Македонија со скок од 29 позиции на Глобалниот индекс за сајбер безбедност

t

Македонија направи значителен напредок во областа на сајбер-безбедноста, откако на најновото издание на Националниот индекс за сајбер-безбедност (NCSI) се искачи за 29 позиции и сега се наоѓа на 30. место меѓу 155 рангирани држави и територии.

Земјата има освоено 84,17 од можни 100 поени, со што е вброена меѓу државите со високо ниво на подготвеност за спречување сајбер-закани и справување со сајбер-инциденти.

Индексот го развива естонската „Академија за е-управување“ (e-Governance Academy), а подготвеноста на државите се оценува преку 49 индикатори распоредени во 12 области. Во проценката се земаат предвид законската рамка, официјалните документи, институционалните механизми, но и доказите за практично спроведени мерки.

Според најновото рангирање, Македонија има максимални оценки во повеќе области, меѓу кои политиките за сајбер-безбедност, заштитата на критичната информациска инфраструктура, образованието и професионалниот развој, заштитата на личните податоци, одговорот на сајбер-инциденти и борбата против компјутерскиот криминал.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски оцени дека напредокот претставува меѓународна потврда за спроведените реформи.

„Скокот од 29 позиции е меѓународна потврда дека реформите што ги спроведуваме создаваат конкретни и мерливи резултати. Во изминатиот период воспоставивме појасна институционална одговорност, современа законска рамка и посилни механизми за заштита на критичната инфраструктура и за одговор на сајбер-инциденти“, изјави Андоновски.

Како дел од преземените мерки се наведуваат донесувањето на Законот за безбедност на мрежни и информациски системи, усвојувањето на Стратегијата за сајбер-безбедност 2025–2028 и Акцискиот план за нејзино спроведување, како и воспоставувањето механизми за национална координација и зајакнување на капацитетите за пријавување и справување со сајбер-инциденти.

Новата законска рамка ги утврдува надлежностите на Министерството за дигитална трансформација во областа на безбедноста на мрежните и информациските системи, а воведува и обврски за управување со сајбер-ризици и пријавување инциденти.

Од Министерството најавуваат дека ќе продолжат со спроведувањето на Стратегијата и Акцискиот план, со фокус на зајакнување на националните капацитети, развојот на стручниот кадар, подигнувањето на свеста кај граѓаните и компаниите и продлабочувањето на меѓународната соработка.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ДЗР: Македонија е неподготвена за справување со…

Во услови на зголемена изложеност на ризици…

ВЛЕН: ДАЛИ АХМЕТИ ГО ПУШТА ГРУБИ НИЗ…

Колку повеќе Али Ахмети се обидува да…

САД планираат да отворат две воени бази…

САД планираат повторно да отворат две поранешни…

Во САД оди и Димитриеска Кочоска, ќе…

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска е во…

Британскиот премиер: Загрижени сме за иницијативата „Произведено…

Британскиот премиер Енди Бернам пред средбата со…