСП „Скопје“ – за 634,9 милиони денари – „Комунална хигиена“ – за 122 милиони денари
– „Паркови и зеленило“ – за 113,9 милиони денари – „Градски паркинг“ – за 52,9 милиони денари – „Улици и патишта“ – за 31,9 милиони денари
Половина од културните установи се целосно раздолжени, а кај останатите обврските се значително намалени.
Музејот на Град Скопје, кој минатата година имаше сериозни долгови и исклучена струја под раководство на кадри предложени од Левица, денес има нула денари обврски.
КИЦ, кој беше препознатлив по долгови, репрезентации и конгреси на ДУИ и Левица, до крајот на септември ќе има нула обврски, додека ДКЦ и Културниот дом „Кочо Рацин“ веќе се целосно раздолжени.
МКЦ ги намали обврските за 7,6 милиони денари, а обезбедени се средства за Планетариумот, киното „Милениум“ и е-спорт центарот. Зоолошката градина ги намали обврските за околу пет милиони денари, а Градската библиотека за 2,5 милиони, со дополнително намалување од 2,5 милиони денари до крајот на годината.
Заклучно со вториот квартал, обврските беа намалени за речиси 55 милиони евра, а до 27 август намалувањето достигна 60,2 милиони евра.
И додека ги враќаме старите долгови, инвестираме повеќе од кога било!
По најдобриот прв квартал во историјата на Град Скопје, зад нас е и најдобриот втор квартал според реализацијата на капиталните проекти.
Тоа го постигнавме и покрај наследената задолженост од речиси 300 милиони евра и девастираните јавни претпријатија.
Ги откочивме инфраструктурните проекти што не беа реализирани цели два мандата и започнавме голем број нови проекти.
Капиталната реализација во вториот квартал изнесува 706,3 милиони денари – повеќе од вкупната реализација во првите три квартали од првите години на Петре Шилегов и Данела Арсовска, која изнесувала 330,3 милиони, односно 368,4 милиони денари, земени заедно.
А според резултатите во јули и август, уште сега најавувам – следува и најдобриот трет квартал во историјата на Град Скопје!
Не создаваме нови долгови, ги враќаме старите.
Не ги кратиме капиталните инвестиции, ги зголемуваме.
Секој денар го насочуваме кон граѓаните и развојот на Скопје.
Продолжуваме уште посилно, со работа, резултати и јасна визија за иднината на нашиот град! – објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Ребалансот на Буџетот беше донесен на денешната Седница на Советот на Град Скопје, истиот беше поддржан од советниците од владејачкото мнозинство, а против одлуката беа само советниците на политичката партија Левица.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(ФОТО) Скопјанец ја исфрли цела дневна на…
Инспекторите на Град Скопје синоќа затекнале граѓанин…
Ѓорѓиевски: Скопје се гради, Македонија се движи…
Ги решивме имотно-правните пречки кај клучката „Момин…
Левица предлага студентскиот оброк да изнесува еден…
Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, на денешната…
Левица гласаше против поддршка за онколошки случаи,…
Изгласан новиот ребаланс на буџетот - нов…
Од 1.670 евра до над 2.150 евра…
Пазарот на недвижности во Европа продолжува да…