Лога најавува дека уставните измени можеби нема да бидат само за вметнување на Бугарите
Преамбулата на Уставот со внесување на помалите заедници во државата ќе биде приоритет, но можно е да биде формулиран поширок пакет на уставни измени пред отворањето на највисокиот правен акт на државата.
Во оваа насока одат првичните размислувања во Министерството за правда, но крајниот збор ќе го каже работната група од експерти која треба да ја формира Министерството, што е прашање на денови.
Ова денеска го најави ресорниот министер Кренар Лога на брифинг со новинарите и во изјава по неговото завршување.
Меѓу прашањата за кои се размислува да бидат дел од пакетот уставни измени се: измени во делот каде се уредува дека министерот за правда по функција е член на Судскиот совет; регулирање на вакумот што се создава со распуштање на Собранието, како и вакумот при смена на еден министер со друг, што за време на последната реконструкција на Владата беше причина да се повлече издавањето на еврообврзницата, делот каде е регуларана употребата на јазикот што го говорат 20 проценти од граѓаните, односно промена на формулацијата „20 отсто“ со „Албански јазик“.
Сепак, како што нагласи Лога приоритет е Преамбулата и внесувањето на помалите заедници и посочи дека за овие прашања и за формирањето на работната група, тој е во постојана комуникација со премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на државата Стево Пендаровски и други истакнати личности.
„Јас сум во комуникација со сите чинители, како со премиерот и претседателот на државата како и со други истакнати личности. Верувам дека работната група за многу скоро време, односно за денови или недели ќе биде составена и се размислува не само за измени во делот на Преамбулата туку и за измени во другите делови на Уставот… Како и да е за сите овие прашања ќе треба да имаме консензус, но приоритет за нас останува Преамбулата во делот на вклучување на помалите заедници во државата. Ако има расположение кај сите учесници, ние сме подготвени сите овие предлози да бидат дел“, рече Лога.
Тој очекува и опозицијата да биде дел од работната група, не само за уставните измени туку и во други работни тела поврзани со реформите во правосудниот систем и во други области.
„Првата недела од мојата работа пратив писмо до ВМРО-ДПМНЕ да предложат свој член на работната група, потоа уште едно и до Мицкоски, каде кажав дека го отстапувам и местото претседател на комисијата. Нема да чекаме бескрајно, до крајот на оваа недела ќе почекаме, изјави Лога на денешниот брифинг со медиумите.
Минатиот понедленик вицепремиерот за европски прашања во гостување во „Топ Тема“ на ТВ Телма изјави дека Владата е подготвена да и отстапи на опозицијата да ги формулира уставните амандмани, како што тие мислат дека треба во согласност со преговарачката рамка, за да стекнат доверба во процесот дека нема ништо тајно.
Но, уште следниот ден опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја отфрли идејата на власта, порачувајќи дека овој парламентарен состав нема мандат да го менува уставот, став кој потоа неколку пати го повтори и лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Вандали запалиле контејнери со ѓубре во Ново…
Скопје нема да биде заложник на вандали,…
Здруженијата на лица со дијабетес бараат сензори…
На одбележувањето на Светскиот ден на дијабетесот…
ШОКАНТНО ВИДЕО: ИВА МИХАИЛОВА ТВРДИ ДЕКА Е…
Шокантно видео објави на Јутјуб бугарскиот новинар…
САД разгледуваат намалување на военото присуство во…
Намалувањето на американското воено присуство во Европа…
Митовски: Човек ми раскажа дека мајка му…
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, во…