Македонија од денеска може да ги користи 100-те милиони евра од ЕУ за реформи и економска стабилност
Одлуката на ЕУ за обезбедување макрофинансиска помош за Македонија во износ до 100 милиони евра за справување со последиците предизвикани од руската агресија врз Украина, стапи во сила, откако денеска официјално е објавена во „Службен весник“ на Европската унија.
Одлуката што Советот за општи работи (ГАК) на Унијата едногласно ја одобри на минатиот понеделник, е потпишана од претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола и од шпанскиот државен секретар за Европската Унија, Паскал Наваро Риос, во името на претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел.
Во документот од ЕУ се наведува дека македонската економија е значително погодена од рецесијата предизвикана од пандемијата и енергетската криза поради руската агресија врз Украина и големата зависност на земјата од увоз на гориво и електрична енергија.
Одлуката, што беше усвоена од страна на Европската комисија на 6 февруари годинава, претходно беше одобрена и од Европскиот парламент на 13 јуни.
Макрофинансиската помош на ЕУ следи по двегодишната програма за поддршка склучена со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во износ до 530 милиони евра и ќе придонесе за покривање на финансиските потреби на Македонија во 2023 и 2024 година, кои се идентификувани во програмата на ММФ.
Предуслов за одобрување на макрофинансиската помош е Македонија да ги почитува демократските механизми, вклучително и повеќепартискиот парламентарен систем и владеењето на правото и да гарантира почитување на човековите права.
Во соопштението на Советот се наведува дека Европската комисија и македонските власти ќе се договорат за јасно дефинирана економска политика и финансиски услови, со фокус на структурните реформи и здравите јавни финансии, за кои ќе оди помошта.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Бесплатен интернет на 72 локации во 64…
Вкупно 72 локации во 64 општини низ…
ЕУ ќе воспостави присуство на својата воена…
Советот на Европската Унија одлучи да воспостави…
Палмер: Македонија направи сè што Европската унија…
Македонија направила сè што Европската унија побарала…
ЕУ ги почна преговорите за бесплатен роаминг…
Европската комисија ги започна преговорите со Србија,…
Урсула фон дер Лајен следната недела во…
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер…