Македонија во своите географски, етнографски, историски и економско-политички граници – Груевски објави „Меморандум за независноста на Македонија“ од 1913 година!

t

МЕМОРАНДУМ ЗА НЕЗАВИСНОСТА НА МАКЕДОНИЈА (1913 ГОД.)

Овој документ е составен и подготвен од членови на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург на 1 март 1913 година и испратен до британскиот министер за надворешни работи сер Едвард Греј, амбасадорите на голмите сили при дворот во Лондон и рускиот министер за надворешни работи. Меморандумот бил објавен во целост или во делови во „Македонски глас“, повеќе руски печатени весници и други весници во Европа. Составувачи и потписници на меморандумот се Димитрија Чуповски, Александар Везенков, Гаврил Константинович и Наце Димов. Тројца од нив се на фотографија подолу, фотографирани само 20 дена по испраќањеро на документот.

Во прилог на овој меморандум Димитрија Чуповски ја изработил и објавил политичко-географската карта на Македонија насловена во нејзините природни, географски, етнички и економско-стопански граници „Карта Македониiа“ со поднаслов „по програма на македонските народници“. Фотографија од картата подолу.

* * *

Меморандум за независност на Македонија од 1 март 1913 година, предаден од македонската колонија во Петроград до Конференцијата на големите држави во Лондон

“Македонија, која пред 35 години ја ослободија Русите, со Берлинскиот договор беше одново вратена под поранешното турско господство. Овој настан се покажа за Европа како извор на постојани грижи и силни неспокојства, за Турција како причина за одложување на внатрешната преродба и средување на нејзините односи со соседите, а во самата Македонија тоа предизвика нови потоци од крв и беспримерни народни страдања. Сите дипломатски советувања, сите проекти, сите истапи на странските монарси и застапување на европските контроли ништо не помогнаа.

Сега Македонија одново е ослободена. Но Европа е готова да ја направи истата грешка што беше направена во 1878 г. Наместо Македонија да се прогласи за самостојна држава, нејзините нови ослободители решија да ја разделат меѓу себе; ние сме убедени и длабоко веруваме дека свесниот и демократски дел на бугарскиот, грчкиот и српскиот народ не учествуваат во оваа братоубиствена поделба на македонскиот народ Меѓутоа, Македонија располага со сите природни и историски права на самоопределување. Низ сите векови таа беше самостојна политичка единица, или влегуваше во состав на друга држава.

Ова произлегува од нејзината географска целина и особеност.Границите на Македонија јасно се означени со планинските вериги што ја опкружуваат и со морскиот брег. Оваа географска целина и целиот систем на плодородни долини и полиња расположени како лепеза ја условуваат исто така економската целина и неделивоста на земјата.

Еднородно е, исто така, и населението на земјата. Според податоците од разни авторитетни истражувачи, 2/3 од населението на Македонија претставуваат посебно словенско племе. За да се одбегнат во иднина какви и да било триења меѓу народите што и се соседни на Македонија, за да им се даде можност и на помалку значајните групи од други народности што се замешани во словенската маса: Албанци, Грци, Власи, Турци и Евреи да имаат слободен и непречен национален живот, единствениот пат е да се создаде слободна независна Македонија.

На тој начин, за сите соседи на Македонија е попогодно оваа земја да остане неразделена, зашто, при какво и да е разграничување, дел од живите сродници ќе остане под туѓо господство и ќе загине.

Македонците го извојуваа правото на самоопределување и низ целата своја најнова историја. Во името на независноста и слободата тие се бореа со векови, особено по Берлинскиот договор тие безброј пати се креваа на востанија и секогаш се одликуваа со решителност и храброст. Во последната војна Внатрешната македонска организација и 27-те емигрантски братства формираа многубројни македонски одреди, кои укажаа големо влијание врз текот на војната и со своето јунаштво ја заробија 12-илјадната војска на Јавер-паша.

Во критичниот момент на српската армија кај Куманово, кога таа почна да отстапува, се појавуваа 6.000 македонски четници и со бомби в раце ја напаѓаат во заднината турската војска, Турците избегаа во паничен страв, оставајќи им се на победниците. Овие крупни македонски победи Србите и Бугарите намерно ги премолчуваат и никому не му дозволуваат за нив да пишува. Освен тоа, Македонците не еднаш ја пролевале својата крв за грчката, српската и бугарската слобода и на тој начин си го извојуваа правото на војувачка страна. Во овој момент македонската војска се бори заедно со сојузниците и има околу 70.000 четници и ополченци. Сега во Македонија царува ужасен терор, “слободата” на сојузниците нема граници, никој од Македонците нема право да отпатува од Македонија во странство за да протестира кај европските држави. Кој ќе се обиде тоа да го стори, него или го убиваат, или го ставаат во затвор. Војската на сојузниците ја опкружи цела Македонија со железен обрач.

