Македонија во пекол: 9 пожари беснеат низ планините, дел опасни по села и куќи алармира ЦУК

t

Додека земјата се соочува со екстремно топло и суво лето, пожарите низ Македонија не стивнуваат, до пладнево се регистрирани 15 пожари, од кои 9 сè уште се активни и претставуваат сериозна закана за шумскиот фонд и локалното население.

Според најновите податоци од Центарот за управување со кризи (ЦУК), до 12:30 часот низ територијата на државата се регистрирани вкупно 15 пожари на отворен простор. Девет од нив се сè уште активни, а шест се ставени под контрола.

Најдраматично е во источниот и јужниот дел на државата – меѓу нив се шумските пожари што беснеат на подрачјето на општините Василево, Радовиш и Берово, каде што гори нискостеблеста шума, грмушки и смрека во реонот на Голем Готен и Малешевските Планини. Особено загрижува пожарот кај селото Бешиште во Прилеп, каде не може да се интервенира поради детонации, а огнот се шири кон селата Градешница и кон границата со Грција.

Мешани шуми и ниска вегетација гори и во шумскиот појас меѓу Прилеп и Кавадарци, во реонот на селата Царевиќ, Смолани, Радобил, Дрен, Галиште и Трстеник. Во Македонски Брод, пожарите го зафатија просторот помеѓу селата Црешево, Локвица и Крапа, каде гори деградирана дабова шума, а во Желино – помеѓу селата Церово и Групчин – се шири пожар во нискостеблеста и деградирана шума.

Сериозни последици трпат и општините Крива Паланка и Македонска Каменица, каде пламените јазици зафатија борова шума кај селата Нерав и Ќосевица. Додека кај селото Ореше, во Чашка, гори букова шума и ниска вегетација, а во Илинден, меѓу Мршевци и Бучинци, пожарот зафатил стрниште.

Состојбата е нешто постабилна кај шест пожари кои се ставени под контрола, но и тие се следат внимателно бидејќи не е исклучена можноста од повторно активирање. Меѓу нив е и пожарот во Облавце, Бељаковце и Довезенце кај Куманово, кој се прошируваше кон кратовските села Димонце и Коњух, каде веќе имаше закана по куќи.

Под контрола се и пожарите кај Грешница (Македонски Брод), Драгоево и Селце (Штип), Јунузлија (Карбинци), Горно Црско (Кичево), како и оној меѓу Катланово и селото Чифлик во Петровец.

ЦУК апелира до граѓаните да не палат оган на отворено, да пријавуваат веднаш секој забележан чад и да соработуваат со надлежните служби. Прогнозите најавуваат нестабилно време со ветер, што дополнително го зголемува ризикот за ширење на пожарите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Страшни слики во Албанија: Пожар уништи…

Голем шумски пожар синоќа избувнал на територијата…

Вкупно 31 пожар на отворен простор се…

Вкупно 31 пожар на отворен простор се…

Орхан Муртезани стапи на функцијата во НАТО,…

Новиот македонски амбасадор во НАТО, поранешниот министер…

Мицкоски: Растот на индустриското производство од 3,4…

Растот на индустриското производство во вториот квартал…

Девет активни пожари на отворено во Македонија

До 13 часот денеска во државава се…