Објавено на:

Литванија е подготвена да возврати, но имаме и планови за евакуација поради заканите од Русија, порача литванскиот премиер

t

Премиерот на Литванија Миндаугас Синкевичиус, изјави дека неговата земја изготвила планови за евакуација поради заканите од Русија, но додаде дека тие „нема да се предадат“ доколку бидат нападнати, објави Би-би-си.

Синкевичиус за емисијата „Њузнајт“ (Newsnight) изјави дека Литванците се чувствуваат „постојано загрозени“ од Русија, делумно поради навлегувањето на беспилотни летала во воздушниот простор на земјата.

Тој рече дека доколку неговата земја биде нападната, „ќе возвратиме… ќе се вклучиме во борба“. Сепак, тој напомена дека постојат планови за „различни сценарија“ и наведе пример за „непречено“ извлекување на постарите граѓани од градовите и избегнување сообраќаен метеж.

Литванија, која е членка на НАТО, има копнена граница со руската енклава Калининград.

„Размислуваме за различни сценарија, за сите од нив не се дискутира многу во јавноста“, изјави Синкевичиус за Би-би-си. „Се соочуваме со конкретни закани – не на дневна основа, но сепак се соочуваме со нив и тоа е реалност за нас.“

Синкевичиус исто така рече дека Обединетото Кралство треба да направи „промена во начинот на размислување“ во однос на својот пристап кон одбраната, но истакна дека Литванија е „поблиску до границата и поблиску до заканата“.

Ова се случува само една недела откако пилоти на ловци на НАТО соборија беспилотно летало што навлезе во воздушниот простор на Литванија.

Иако потеклото на беспилотното летало не е потврдено, литванскиот министер за одбрана Робертас Каунас за емисијата „Њузхаур“ (Newshour) изјави дека тоа дошло од правец на Белорусија – соседна земја на Литванија и клучен сојузник на Русија.

Британскиот министер за одбрана Вес Стритинг изјави: „Благодарение на брзите и професионални дејства на литванските и италијанските сили, НАТО уште еднаш ја покажа нашата подготвеност да го заштитиме нашиот воздушен простор“.

„Остануваме обединети, деноноќно, во одбраната на секоја педа од територијата на НАТО“.

Москва не го коментираше инцидентот.

Навлегувањата на воени беспилотни летала станаа сè почести низ Европа од почетокот на руската целосна инвазија врз Украина.

Жителите на литванскиот главен град Вилњус исто така беа принудени да побараат засолниште во мај, откако беше активиран аларм за беспилотно летало, што доведе до привремен прекин на летовите и железничкиот сообраќај.

Авионите на НАТО повеќепати полетуваа за да ги соборат залутаните украински беспилотни летала што оваа година навлегоа во териториите на балтичките земји членки, Естонија и Латвија.
Украина ги припишува овие залутани летала на руското електронско војување – технологија дизајнирана да ги менува патеките на летот на украинските беспилотни летала.

Литванија, Естонија и Латвија се приклучија кон НАТО во 2004 година, станувајќи потписнички на одредбата од Членот 5, според која „вооружен напад врз една членка на НАТО ќе се смета за напад врз сите членки“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Миноски: Најдобро решение е Алта банка да…

Продажбата на Алта банка на поголема домашна…

Нетанјаху го оспорува изборниот резултат во Израел,…

Бенјамин Нетанјаху и неговите политички сојузници ги…

Тројца гостиварци пријавени за насилство по физичка…

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе…

Да бидеме хумани даму помогнеме на Стефан…

Почитувани пријатели, голем број од вас знаат…

МВР: Пронајдени 253 куршуми, рачна бомба и…

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Б.С.(33)…