Врз основа на сето ова Македонската колонија во Петроград, исполнувајќи го светиот долг кон својата татковина и свесно застапувајќи ја паролата „Македонија на Македонците” протестира и не може да остане рамнодушна кога сојузените балкански држави (Бугарија, Србија и Грција) наши браќа по крв и вера се стремат да ја раздробат нашата татковина, која стои на исто културно ниво со нив, која и по бројноста на населението (три и пол милиони жители) е поголема од Србија и Грција поодделно. Таа не може да го гледа без болка пропаѓањето на својата несреќна татковина, погребувањето и уништувањето на политичкиот и духовниот живот на целата нација. Поделбата на Македонија од нејзините браќа е најнеправедниот акт во историјата на народите, газење на правата на човекот, срам за целото словенство.

Турското ропство е заменето со христијанско, но не е далеку оној Злокобен час (тој наближува македонските четници веќе истапуваат против непријателите на својата татковина), кога Македонците отворено ќе му кажат на целиот свет: Подобро е да умреме во борбата за својата слобода, отколку да живееме одново во ропство”.

На македонскиот народ му е потребно:

1) Македонија во своите географски, етнографски, историски и економско-политички граници да остане единствена, неделива, независна балканска држава.

2) Во најскоро време, да се свика врз основа на општо гласање македонско народно собрание во Солун, кое подробно ќе го разработи внатрешното устројство на државата и ќе ги определи своите односи со соседните држави”.

“Документи за борбата…” Том 1 ИНИ Скопје 1968

* * *

Какво било времето и околностите во кои е составен, испратен и објавен меморандумот?

Тоа е време неколку месеци по првата балканска војна (18 Октомври-4 Декември 1912 година), кога сојузниците Србија, Бугарија и Грција ја нападнале веќе крајно ослабената османслиска империја, ја победиле и ја довеле во ситуација да подпише примирје но де факто тие го запоседнале делот на Македонија и поголем дел од Тракија.

Па така, Србија ја освоила цела речиси Албанија и поголем дел од вардарска Македонија до Гевгелија и до пред Лерин, Бугарија ја освоила источна Македонија а останатото го освоила Грција при што во Солун влегле и грчките и бугарските војски.

Брзо по завршување на Првата балканска војна, во средината на декември 1912 година, била свикана Лондонската конференција за мир со цел потпишување на договор меѓу Балканските сојузници и поразената Турција.

Прилично задоцнети, во преговорите Турција со намера да задржи што поголема територија на Балканот предложила на Македонија и Албанија да и се даде автономија под суверенитет на Турција, што не било прифатено иако македонскиот народ активно учествувал во војната против Османслиската империја и очекувал тоа да биде валоризирано од сојузниците. Уште на крајот на декември Србија се повлекла од Албанија на што влијаеле големите сили, осбено Аватро-Унгарија и Италија кои уште од поразот на Турција од Русија во 1878 година, слутејки го скорешното крај на разнипаната османлиската империја почнале сериозни подготовки во Албанија преку испраќање конзули во повеќе места, отворање училишта, создавање образовна елита во општеството, се заради создавање национална свест и света за потреба од државност а со крајна цел да не се случи Албанија да биде освоена од Србија и Србија да стане преголема.

Меморандумот е подготвен, испратен и објавен токму во време кога се подготвува лондонската мировна конференција, поточно на два и половина месеци пред нејзиното одржување (17-30 мај 1913 година).

За жал македонските не биле на масата во Лондон, и од тие причини се испраќа овој меморандум.

Сакам во контекст на денешните актуелни барања и негирање од страна на нашиот источен сосед да потенцирам дека меморандумот е испратен 31 година пред првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944. Меморандумот изобилува со зборовите : “Македонците”, “македонските”, “македонски народ”, “македонска победа” итн вклучувајќи го и слоганот “Македонија на Македонците”. Јасна е дистинкција тоа помеѓу Македонците од една и Бугарите, Србите и Грците од друга страна. Братски народи но различни.

Инаку од лондонската мировна конференција Бугарија излегла најнезадоволена и и веднаш по нејзиното завршување на 30 мај 1913 година започнала подоготовки и веќе на 29 јуни ја започнала втората балканска војна напаѓајки ги Србија и Грција на чија страна застанеле и Романија и Црна Гора.

Големите сили се договориле да не се вмешуваат доколку не дојде до загрозување на севкупниот опстанок на било која од учесниците. Таа војна трае околу еден месец, во летото 1913 година а за време на нејзиното траење се подготвува букурешката мировна конференција која завршила со договор потпишан на 10 август 1913 година во кој се потврдува поделбата на Македонија. Војната завршила со пораз на помалубројната Бугарија, која морала и да остапи дел од претходно освоената територија која истата ја вбројува во една од своите четири национални катастрофи и која војна практично ја започнала за освојување на Македонија.

*Фејсбук статус на поранешниот премиер Никола Груевски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонките се мажат најмлади во регионот, на…

Жените во Македонија најмлади стапуваат во брак…

ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ГЛАСА И СО…

Пратениците денеска го изгласаа Изборниот законик, со…

Исчезна 14-годишната Ринеса: Ако имате било каква…

Новинарот Фуркан Салиу, објави дека е исчезнато…

Европскиот план за развој на Западен Балкан…

САД ја поддржуваат ЕУ во намерата да…

Пендаровски-Османи: Заеднички напори за стабилност во регионот

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Приштина, во…