Македонските новинари и во 2025 година биле под закана на онлајн напади и економска несигурност
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го презентираше годишниот извештај „Индикатори за степенот на слободата на медиумите и Индекс на безбедноста на новинарите 2025“, кој покажува дека во 2025 година се забележани одредени позитивни поместувања, меѓу кои воспоставувањето регистар на онлајн медиуми и изборот на нови членови на советите на медиумскиот регулатор и на МРТ. Сепак, онлајн нападите и нивната неказнивост продолжуваат, а суштинските реформи и целосното усогласување на националното законодавство со регулативата на Европската Унија, вклучително и со Европскиот акт за слобода на медиумите (EMFA), сè уште не се завршени.
„Практичната примена на законските гаранции останува недоследна, додека независноста и ефикасноста на дел од институциите и понатаму се предмет на јавни дебати“, стои како забелешка во извештајот.
Посебен дел од извештајот е посветен на Индексот на безбедноста на новинарите. Наодите покажуваат подобрена институционална реакција во дел од случаите на физички напади, но според ЗНМ сериозни предизвици и натаму претставуваат онлајн заканите, говорот на омраза, јавните дискредитации, економската несигурност и недоволно ефикасната борба против неказнивоста.
„Особено загрижува порастот на онлајн вознемирувањето и сексистичките напади насочени кон новинарките, што укажува дека дигиталниот простор станува сè поризична средина за професионално новинарство“, посочуваат од ЗНМ.
Извештајот нотира и дека економската ранливост на медиумите останува еден од клучните проблеми.
„Нискиот социо-економски статус на новинарите, особено во приватните и локалните медиуми, недоволната сигурност на работните места и ризиците поврзани со повторното воведување државно рекламирање можат негативно да влијаат врз медиумскиот плурализам, уредувачката независност и транспарентноста при распределбата на јавните средства“, стои во извештајот.
Годишниот извештај е изработен во рамките на регионалната мрежа „SafeJournalists“, која годинава одбележува десет години постоење. Мрежата претставува најголема регионална иницијатива за следење на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Западен Балкан, во која ЗНМ учествува заедно со партнерските новинарски здруженија од регионот.
„Извештајот претставува значајна алатка за креирање политики засновани на докази и за следење на реформите во медиумската сфера. Борбата против неказнивоста за нападите врз новинарите, усогласувањето на домашната регулатива со европските стандарди и подобрувањето на професионалните и економските услови за работа остануваат клучни предуслови за слободно, безбедно и независно новинарство во Северна Македонија“, нагласуваат од ЗНМ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ДЗС: безбедно отстранети две минофрлачки гранати од…
Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) безбедно…
Одамна заслуживме да бидеме во ЕУ, но…
Досието на Македонија е многу сложено, но…
Мицкоски од Самитот во Црна Гора: Очекувам…
Премиерот Христијан Мицкоски очекува силни пораки за…
Македонија со седум борачи на Светското првенство…
На предстојното сениорско Светско првенство во борење,…
ВЛЕН: ММФ и Светската банка ги зголемуваат…
ММФ и Светската банка ги зголемуваат прогнозите,…